ПОВЕЌЕ

    КАКО АПЛИКАЦИЈА ЗА МЕНТАЛНО ЗДРАВЈЕ ПРЕРАСНА ВО HR – АЛАТКА ЗА КОМПАНИИ: Александар Станков во New Biz

    Време зa читање: 5 минути

    По успешното лансирање на првата верзија на RelaxifyApp и тестирањето на пазарот, за тимот следуваше нов предизвик – како да обезбедат финансиска поддршка и да го скалираат бизнисот. Процесот на барање инвеститори се покажа како тежок и макотрпен, но воедно и клучен за следната фаза од развојот. Александар Станков во New Biz Podcast објаснува низ какви искуства поминале, како се соочиле со одбивања и што научиле од тој пат, како и зошто одлучиле да го сменат бизнис моделот и да се насочат кон B2B сегментот.

    „Разговаравме со различни инвеститори од цела Европа. Само Балканот е релативно сиромашен со инвеститори, а во Македонија за жал скоро и да ги нема. За среќа, Бугарија е малку подобра поради европските фондови и тоа дефинитивно е нешто што се надевам дека ќе дојде и кај нас“, објаснува Станков.

    Тој вели дека причините за одбивање биле многубројни. „Имаше милион причини зошто можеа да не одбијат. Среќни бевме кога ќе ни кажат зошто, бидејќи често само ќе беше ‘не, јавете се после една или две години’, без да знаеме што треба да подобриме. Па се прашувавме – што треба да се случи во таа една година за да се јавиме повторно?“, раскажува Александар.

    Со текот на времето, сфатиле дека се потребни и промени во нивниот пристап. „Се свртевме на Relaxify како B2B сегмент и сфативме дека мечот не е меѓу фирма и фирма, туку меѓу човек и човек. Некогаш причините биле навидум тривијални – ‘фаундерот не ми се смееше’, или ‘фаундерите работат ремоут’. Но, тоа беше дел од играта,“ објаснува Станков.

    АЛЕКСАНДАР СТАНКОВ ВО NEW BIZ: RelaxifyApp – од Балканот до Ирска – старт-ап кој го менува пристапот кон менталното здравје

    На крај успеале да обезбедат финансирање од неколку инвеститори, што им овозможило да го прошират тимот. „Не сме веќе one-man show. Сега сме шест луѓе, сè уште не сме големи, но работите се поделени – имаме посебен човек за развој, за маркетинг, за продажба,“ додава тој.

    Базата останува во Ирска, но плановите се за проширување. „Европа ни е таргет, иако гледаме многу потенцијал во Америка. Сепак, тоа е многу поголем пазар и ќе ни треба поголем инвеститор за следната рунда,“ вели Александар.

    Што се однесува до промената на моделот кон B2B, тој раскажува дека инспирацијата дошла во едно неформално дружење. „Бевме со друштво во кафана – таму често настануваат бизниси. Еден од другарите, кој има своја ИТ фирма, кажа дека има голем проблем во последниот период – вработените постојано се жалат дека нешто им фали. Тогаш се роди идејата да пробаме со Relaxify,“ вели Станков.

    Им овозможиле на вработените премиум пристап до апликацијата и почнале да собираат податоци. „Со таа анализа направивме дашборд кој може да го следи HR тимот – каков е статусот на одреден тим. Ако тимот е ‘даун’, HR може да преземе мерки – да организира социјален настан, вежби, па дури и индивидуални разговори. Секако, не се знае кој поединечно е зад резултатите, бидејќи психологијата е сензитивна тема,“ објаснува Станков.

    HR тимовите преку апликацијата добиваат информација, аларми и предлози. „На пример, за еден тим можеби треба да се организира тим-билдинг, за друг когнитивни вежби, за трет психотерапија. Имаме четири сегменти – социјален, физички, емоционален и когнитивен. Во зависност од тоа каде е слабоста, таму се насочува интервенцијата.“

    Апликацијата функционира и со индивидуални тренинг програми. „Прво има анкета каде што се оценува актуелната состојба, па врз база на тоа се креира тренинг програма од неколку недели. Ако когнитивниот сегмент е послаб, се фокусираат вежби за подобрување на когнитивните способности – препознавање бои, емоции на лицето, вежби за емоционална интелигенција,“ вели Александар. Така, вработените учат да се препознаваат меѓусебно и да си помогнат сами, без секогаш да чекаат поддршка од HR.

    Секако, технологијата има свои ограничувања. „Во психологијата сè уште недостига хуман тач – човек на човек може да си помогне многу повеќе. Но, технологијата овозможува анализа, а таму може да помогне и вештачката интелигенција. Еден од следните чекори е да направиме анализа – во која индустрија се најсреќни вработените или во кој оддел. Со таа огромна дата, AI е неопходен,“ објаснува Станков.

    Досега најмногу интерес имаат покажано фармацевтската индустрија и неколку ИТ компании, а интересен пример е и рител секторот. „Тие не се толку навлезени со технологија, па имавме предизвици, но сепак се прилагодуваме и таму,“ вели Александар.

    Во споредба со старт-ап сцената во Германија, каде што работел порано, разликите се огромни. „Германија е огромен пазар и капиталот е многу полесно достапен. Таму, кога бараш инвеститор, можеби ќе има дискриминација ако не си локален, но сепак е полесно отколку на Балканот. Кај нас, ако направиш една-две грешки, готово е, нема простор за учење. Таму може да направиш десет стартапи, да пропаднат, па сепак имаш капитал за да продолжиш,“ објаснува тој.

    За иднината визијата е јасна. „Дефинитивно, Америка и Азија се пазари што растат и каде гледаме потенцијал. Но, реално, најголемите бројки за ментално здравје се во Западна Европа и Северна Америка. Таму секој петти човек има ментални проблеми. Во понеразвиените земји тоа потешко се дијагностицира, па бројките изгледаат пониски,“ вели Александар.

    Целата епизода и слични на оваа се достапни на  New Biz Podcast

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично