Трендот на пораст на извозот и увозот продолжува и во периодот јануари – ноември 2025 година, во споредба со истиот период лани, покажуваат претходните податоци за стоковната размена со странство.
Заклучно со ноември вкупната вредност на извозот на стоки од земјава изнесува 455,5 милијарди денари, што претставува раст од 2,6 насто во однос на периодот јануари – ноември 2024 година.
Во истиот период вредноста на увезената стока достигна 647,3 милијарди денари. Во овој сегмент растот на годишна основа е 3,9 насто, наведено е во информацијата од Државниот завод за статистика.
Според Стандардната меѓународна трговска класификација, во извозот најголемо учество имаат: катализатори на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетови на проводници за палење и слично за возила, авиони или бродови, делови на седишта, други катализатори на носачи.
Во увозот, пак, доминираат: нафтени масла и масла добиени од битуменозни минерали (освен сурови), други метали од платинската група и нивни легури, платина и легури на платина, моторни возила за превоз на лица.
Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, во периодот јануари – ноември 2025 година најмногу се тргувало со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија, кои заедно учествуваат со 47,7 отсто во вкупната размена.
Земјите членки на Европската унија учествуваат со 59,3 проценти во вкупниот обем на трговијата.
Аналитика








