ПОВЕЌЕ

    ИСТИ ФИРМИ НЕПЛАЌАЧИ – повисок долг за ДДВ

    Време зa читање: 4 минути

    Наплатата на данокот на додадена вредност е слабата точка на државниот даночен апарат. Од вкупниот долг на фирмите во износ од 188,5 милиони евра, дури 144,3 милиони евра се однесуваат на неплатениот ДДВ. Тоа претставува 76,6 насто од сите обврски што државата ги бара од компаниите по основ на овој данок.

    Податоците се од последната листа на должници што ја објавува Управата за јавни приходи. Во споредба со претходната листа, кога вкупната задолженост за ДДВ изнесувала 144,2 милиони евра, има зголемување од 100 илјади евра. Тоа е минимален раст од околу 0,07 насто.

    Актуелната должничка листа на УЈП, со опфат на доспеаните долгови до 31 октомври 2025 година, а ненамирени до 31 јануари, покажува дека обврските за ДДВ и натаму се високи, со мали поместувања нагоре и надолу кај одделни должници и градови. Анализата на Пари, направена во соработка со БизнисМрежа, покажува дека кај топ десетте правни субјекти вкупниот долг изнесува 55,28 милиони евра, додека на претходната листа бил 54,4 милиони евра. Тоа е зголемување од 880 илјади евра (околу 1,6 насто).

    РЕЧИСИ ДВЕ ПЕТТИНИ ОД ДОЛГОТ Е ОД ТОП 10-ТЕ ФИРМИ

    Најголемите должници, кои одамна им се познати не само на даночниците, туку и на оние што само фрлаат поглед на месечните листи што ги објавува УЈП, не платиле ДДВ во износ од 55,28 милиони евра. Тоа е 38,3 насто од вкупниот долг направен по оваа основа, односно зафаќа речиси две петтини.

    Водечки на листата остануваат Хант Осој Трејд со 14,19 милиони евра, проследени со раст од 190 илјади евра и Окитна Трејд со 14 милиони евра и зголемување на износот за 100 илјади евра. Овие две компании заедно должат 28,19 милиони евра, повеќе од половина од долгот на листата.

    Повисоки се долговите и кај треторангираната Дианита од Струмица (+ 90.000 евра), исто како и на Пине Груп (+ 60.000 евра), Грофлер (+ 40.000 евра), СГСМ-Оил&Гас сервис с.р.о Острава – Подружница Скопје (+ 20.000 евра), Абира Плус (+ 280.000 евра) и Мил-Давит (+ 450.000 евра).

    Има и случаи што ги сервисираат обврските. Намалување на долгот има кај струмичката фирма Минтикос Текстил, од 2,7 на 1,78 милиони евра, односно фирмата во меѓувреме се раздолжила со 920 илјади евра. Исто така, и кратовската подружница на Спектра Јеотек расчистила дел (140.000 евра) од обврските – од 1,9 милиони на 1,76 милиони евра.

    СКОПЈЕ Е БЕЗ КОНКУРЕНЦИЈА ВО ГЕОГРАФСКАТА СТРУКТУРА

    Таму каде што има најмногу жители и бизниси, таму и задолженоста е најголема и најмногу се заобиколува плаќањето ДДВ. Скопје убедливо го држи приматот на најдолжнички центар по основ на ДДВ, и покрај тоа што има намалување од 100 илјади евра. Конкретно, скопските фирми должат 86,2 милиони евра, што претставува околу 59,7 насто од вкупниот долг од 144,3 милиони евра. На претходната листа долгот изнесувал 86,3 милиони евра.

    Промените се поизразени во останатите градови. На пример, во периодот меѓу двете УЈП-листи, фирмите од Тетово го надградиле долгот за 700 илјади евра (од 6,4 на 7,1 милион евра), што е 10,9 насто, а од Струга за плус 300 илјади евра (од 1,6 на 1,9 милиони евра). Кумановци, пак, минусирале половина милион евра (од 7,2 на 6,7 милиони евра), а струмичани 300 илјади евра (од 12,3 на 12 милиони евра).

    Состојбата во Неготино и Гевгелија е статус кво.

    Иако има значајни поединечни движења, вкупниот долг на топ 10-те града останува 130,3 милиони евра – ист како и на претходната листа. Разликата е во составот: на претходната листа, на деветтото место бил Кавадарци со 1,8 милиони евра, а на десеттото Гевгелија со 1,7 милиони евра. Сега Струга влегува во топ 10 со 1,9 милиони евра, додека Кавадарци е надвор од листата.

    Инаку, распонот на комплетната должничка листа по градови должници е голем – од Скопје со над 86 милиони евра, до градови со долгови што се искажуваат во стотици илјади евра. Како симболичен најмал должник повторно се појавува Јегуновце со само 422 денари, односно околу 7 евра долг за ДДВ.

    Маја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично