
Во 2024 година, Македонската берза беше пријатно изненадување за инвеститорите во Адриа регионот. Главниот индекс МБИ 10 оствари импресивен годишен раст од 66,78%, највисок меѓу сите регионални индекси.
Само една година подоцна сликата е драматично поинаква. Во 2025 година, МБИ 10 завршува со пад од -1,42%, додека речиси сите останати пазари во регионот бележат солиден позитивен принос. Како најдобриот индекс во 2024 стана еден од најслабите во 2025?

Дури и пазари, како Црногорската и Сараевската берза, кои се сметаат за помалку ликвидни или волатилни, успеаја да остварат позитивна динамика во минатата година. Единствен исклучок е Бањалучката берза, која и во 2024 и во 2025 останува во негативна зона.
Во оваа слика, Македонската берза е единствениот пазар што од екстремен раст премина во благ пад. Клучната причина се базниот ефект и преголемите очекувања. Раст од 67% во една година е тешко одржлив, особено на мал и плиток пазар со ограничен број ликвидни акции и со доминација на неколку компании во индексот.
Се чини МБИ 10 во 2025 година влезе во фаза на природна корекција и консолидација, што само по себе не е негативно, но е лошо за споредба со регионот кој продолжи да расте. Главниот македонски берзански индекс и понатаму е силно концентриран затоа што само неколку акции го носат целиот индекс, а кога тие ќе влезат во фаза на стагнација, целата берза застанува.
На Македонската берза во 2025 година е остварен вкупен промет во вредност од 6,2 милијарди денари, од кои дури половина, односно 3,19 милијарди денари отпаѓаат на промет само со две акции – акциите на Комерцијална банка и на Алкалоид.
За разлика од МБИ 10, кај SBITOP или CROBEX, на пример, растот е поддржан од поширок спектар на компании, зголемена ликвидност и поактивно учество на институционални инвеститори.
И аналитичарите во регионот забележуваат дека највпечатливата приказна во 2025 година на регионалните пазари на капитал е исклучителниот раст на прометот со акции на Загрепската и на Љубљанската берза. Според анализата на ИнтерКапитал, прометот на Загрепската берза (ZSE) порасна за 84,5% на годишно ниво, додека на Љубљанската берза (LJSE) забележа раст од 70,3%.
Клучно за развој на Загрепската берза во 2025 година беше котирањето на три нови компании – ING-GRAD, Žito и Tokić, што донесе свежа длабочина на пазарот и придонесе за подобрување на вкупната ликвидност. Вкупниот промет со акции достигна 694 милиони евра, што претставува раст од 84,5% на годишно ниво. Од тој износ, редовниот акциски промет изнесуваше 478 милиони евра (+76,2%), блок-трансакциите достигнаа 169 милиони евра (+108,1%), додека ETF инструментите учествуваа со 46 милиони евра (+98,3%). Како резултат на тоа, просечниот дневен промет порасна на 3,3 милиони евра, во споредба со 1,8 милиони евра во истиот период лани”, покажува анализата на оваа меѓународна брокерска куќа.
На Љубљанската берза, во првите 11 месеци од 2025 година е остварен вкупен промет со акции од 760 милиони евра, што претставува раст од 70,3% на годишно ниво. Редовниот промет со акции изнесуваше 322 милиони евра, со годишен раст од 57,9%, додека прометот со блок-трансакции изнесуваше 105 милиони евра (+198,8%), додека прометот со ETF инструменти експлодираше на 6,6 милиони евра, во споредба со 557.000 евра една година претходно. Како резултат на ова, просечниот дневен промет порасна на околу 3,6 милиони евра, што јасно укажува на значително подобрена пазарна ликвидност.
Најтргувани акции на Љубљанската берза во првите 11 месеци од 2025 година беа Krka (304 милиони евра), NLB (145 милиони евра), Triglav (54 милиони евра), Petrol (46 милиони евра) и Sava Re (44 милиони евра). Овие пет акции заедно учествуваа со околу 90% од вкупниот промет, што укажува на поконцентрирана структура на тргување во споредба со Загрепската берза.
Кога ќе се спореди 2025 година на Македонската берза со Загрепската или Љубљанската берза, ќе видиме дека во 2025 година немаше нов силен „берзански наратив“, ниту значајни нови издавачи, ниту пак свеж капитал.
А и инвеститорите поинаку се однесуваа. Во 2024 година купуваа за да не пропуштаат можност или пак да не задоцнат, додека во 2025 беа многу повнимателни.
Иако МБИ10 во 2025 формално е “губитник” во Адриа регионот, тоа не значи дека приказната на Македонската берза е завршена. Ако 2024 беше година на експлозивен раст, а 2025 година на стабилизација, вистинскиот тест ќе биде 2026 – дали пазарот ќе успее да изгради подлабока ликвидност, поширока инвеститорска база и нови двигатели на раст или пак ќе остане заробен во циклусот една силна година, па долга пауза.
Редакција Пари
Аналитика








