Камерите поставени на градските улици – снимаат. Брзо возење, минување на црвено… Денес стартува едномесечниот тест период на системот „Сејф сити – Безбеден град, безбедна држава“.
Во пробниот период, за неправилностите и направените прекршоци сторителите ќе добиваат известувања. Казни нема да се изрекуваат. Така ќе биде се до Нова година. Веќе од први јануари идната година, системот ќе почне целосно да се применува, соопштија од Министерството за внатрешни работи.
„Сторителите на прекршоци што ќе бидат документирани преку овој систем ќе бидат санкционирани согласно одредба што ја регулира најголемата дозволена брзина на движење на возилата. Нема да има толеренација, без разлика дали ќе се документира прекршок во населено место или надвор од населено место“, посочуваат од МВР.
Според правилата во рамките на „Безбеден град“, возачите, односно сопствениците на возилата чие прекршување ќе биде документирано, ќе добијат СМС порака и маил известување со линк, на кој ќе може да се преземе записник и платен налог. Од тој момент ќе тече осумдневниот период со можност за плаќање половина од сумата за изречената казна.
Доколку сторителот не постапи на овој начин, во следните осум дена ќе мора да го намири целиот износ. Ако обврската не се исполни ќе почне постапката за присилна наплата.
Казните ќе можат да се плаќаат и електронски, а за реализацијата системот веднаш ќе ја известува полицијата.
По бројните сообраќајни незгоди и несреќи со фатален епилог, кои зачестија во последно време, очекувањата се дека системот и казните ќе придонесат за безбедноста во сообраќајот. За почеток, ќе бидат снимани возачите во Скопје, Куманово, Тетово, исто како и сите што се движат по автопатите и експресните патишта долж коридорите 8 и 10. Според МВР, во текот на првата половина од година со системот ќе биде опфатена целата држава.
Аналитика








