ПОВЕЌЕ

    ИРЕНА КИКЕРКОВА: Стратешките приоритети и партнерства треба итно да се редефинираат

    Време зa читање: 4 минути

    Пари ги праша економските експерти каква 2026 година нѐ очекува – стабилизација или нови удари врз животниот стандард. Нивните одговори отвораат клучни прашања за неопходните реформи и наместо новогодишна честитка носат јасна порака до Владата за тоа што повеќе не смее да се одложува.

    Ирена Кикеркова – редовен професор на Економски факултет Скопје при УКИМ:

    Објавените економски показатели од реномираните меѓународни институции укажуваат на општо забавување на меѓународната економија и значително опаѓање на економскиот раст, особено во западните економии. Причините се општо познати, а се повеќебројни. Економскиот раст е особено погоден од бавното реинтегрирање на прекинатите глобални синџири за снабдување што настана како последица на Ковид пандемијата, а продолжи со бруталното нарушувањето на правилата на мултилатералниот трговски систем. Тесните грла во снабдувањето со енергенси и ретки метали, ресурси што се од витално значење за секое производство, растот на цените на земјоделските производи и сѐ поотвореното затворање на најразвиените економии со враќањето на класичниот протекционизам, но и со мерки облечени во ново руво (како на пр. мерките поврзани со наводното ублажување на климатските промени), се предизвици чие решавање ќе се пренесе и во годината што доаѓа.

    Очите на македонската деловна зедница се завртени кон Западна Европа и економиите на ЕУ од кадешто доаѓаат нашите најголеми трговски партнери. Половина од нашата трговска размена се одвива со Германија. Оттука, евидентираната стагнациија во оваа економија и можноста за појава на негативен раст кај неа, за нашата економија претставува извор на дополнителни ризици и економска нестабилност.

    Забавувањето на евроинтеграциските процеси, што за волја на вистината во голема мерка се должи и на губењето на значајни позиции на Европската унија во меѓународни размери и на нејзините внатрешни, структурни проблеми, како и проблемите во мултилатералниот трговски систем, претставуваат сериозен предизвик за македонската Влада. Се чини дека традиционалните модели за поттикнување на економскиот развој се далеку зад нас. Стратешките приоритети и партнерства треба итно да се редефинираат, да се изнајде начин за склучување нови трговски договори со партнери кои можат да помогнат, пред сѐ во пренесувањето на технологиите и знаењата што ќе обезбедат воведување на автоматизација и примена на вештачка интелигенција во дел од постоечките, и по  можност освојување на нови производства. На овој начин ќе може да се обезбеди и пристап до нови пазари, но и задржување на позициите што се веќе освоени. Во услови на увозна зависност од енергија и од ресурси за потребите на домашното производство, македонската влада треба веднаш да побара експертиза за воспоставување на циркуларна економија во која отпадот од едни дејности и гранки ќе претставува важен извор на ресурси за други дејности и гранки. Во спротивно, македонската економија нема да може да обезбеди раст на продуктивноста, а постоечките економски проблеми уште повеќе ќе се продлабочат и нема да може да се задржат вредните квалификувани човечки ресурси. И се разбира, не треба да се потцени осовременувањето на транспортната инфраструктура без која нормалното функционирање на економијата е неможно.

    За крај посакувам одлични резултати од работењето на Владата во невралгичните точки на македонската економија, што конечно ќе им ја врати надежта и вербата на граѓаните во сигурна и безбедна иднина.

    Подготви: Маја Анастасова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично