ПОВЕЌЕ

    КАКО ТРИО-БАНКИ ДОЈДЕ ДО ПРОФИТ ОД 161 МИЛИОН ЕВРА – само од каматите наплатени 230 милиони

    Време зa читање: 3 минути

    Повеќе од 161,5 милиони евра е заедничкиот профит на трите банки кои го држат најголемиот дел од банкарскиот простор во Македонија. Резултатот го претставува исходот од деветмесечното работење, и извесно е дека износот ќе биде повисок откако ќе се сумираат годишните постигнувања.

    Кога се работи за добивката и нејзиното квартално зголемување, неприкосновена е лидерската позиција на Комерцијална банка. Овојпат се зборува за 72 милиони евра и за раст од 45,1 процент. Минатогодишните 50 милиони евра запишани исто така на 30 септември, се веќе историја.

    Придонесот на Стопанска банка Скопје во вкупното остварување на големата тројка е значајно, со 45,35 милиони евра. Добивката на оваа банка, во однос на споредбениот период, повисока за 12,54 насто

    Друштвото не би било потполно без НЛБ банка, чија добивка е натфрлена за 11,6 проценти. Во конкуренцијата на најпрофитабилните влегува со 44,2 милиони евра.

    Најисплатливиот дел од банкарското работење е кредитирањето, а веднаш потоа и провизиите за понудените и извршени услуги.

    Високи се бројките запишани во ставката нето-приходи од камати, каде што трите банки заедно бележат сума од 204,4 милиони евра.

    Кога ќе се израмнат сметките меѓу наплатените каматни стапки за кредитите и исплатените за депозитите, најмногу пари и остануваат на Стопанска банка – 75,5 милиони евра. Во овој домен зголемувањето е за 11 насто.

    Следува Комерцијална банка со растот од 16,2 проценти во споредба со постигнатото во ланскиот деветмесечен период. Износот е 72,3 милиони евра.

    Најголемо движење во позитивна насока има НЛБ банка, од 20,1 процент. Чистиот износ на приходите од камата е 56,6 милиони евра.

    Секако, сумите се поинтересни доколку се гледаат само пресметаните и наплатени каматни. Овде збирот е 229,9 милиони евра.

    Предводник е Стопанска банка, каде што приливите се повисоки за 15,39 проценти и се бројат со 84,4 милиони евра.

    Поголем процентуален напредок има постигнато Комерцијална банка, од 20 насто, а станува збор а сума од 82 милиони евра.

    На контотот од НЛБ банка по таа основа се слеале 63,5 милиони евра. Или, приходите од камати пораснале за 21 процент.

    Заработка има и од провизиите, а придобивката на трите банки од услужувањето на клиентите е нето 43,3 милиони евра.

    Овде на прво место избива НЛБ банка со речиси 18,6 милиони евра. Ја следи Комерцијална банка со 14,2 милиони евра, па потоа и скопската Стопанска банка со 10,5 милиони евра. Кај првите две има зголемување, а третата банка го задржала приближно истото ниво како и пред една година.

    Колку и да реагираат граѓаните, па и компаниите за високите и неповолни камати под кои се одобруваат банкарските заеми, сепак, кредитирањето е во постојан подем. Вкупните кредити во што се користат во државата се 7,6 милијарди евра, што е последниот податок од НБРСМ и се однесува за септември. А, само кај најголемите три банки кредитокорисниците должат 3,99 милијарди евра.

    Стопанска е банка со најголем износ на одобрени кредити – 1,54 милијарди евра. Вкупните кредити кај НЛБ се 1,25, а кај Комерцијална банка 1,2 милијарди евра.

    Депозитната база е од особено значење како извор за кредитирањето. На овие три банки им се доверени вкупно 5,58 милијарди евра. Инаку, вкупните депозити во државата се 9,03 милијарди евра.

    Комерцијална банка располага со 2,37 милијарди евра, или со 26,27 проценти од влоговите во сите вбанки. Во Стопанска банка се 18,5 проценти, односно сума од 1,67 милијарди евра. Клиентите на НЛБ банка довериле 1,54 милијарди евра, што е еднакво на 17,05 отсто од вкупните депозити во земјава.

    М.А.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично