ПОВЕЌЕ

    Извозот расте, увозот побрзо: во трговската размена дефицит од 3,1 милијарда евра

    Време зa читање: 3 минути

    Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија се државите со кои Македонија има најинтензивна економска соработка. Нивното учество во надворешно-трговската размена е 47,8 проценти. Земјите членки на ЕУ имаат удел од 58,9 проценти.

    Според статистичките податоци, Германија останува најголем трговски партнер, и покрај падот на размената за 6 отсто, при вкупен обем од 4.042,3 милиони евра. Извозот се намалил на 2.899,7 милиони евра (-6,4 %), а увозот на 1.142,6 милиони евра (-5,0 %).

    За разлика од тоа, Велика Британија бележи засилен раст. Вкупната размена изнесува 1.573,3 милиони евра, што е 18,9 насто повеќе од претходната година. Извозот пораснал на 115,9 милиони евра (+14,3 %), а увозот достигнал 1.457,3 милиони евра (+19,3 %).

    И Кина е меѓу земјите со кои Македонија ги продлабочува врските, при што е разбирлив расчекорот во узвозно-извозните активности. Вкупниот обем на размената изнесува 1.319,3 милиони евра (+16,7 %). Извозот е 54,5 милиони евра (+3,8 %), додека увозот достигнува 1.264,8 милиони евра, со раст од 17,4 насто.

    Во меѓусоседската комуникација, трговијата со Србија е проследена со умерен пораст. Вкупната размена изнесува 1.210,6 милиони евра (+7,2 %). Извозот е 457,9 милиони евра (+2,2 %), а увозот 752,7 милиони евра, проследен со зголемување од 10,6 насто.

    Наспроти тоа, размената со Грција е намалена. Вкупниот обем е 1.198,6 милиони евра, што е помалку за годишни 4 отсто. Извозот изнесува 261,4 милиони евра (-0,3 %), а увозот 937,1 милиони евра (-5,0 %).

    Сепак, трендот на раст на надворешнотрговската размена продолжил и во текот на минатата  година. Претходните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека и извозот и увозот бележат зголемување во споредба со 2024 година.

    Вкупната вредност на извезените стоки изнесува 493,2 милијарди денари, што претставува раст од 3 насто на годишно ниво. Истовремено, увозот достигнал 711,1 милијарди денари, или за 4,5 насто повеќе, со што и понатаму останува значителен трговскиот јаз меѓу извозот и увозот.

    Конкретно, во декември 2025 година трговскиот биланс на државата е негативен и изнесува 255,2 милиони евра, што значи дека увозот значително го надминал извозот во тој месец. На годишно ниво, во периодот јануари – декември трговскиот дефицит се продлабочува на 3,11 милијарди евра. Истовремено, покриеноста на увозот со извозот во евра изнесува 60,7 проценти во декември, додека за целата 2025 година е подобрена и достигнува 69,4 проценти.

    Изразено во странски валути, извозот во 2025 година изнесува 8,0 милијарди евра (+2,9 %) односно 9,05 милијарди американски долари (+7,4 %), додека увозот достигнал 11,5 милијарди евра (+4,4 %) и 13,05 милијарди долари (+9,0 %).

    Структурата на извозот покажува дека најголемо учество имаат катализаторите на носачи со благородни метали, сетови на проводници за возила, авиони и бродови, делови за седишта, како и други катализатори, што упатува на силна улога на индустриското и извозно ориентираното производство.

    Кај увозот, пак, доминираат нафтените масла и дериватите од битуменозни минерали, металите од платинската група, платината и нејзините легури, како и моторните возила за превоз на лица, што ја одразува високата увозна зависност од енергенси, суровини и транспортни средства.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично