ПОВЕЌЕ

    Извозот на ИКТ услуги значаен двигател на македонската економија – колкави приходи генерира ИКТ индустријата?

    Време зa читање: 9 минути

    ИКТ секторот не е директно засегнат од корона кризата, но истиот е на значителен удар бидејќи голем дел од компаниите кои им се клиенти на ИКТ компаниите доаѓаат токму од најзагрозените сектори како што се туризам, транспорт и автомобилската индустрија, оценува Анита Никова од Стопанска Комора за ИКТ во интервју за „Пари“. Анализирајќи ги позитивните резултати од претходниот период со сигурност може да се каже дека истите ќе продолжат и во следните неколку години, без разлика на моменталната здравствено економска криза, додава Сергеј Зафировски за „Пари“.

    Пари: Која е моменталната состојба во ИКТ секторот?

    Анита Никова: Земајќи во предвид дека моментално го почнуваме 8-миот месец од времетраење на корона кризата, во склоп на кој компаниите се обидуваат успешно да функционираат, а дел од нив и да преживеат, нашиот фокус како Стопанска Комора за ИКТ е да им помогнеме на фирмите колку повеќе можеме. Заради тоа, секојдневно и детално ги следиме и препраќаме програмите на Владата за помош на загрозените сектори, им помагаме во нивно дефинирање и образложување, и секако ги слушаме нивните проблеми и предлози, со цел повратно на Владата да и дадеме нови сугестии кои ќе им помогнат на ИКТкомпаниите во овој, се надеваме преоден период.

    Важно е да се напомене дека ИКТ секторот не е директно засегнат од корона кризата, но истиот е на значителен удар бидејќи голем дел од компаниите кои им се клиенти на ИКТ компаниите доаѓаат токму од најзагрозените сектори како што се туризам, транспорт и автомобилската индустрија. Им советуваме и им помагаме на компаниите да ги диверсифицираат своите портфолија на клиенти, со цел ризикот на губење на бизнис договори да биде помал.

    Пари: Kaкoв перформанс на компаниите се очекува во иднина?

    Анита Никова: Осврнувајќи се на извештајот посветен на ИКТ секторот за 2019 година, изработен од страна на компанијата ИНСАЈДЕР ИД, и од нашите партнери од ИМЕ Програмата финансирана од Швајцарска амбасада, може да се забележи дека растот на ИКТ индустријата е постојан од 2016-2019 година.

    Попрецизно, ИКТ индустријата расте по сите основи, и тоа генералниот приход на индустријата во 2016 година бил 751.59 милиони евра, во 2017 година 803.02милиони евра, во 2018 година 850.97 милиони евра, додека во 2019 година бил 879.65 милиони евра. Вкупниот број на компании регистрирани во ИКТ секторот од 2014 година кога биле 1,296 пораснал на 1,957 во 2019 година, што е пораст за околу 700-тини компании за само 4 години. Бројот на вработени од 10,975 во 2014 година, пораснал на 15,093 во 2019 што е пораст за приближно 50% , што е значителен пораст на вработените во една индустрија.

    Што носи иднината зависи многу од развојот на кризата предизвикана од корона вирусот. Доколку го гледаме трендот на раст во минатото и потенцијалот за раст на ИКТ индустријата ќе може да предвидиме дека вкупниот приход на ИКТ индустријата ќе надмине 1 билион евра, додека нето остатокот ќе биде 134 милиони евра до 2021 година. На база на проекциите може да се очекува порастот на ИКТ компании да биде 2390 до 2021 година што ќе претставува пораст од 15% споредено со 2019 година. Бројот на вкупно вработени во индустријата би надминал 17,670.

    Сергеј Зафироски: Анализирајќи ги позитивните резултати од претходниот период со сигурност може да се каже дека истите ќе продолжат и во следните неколку години, без разлика на моменталната здравствено економска криза. Претходно г-ѓа Никова ги претстави бројките за раст кои се импресивни имајќи го во предвид „страничниот” статус на индустријата во споредба со сите останати. Важно е да се каже дека подемот на целата ИКТ Индустрија е последица на ИТ Сегментот кој има „галопирачки” раст во последните неколку години и се покажа како по „отпорна” на кризата за разлика од останатите индустрии.

    Вработените во ИТ Сегментот примаат највисоки плати од било која друга индустрија и тој издаток има најголемо учество во целата трошковна структура или до 45% од вкупен промет, кое што директно влијае и на развојот на економијата. Еден ИТ вработен придонесува во просек исто колку 2-3 вработени во другите стопански сегменти. Според мене, ИТ Сегментот ќе ја има една од клучните улоги во заздравувањето и растот на економијата во следните неколку години. Како за пример, природниот раст на бројот на ИТ Експерти (програмери) е приближно 1,200 годишно кои имаат просечна нето-плата 66,000 денари (септември 2019). Сепак, доколку не се преземат неколку мерки особено во квалификување на работна сила може да дојде до стагнација на растот на Македонскиот ИТ Сегмент но не и во светот.

    Сергеј Зафироски основач и извршен менаџер на Инсајдер ИД.

    Пари: Зашто е значаен извозот на ИТ услугите, колкав е во моментот и кои ефекти може да ги предизвика понатамошниот раст на извозот?

    Анита Никова: Навистина значаен пораст бележи извозот на ИКТ софтвер и услуги, кој во 2016 година бил 149.98 милиони евра, а во 2019 година пораснал до 210.13 милиони евра. Оваа бројка укажува на тоа дека македонските ИКТ компании се повеќе работат за странски клиенти односно на странски пазари. Стремежот и поддршката за зголемени извозни активности од страна на МАСИТ, донаторите во нашата држава и владините институции, кои имаат различни програми за поддршка на извозот, вродуваат со плод полека но сигурно. Поддршката на извозните активности е посебна наука, која бара конзистентност и посветеност, како од страна на компаниите така и од горенаведените партнери. Поголем дел од компаниите од ИКТ секторот во моментот работата на извоз на ИКТ услуги (и аутсорсинг активности), додека помал дел од компаниите продаваат сопствени продукти што е значително попрофитабилен начин за работа во странство и допринесува со поголема дополнителна вредност во самата индустрија. Фактот дека нашата држава од аспект на популација е мала, и самиот сектор не изобилува со милиони инженери каква што е ситуацијата во Индија или Пакистан, сугерира на тоа дека нашите компании треба да се стремат од аутсорсинг компании, да прераснуваат во продуктно – ориентирани компании. Сето ова е процес, кој МАСИТ како комора продолжува да го поддржува и помага од првиот ден од своето 20 годишно постоење.

    Увозот на ИКТ софтвер и услуги за 2019 година изнесува 88.25 милиони евра. Споредувајќи ја оваа бројка со остварениот извоз за минатата година (210.13 милиони евра ) ни сугерира колкав е суфицитот кој го прави ИКТ индустријата. Со ова ИКТ индустријата се позиционира високо во однос на странски приливи што е од огромно значење за економијата во целост.

    Анита Никова Бундовски е извршен директор на стопанската комора за информатички технологии МАСИТ.

    Сергеј Зафироски: Би сакал да го појаснам високото значење на извозот на ИТ Сегментот за економијата. Во услови кога државата има трговски дефицит од 2,01 милијарди евра во 2019-та секоја индустрија која остварува суфицит е високо значајна. Во случајот ИТ Сегментот остварува сериозен суфицит односно според истражувањето 66% од вкупниот приход остварен е од извоз, односно 23% е увоз што посочува дека 43% е трговскиот суфицит. Појаснето пластично, од 1 евро приход, 0,66 евра се извоз, 0,23 евра се увоз и се остварува разлика од 0,43 евра. Од приход од 100 милиони евра високи 43 милиони би биле трговски суфицит, нешто што е прилично остварливо што се однесува до ИТ компаниите, а ретко кој сегмент или индустрија може да се пофали со таков резултат.

    Анита Никова: Проекциите за иднината и во сегментот за извоз и увоз, повторно да нагласам, дека зависат многу од развојот на состојбата со корона вирусот, но предвидувањата се следни: Кога ги анализираме засебно, двата сегмента, софтвер и ИКТ услуги и Телеком секторот, софтверот и ИКТ услугите го имаат значително поголем раст од Телеком секторот. Сегментот софтвер и ИКТ услуги пораснал за 60 милиони евра од 2016 до 2019 година, односно за 200% во период од 6 години, со просечна брзина на раст од 28% годишно. Доколку растот на овој сегмент продолжи со истото темпо, може да се очекува дека до 2021 година, истиот ќе изнесува 278 милиони евра.

    Сергеј Зафироски: Е сега да претпоставиме дека ИТ Сегментот ќе оствари раст од дополнителни 100 милиони евра трговски суфицит. Таа сума на пари ќе придонесе за 5% намалување на трговскиот дефицит на државата (од 2,01 милијарди евра), поради тоа е потребно сериозно поттикнување на извозот и развојот на ИТ Сегментот. „Ослободените” 100 милиони евра државата ќе има можност да ги искористи за многу други цели, отколку да ги чува како девизни резерви за финансирање најчесто на трговскиот дефицит. Иако тие 100 милиони навидум се голема сума, ако само продолжи природниот раст ќе се остварат во следните 4-5 години. Дополнително стимулирање и стратегиско насочување во развој на извозот во ИКТ Индустријата може да придонесе за уште поголем резултат.

    Во следното продолжение на интервјуто, ќе читате за состојбата со вработените во ИКТ секторот.

    Сергеј Зафироски е основач и извршен менаџер на Инсајдер ИД, агенција специјализирана за квантитативни бизнис истражувања и напредна бизнис аналитика.

    Анита Никова Бундовски, има стекнато универзитетска диплома и магистратура на Универзитетот Шефилд. Додипломските студии ги стекна во полето на Бизнис Администрација, со специјализација во Финансии. Нејзината магистратура е во Компјутерски Науки, на отсек Иновации, Претприемништво и Технологии.  Анита има 15 години искуство во ИКТ секторот во Северна Македонија, во регионот, во Европа и во светски рамки.  Од 2012, таа е извршен директор на стопанската комора за информатички технологии МАСИТ, која е непрофитна, неполитичка и невладина, самоиздржлива организација, основана во 2000-та година, која ја обединивуа ИКТ бизнис заедницата во нашата држава.  Никова ги менаџира сите интереси на компаниите во ИКТ секторот, лобира предвладините институции и врши редовна комуникација со сите засегнати лица и институции во заедницата. Таа исто така е одговорна за регионалната СЕЕИТА конференција, која што брои 16 годишна традиција ( www.seeita.org) и е еден од основачите на 3B ICT Network, иницијатива која ги сублимира повеќето бизнис сапорт организации од регионот на Југоисточна Европа и Кавкаски регион. Дополнително, Никова е НКЛ (Национално Контакт Лице) за ИКТ во Хоризонт2020 програмата, која е инструмент за финансирање на иновативни проекти од Европската Комисија.  Никова изразува посебен интерес во полето на ИКТ иновации и технологии, кластерско здружување и верува во креирање на хибридни тимови.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично