Нафтата „брент“ следната година би можела да порасне до 125 долари за барел, а во 2023 година да достигне цена од 150 долари за барел, според инвестициската банка JP Morgan Chase. Сепак, не сите се толку слободни кога ја проценуваат вредноста на овој извор на енергија, па многу аналитичари во своите прогнози за следната година се уште се држат до бројките кои се далеку под 100 долари за барел.
Во последните неколку недели, САД, Кина и неколку други производители на нафта најавија дека ќе го лансираат ова гориво од своите резерви на пазарот со цел да ја намалат неговата цена со проширување на понудата, за која веруваат дека ОПЕК вештачки ја одржува на високо ниво. Меѓутоа, прашање е дали само ОПЕК е виновен за ваквата состојба. Имено, некои експерти сметаат дека таа повеќе не е моќна како порано и дека не може да влијае на вредноста на нафтата до тој степен, пренесува Blic.rs.
Аналитичарите на Morgan Chase тврдат дека членовите на оваа организација имаат нафта, иако помалку од претходно проценето, но таа се наоѓа во земјата. Сепак, додаваат, немаат ниту средства ниту логистика потребна за брзо да ја изнесат на пазарот. Затоа, велат аналитичарите, се создава впечаток дека овие земји намерно не сакаат да ги снабдуваат потрошувачите со споменатиот енергенс и затоа има проблем со Америка и другите земји кои покренаа иницијатива за намалување на неговата цена.
„Морган Чејс“ предупредува дека неколку други надворешни фактори ќе влијаат на вредноста на нафтата во наредниот период, но дека доколку новиот вид коронавирус не предизвика економски колапс и доколку не се воспостави соработка меѓу производителите на нафта, таа би требало значително да се зголеми.