ПОВЕЌЕ

    ИЗДАДЕНИ 317 ДОЗВОЛИ ЗА ГРАДБА во јануари: Ќе има и 759 нови станови, најмногу во Илинден

    Време зa читање: 2 минути

    На зголемен интерес за градење упатуваат последните податоци од Државниот завод за статистика, кои се однесуваат на првиот месец од годинава. Во текот на јануари биле издадени 317 градежни одобренија. Нивниот број е за 23,8 проценти повисок од истиот месец лани. Раст има и кај предвидената вредност, за 28,2 насто, која достигнува 5.772.690.000 денари, односно 93,9 милиони евра.

    Од регионален аспект, дозволите се распределени: 15 во Вардарскиот, 47 во Источниот, 13 во Југозападниот, 56 во Југоисточниот, 34 во Пелагонискиот, 77 во Полошкиот, 7 во Североисточниот и 68 во Скопскиот. Во овој регион вредноста на издадените одобренија е највисока – 2.876.015.000 денари или 46,8 милиони евра. Следат Пелагонискиот со 593.477.000 денари (9,7 милиони евра) и Полошкиот со предвидена вредност од 574.120.000 денари (9,3 милиони евра).

    Притоа, на 178 објекти, што претставува 56,2 отсто од издадените дозволи, како инвеститори се јавуваат физички лица. А, 139 (43,8%) се фирми, односно деловни субјекти.

    Статистиката вели дека од вкупниот број издадени одобренија за градење, 174 или 54,9 отсто се однесуваат за објекти од високоградбата, 50 (15,8%) за нискоградба и 93 (29,3%) за реконструкција.

    Меѓу другото, од дозволите ќе произлезат и 759 станови, со вкупна корисна површина од 60.471 метар квадратен. Фокусот на градежниците е насочен кон скопски Илинден, каде што ќе има 199 станови, а потоа и кон Гази Баба со 123 станови. Тие се дел од предвидените 446 станови во Скопскиот регион.

    Што се однесува до другите региони, во Вардарскиот е планирана изградба на 109 станови, од кои 108 во Велес; во Источниот 24; во Југозападниот 22, а 17 во Охрид; во Југоисточниот 88 од кои 52 во Гевгелија; од четирите станови во Пелагонискиот регион три се во Битола, еден во Ресен; во Полошкиот 63 и во Североисточниот три станови, сите во Крива Паланка.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично