Немаат вработени, а бизнисот им оди добро. Толку добро што приходите и профитот се мерат во милиони евра. Ни денар од заработката не се двои за плати, за здравствено и пензиско осигурување или други давачки. Зад популарно наречените фантомски фирми најчесто стои по еден човек. Тој е самиот газда, некој од неговото потомство или, едноставно, ангажирано лице со менаџерски договор без обврска за засновање работен однос.
Законот за трговски друштва го овозможува ваквиот деловен пристап, а дадената можност ја користат 7.519 фирми. Тоа е состојбата од 2024 година, а опфатени се фирмите со нула вработени и тие без податок за вработени. Сите тие оствариле заеднички приход од 532 милиони евра. За една година, нивниот број е зголемен за 571, но приходите се намалени за повеќе од 50 милиони евра. Преклани биле евидентирани 6.948 вакви фирми со вкупен приход од 584 милиони евра. Во 2023 година, нивната вкупна добивка изнесувала 74,5 милиони евра, а лани ‒ 88,1 милион евра. Инаку, вакви фирми има од многу профили – градежни, услужни, консултантски, трговски, во кои спаѓаат и тие што продаваат струја…
Пари ги анализира топ петте фирми што направиле најголеми профити и топ петте со највисоки приходи. Кои се невидливите, а истовремено моќни компании, каде што не се потребни работници, а парите се слеваат на големо?
НИСКИ ТРОШОЦИ, МИЛИОНСКИ ДОБИВКИ
Интересен е и фактот, изведен врз база на податоците од Бизнис Мрежа, дека петте компании со нула вработени и со највисоки профити, лани забележале вкупна добивка од над 30 милиони евра. Најголемиот дел, или 20,6 милиони евра, се на сметката од Каменимост комуникации. Споредено со 2023 година, чистата заработка е поголема за 32,47 насто. Иако е прва по профит, Каменимост комуникации е трета по приход, за 32,22 насто повисок од преклани, а се брои со 20,78 милиони евра. Разликата меѓу приходите и добивката ги претставува годишните трошоци ‒ 107 илјади евра.
Всушност, компанијата за консултантски услуги, која датира од 2000 година, веќе две децении опстојува меѓу најголемите и најпрофитабилните фирми. Потребата од нејзиното формирање била да внесе баланс меѓу интересите на акционерите во Македонски телеком ‒ Маѓар телеком, фондот на милијардерот Џорџ Сорос ‒ Сорос Инвестмент, и грчки Космотелко, кои во тоа време поседуваа 51 насто од акциите. И покрај тоа што нешто подоцна Сорос и Космотелко своите акции му ги продадоа на Маѓар телеком, а постоењето на консултантската компанија стана излишно, сепак, фирмата не само што не згасна, туку заработува големи пари.
Профитот на наредните две фирми во однос на прворангираната е понизок за околу седум пати. Се работи за СЈ компани, со добивка од над 3 милиони евра, и за Инвестмент интернационал, со добивка од 2,86 милиони евра. Нивната сопственост е поврзана со бизнисменот Светозар Јаневски, познат како Свето Пивара и Свето Тиквеш. И за двете, од кои СЈ компани е регистрирана како трговско друштво за трговија, производство и услуги (постои од 1996 година), а Инвестмент интернационал е друштво за градежништво, трговија и услуги (постои од 2005 година), нема претходни податоци.
Извор: Бизнис Мрежа
На четвртото и петтото место се исто така фирми што имаат ист сопственик, Рајес Леменс. АИМ инвестментс се позиционира меѓу петте најпрофитабилни со добивка од близу 2,3 милиони евра, а АИМ проперти со добивка од 1,4 милиони евра. Сепак, за нив имало и подобри времиња. Станува збор за друштва за трговија и услуги, при што кај првата годишното намалување на добивката е ‒ 10,74, а кај втората ‒ 7,81 насто.
ВЕРУВАЛЕ ИЛИ НЕ ‒ ПРИХОДИ ЗГОЛЕМЕНИ ЗА 107 ИЛЈАДИ ПРОЦЕНТИ!
Од петте компании без вработени, а со највисоки приходи, четири се занимаваат со трговија на струја, а кај три има опаѓачки тренд во споредба со 2023 година. Но, една фирма успеала да го зголеми приходот за неверојатни 106.872,69 насто. Сите заедно лани направиле приход од 154,3 милиони евра, што е за триесетина, поточно за 28,93 насто помалку од прекланските 217,1 милион евра.
Првото место со приход од 62,2 милиони евра го зазема ХСЕ Мак енерџи. Во 2023 година приходите ѝ биле за 44,24 насто поголеми, т.е. во износ од 111,6 милиони евра. Инаку, фирмата основана во 2009 година е во сопственост на Холдингот Словенски електране д.о.о. Љубљана.
Пад од 25,25 насто е регистриран кај приходите на МВМ партнер, кои лани изнесувале 37, а преклани биле близу 50 милиони евра. Друштвото за трговија со електрична енергија, кое постои од 2014 година, нема вработени, но има петмина управители, Унгарци. Во сопствеништво е на МВМ партнер акционерско друштво од затворен карактер за трговија со енергија.
Извор: Бизнис Мрежа
Најголемиот пад во приходот, од 53,51 насто, го има друштвото за трговија со електрична енергија Дисам НМ. Од над 40 милиони евра во 2023 година, паднал на 18,6 милиони евра лани. Фирмата постои од 2019 година, а сопственик е Енерџи Денмарк. Има двајца управители – Данец и Виетнамец. Првиот е од електро-енергетскиот бизнис, а вториот од производство на обувки.
Малку над 14 илјади евра во 2023 година, Петрол-енергетика лани ги зголемил приходите за извонредни речиси 107 илјади насто и постигнал приход од 15,5 милиони евра. И оваа фирма е во словенечка сопственост, односно газда е Петрол Словенска енергетска дружба д.д. Љубљана. На нашиот простор постои од 2010 година.
Македонија не е единствената земја што ја дава можноста фирмите да работат без вработени. Според податоците, во Србија без работна сила можат да функционираат друштвата со ограничена одговорност, а Законот дозволува ангажирање лица преку договори за повремени и времени работи или преку договори за дело, кои не создаваат формален работен однос. Тоа го има и во хрватската практика, но постојат строги законски правила. Законот за спречување нерегистрирана работа, кој стапил во сила во 2023 година, има за цел да се елиминираат евентуалните злоупотреби и да осигура дека работниците имаат соодветни договори и придонеси.
Во Албанија не се потребни вработувања во малите бизниси, а иста е состојбата и во Босна и Херцеговина. Тоа е законски дозволено и во Црна Гора, а од лани ‒ со фокус на сезонската работа.
Меѓутоа, оваа практика не е само во нашето опкружување, туку постои и во светски рамки.
Без оглед на законската покриеност, овој начин на работење го отвора прашањето за праведност и одржливост на моделот. Со самото тоа, ваквите фирми се поконкурентни од сите други во чии редови работната сила е регуларно ангажирана. За разлика од нив, чија обврска е да имаат само управител, поголемиот дел од компаниите мора секој месец да обезбедуваат плата за вработените и да ги подмират сите трошоци што произлегуваат по таа основа.
Исто така, експертите предупредуваат дека милионските износи што се создаваат во компаниите со нула вработени можат да упатуваат и на неправилности од типот на затајување данок или други нелегални трансакции. Оттаму е и потребата за построга регулатива и контрола.
Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска