Економската соработка која се одвива на релацијата со Германија е на високо ниво и кога се зборува за трговските партнерства, таа земја традиционално ја има врвната позиција. Затоа и во моментите кога економскиот мотор на Европа почнува да ја губи силата, не е сеедно како работите ќе се одвиваат понатаму. Дали ќе следи брзо опоравување или, пак, ќе биде потребна подолготрајна санација, доколку се случи моторот да „зариба“.
Пред се, поради фактот дека домашната економија е зависна од германската. Сепак, алармот не треба да се вклучи, барем засега. Според познавачите на состојбите, Македонија не треба да стравува, но предупредуваат, движењата мора будно да се следат. Особено што дел од европските аналитичари веќе предвидуваат дека германската економија ќе го изоди патот на долга рецесија, а заклучокот се базира врз слабата активност во индустриското производство и во малопродажбата.
Трговската размена помеѓу двете земји е во постојан подем и ги достигна рекордните речиси 4,8 милијарди евра. Пораст има и кај извозот и кај увозот. Податоците говорат дека од вкупната извозна активност на Македонија, 45 отсто се насочени кон Германија, додека увозот надминува 1,2 милијарди евра. Освен тоа, во земјава има околу двеста германски компании, а и директните инвестиции се во голем број. Во најава се и две нови: за производство на батерии за велосипеди, мопеди и други помали производи за индустријата, и за производство на текстил. Ова минатата недела го соопшти Антје Ванделт, новата директорка на Германската стопанска комора во Македонија, која воедно посочи дека заинтересираноста на германските компании за македонскиот пазар е голема.
Нејзиниот став е дека рецесијата во Германија нема да влијае негативно на трговската размена со Македонија и воопшто на македонската економија. Тамошните случувања ги образложи со падот на личната потрошувачка поради инфлацијата, односно со високите цените за греење, кои биле причина за кастрење на другите трошења.
Забавувањето на економскиот раст е последица на високата инфлација и намалената потрошувачка. Таквата состојба е присутна во две тримесечја едно по друго. Последниот квартал од 2022 Германија го заврши со пад од 0,5 проценти, а и годинава ја почна со негатива од 0,3 отсто во економскиот раст, забележан по првите три месеци. Всушност, тоа е и причината за техничката рецесија. Инаку, квартално потрошувачката на населението е намалена за 1,2 проценти, а државната за 4,9 отсто.
Експертите, кои ја гледаат големата слика, сметаат дека германската економија нема брзо да ја поврати силата. Во тој контекст се посочуваат несоодветната монетарналитика и растот на каматните стапки од една, и од друга страна – забавувањето на американската економија. Не се подобри ниту прогнозите на Меѓународниот монетарен фонд, според кои, годинава германската ќе биде најслаба меѓу напредните економии во светот. Со што ќе биде погодена и европската економија.
Домашните експерти, пак, велат дека не е едноставно да се процени колку германската рецесија ќе влијае врз нашата економија. Посочуваат дека инфлацијата веќе забавува, но има и други внатрешни и надворешни ризици кои вршат притисок. Оттаму и укажувањата внимателно да се следат движењата во Германија, бидејќи заслабнатата економска активност може да се одолжи, со што би дошло до прелевање кај трговските партнери, меѓу кои е и Македонија.