ПОВЕЌЕ

    ИНВЕСТИЦИЈА ОД 500 МИЛИОНИ ДОЛАРИ: 55 ветерници, 630 работни места, струја за 100.000 домаќинства

    Време зa читање: 3 минути

    На потегот Штип, Карбинци и Радовиш, на површина од околу 326 хектари ќе има 55 ветерници, каде што ќе се произведува еден терават електрична енергија. Поставен е камен темелникот на најголемата инвестиција – од половина милијарда долари – во чиста енергија, на Алказар енерџи партнерс. На тој начи ќе се обезбедат струја за 100 илјади домаќинства, 630 работни места и енергетска независност.

    „За мене е исклучително пријатно чувството, бидејќи по нешто повеќе од една година, тоа што го ветивме, заедно со компанијата и инвеститор, денеска добива завршница на оваа прва фаза. Тоа беше практично вториот ден од изборот на тогашната нова Влада кога заедно со Даниел и со неговите соработници најавивме инвестиција во делот на обновливата енергија во вредност од половина милијарда долари, којашто ќе произведува отприлика 1Tw електрична енергија годишно и дека тоа ќе биде инвестиција којашто ќе биде практично драјвер и модел како треба во иднина да се движиме“, нагласи премиерот Христијан Мицкоски и додаде – „Имаме уште многу идеи како оваа инвестиција може да додаде уште поголема вредност и да биде уште позначајна и за компанијата инвеститор и за нас како држава, но тоа ќе го разговараме во некоја следна фаза“.

    Притоа, ја истакна и дисциплината, без која не е можно ништо да се постигне. Тој момент го посочи и ко-основачот на Алказар енерџи, Даниел Калдерон:

    „Ова е редок момент кога по 12-годишно постоење на Алказар никогаш досега немаме успеано да стигнеме до оваа фаза на подготвеност за градба и тоа точно во согласност во временската рамка, што ја договоривме со владата уште во јуни минатата година. Во нашето долгогодишно искуство, без разлика во која земја сме во светот, најважна за нас е дисциплината при работата со нашите партнери. Вообичаено кога ќе работиме за други проекти, ние сме тие кои треба да ги туркаме институциите и владите на земјите за да завршат нешто. Раководните лица во Владата на Македонија беа тие што нас не туркаа да ги завршиме работите побрзо и им благодарам“.

    Со ваквите проекти им се дава шанса на економијата и на конкурентноста на нашите компании, смета министерот за транспорт и вицепремиер, Александар Николоски:

    „Европската унија ги постави правилата за зелена транзиција, а тие велат дека особено во металната, во челичната, во индустриите кои придонесуваат најмногу за нашиот БДП, од 2026 година мора да се користи зелена енергија. Да дадеме шанса на нашата економија и компаниите да бидат конкурентни надвор на пазарот, вакви проекти ќе придонесат да бидеме лидери и во индустриското производство“.

    Алказар енерџи е фонд за одржлива инфраструктура со седиште во Луксембург, фокусиран на проекти за обновлива енергија на пазарите во развој. Досега има развиено сериозен енергетски капацитет од над 400 мегавати на Блискиот Исток, а сега ги шири своите проекти на Балканот, со слична амбиција за изградба на ветерни и соларни електрани.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично