ПОВЕЌЕ

    Промовирани „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните” и „За секоја буква приказна”

    Време зa читање: 5 минути

    Книгите за правоговор „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните” и „За секоја буква приказна”, кои се во издание на „Либи”, дел од „Арс Ламина ‒ публикации”, беа промовирани вчеравечер (11 јуни), онлајн, преку платформата „Зум” (Zoom).

    Станува збор за реиздание на „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните” од авторите Владо Димовски и Јордан Јорданоски, кое 25 години по првата објава, деновиве излезе од печат во ново, освежено издание. Исто така на промоцијата беше претставена и новата книга на Димовски, „За секоја буква приказна”, која може да се користи како дополнување (еден вид вежбанка) на прирачникот за изградување на изговорот, говорот и јазикот, но и независно во фазата на описменување на децата.

    Првото издание на „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните”, на кое Димовски е ко-автор со сега починатиот Јордан Јорданоски, е објавено во 1995 година. Книгата и денес претставува еден од најупотребуваните практични прирачници во областа на артикулативно-говорна и јазична проблематика. По цели 25 години прирачникот излегува повторно од печат, преуреден и осовременет со нови илустрации, што одговараат за дадената (лексичка) положба на секоја од разработените фонеми. По повод објавувањето на новото издание на овој прирачник, Владо Димовски истакна:

    ‒ Идејата за оваа книга настана во времето кога со Јордан Јорданоски ја подготвувавме утринската емисија „Јазична работилница” на Македонското радио. И по содржина и по форма емисијата беше пред времето… Еден ден Јордан ме запозна со идејата за книга од областа што ја покриваше. Сакаше да се вклучам со авторски песнички и приказни во кои ќе доминира буквата што ја вежба детето. Оваа книга е една голема љубов, без некакви специјални претензии. И затоа е успешна. Еден долготраен процес, прецизно планиран, со соодветни вежби, но и со песнички и приказни кои лесно се паметат. Сериозна, но и шарена книга, со многу илустрации, со една единствена цел, да им се допаднеме на децата, да споделиме љубов. Брзо ја прифатија воспитувачите во градинките и наставничките во нижите одделенија во основните училишта.

    Всушност, открија дека со книгата можат сами да ги водат и да ги осмислуваат вежбите со децата кои имаат проблеми со изговорот на некој глас. Нормално, книгата ја прифатија и логопедите, но и родителите, бабите и дедовците на деца со проблеми при изговорот на некои гласови. Книгата е наменета за деца од предучилишна и раноучилишна возраст. Јас би рекол за сите деца, но специјално за оние кои имаат тешкотии со изговорот на некои гласови.

    Вежбите во книгата почнуваат со слоговни вежби, а завршуваат со приказна. Доколку сте упорни, и истрајни и доколку навистина сакате да решите некој проблем, тогаш книгата во вашите раце има смисла… Инаку, новото, освежено издание на „Арс Ламина” е многу поразлично од првото. Содржински ништо не менувавме, но илустрациите, насловната страница, квалитетната хартија, верувам, ќе израдува многумина, најмногу децата. Еве, изразувам голема благодарност до тимот на „Арс Ламина”, кој се потруди оваа книга да изгледа прекрасно – рече тој.

    „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните” е практичен прирачник наменет за стручните работници во институциите што се занимаваат со артикулативно-говорна и јазична проблематика, за дефектолошките и филолошките образовни институции, за родителите чии деца имаат артикулативно-говорни тешкотии, за стручните работници од предучилишните воспитно-образовни установи, за работници што настапуваат професионално преку масовните медиуми, како и за секој љубопитен за оваа област.

    Покрај авторот Владо Димовски, на онлајн промоцијата се вклучија Горан Петрушев, дипломиран дефектолог-логопед во ЈЗУ Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас и Андријана Савевска-Љоровска, дефектолог, која работи како воспитувач во јавната установа за деца со социјални проблеми „25 Мај”.

    Горан Петрушев, кој бил повеќегодишен соработник на Јорданоски, ја истакна важноста на оваа книга и големата корист што тој ја има од неа во својата работа, но и останатите логопеди.

    ‒ Ова е многу практичен учебник, кој им е водич во секојдневната работа на стручните лица кои се занимаваат со правоговор. Во праксата, книгата се покажа како многу корисна, не само за логопедите, туку и за родителите. Имено изданието не е обременето од стручни термини и содржини, напротив таа е разбирлива и лесна за примена. Со континуирана примена, родителите може да им помогнат на децата да ги надминат проблемите во изговорот. Покрај практичните примери, од голема корист се и илустрациите, со кои се визуелизираат термините. Книгата најчесто се употребува кај деца од 4-7 годишна возраст, а може да ја применат и воспитувачите во градинките ‒ рече тој.

    Андријана Савевска-Љоровска изјави дека многу научила од книгата „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните” и од Јорданоски, кој ѝ бил професор. Таа рече дека доколку проблемите во говорот кај детето се детектираат на време, со помош на вежбите понудени во овој прирачник, може да се надминат. Покрај важниот теоретски дел, го истакна и практичниот – применлив за родителите, логопедите, дефектолозите и воспитувачите во градинките.

    При систематизирањето на материјалот тргнато е од специфичностите што се јавуваат при изговорот на секоја фонема. Користени се индивидуалниот и споредбениот приод. Овде е граден системот за секоја фонема одделно и споредбено во зависност од тоа која со која фонема може да биде заменувана кај децата. Материјалот е синтетизиран до функционално применување во исказ, песничка и приказна (поддржувано и самостојно).

    Во втората книга, која беше претставена на промоцијата, „За секоја буква приказна” од Владо Димовски, приказнарот напишал 31 приказна – за секоја буква од македонската азбука по една. Во секоја приказна има многу зборови што почнуваат на буквата за која ни раскажува приказнарот. Читајќи за авантурите на едно чудо необични јунаци, ние всушност учиме да ги препознаваме буквите и да ги изговараме правилно.

    Книгите се достапни во книжарниците „Литература.мк” и онлајн преку www.literatura.mk.

    (PR Текст)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично