„Мирисот на свеж леб е мирис на надежта“, вели заменик директорот во мисијата на Светска програма за храна (WFP) во Газа во обраќањето во видеото што го објави организацијата на Обединетите Нации. На снимката се гледаат камиони од оваа агенција на ОН натоварени со вреќи брашно што пристигнуваат во пекарница во Деир ел-Балах, во централниот дел од Газа, погодена од воените дејства на војската од Израел, а постројките на пекарницата брзо го претвораат брашното во тркалезни векни леб. Тој е Македонец и веќе долги години работи на хуманитарни мисии низ светот, каде на жителите на држави во војна или погодени од природни катастрофи им се доставуваат намирници неопходни за опстанок.
Разговорот со Владимир Јовчев преку видео–повик на Вибер уште на почетокот зачудува: тој престојува во самата област Газа, во непосредна близина на локациите зафатени со силното и постојано бомбардирање на населените места од страна на израелската војска, каде секојдневно гинат десетици невини цивили.
ПАРИ: Колку сте Вие оддалечен од воените активности на израелската војска?
Јовчев: Нема оддалеченост, најчесто поминуваме покрај операциите, но нашето движење е координирано со нив, значи, кога одиме да доставиме помош во некој дел од Газа каде што има воени операции, ние ги координираме нашите движења, се јавуваме (на израелската војска, н.з.) и кажуваме што планираме да направиме, на колку луѓе ќе им помогнеме таму, колку време ќе поминеме и сл. и тогаш тие ги запираат дејствата и ни овозможуваат да ја доставиме храната, да поминеме некое време со луѓето и да разбереме низ што поминуваат, колку им треба од тоа што ќе го донесеме, дали им е доволно. Имаше еден мал дел што беше познат како хуманитарна зона, но во моментов и таму има воени операции постојано и секој ден. Откога беше прекинато примирјето, буквално целата Газа е една воена зона. Нема безбедни места. Тука работиме, тука и живееме.
Повеќе од една година сум во Газа, заменик–директор на мисијата со фокус на операциите што ги имплементираме во Газа. Тоа вклучува сѐ: како ги дефинираме програмите, колку луѓе ќе вклучиме во нив, како идентификуваме кому е повеќе потребна нашата помош, целата логистика ‒ од каде треба да ја набавиме и донесеме храната, извештаи до донаторите за реализираните цели итн.
ПАРИ: Дали сте за првпат вклучен во ваква специфична операција на доставување хуманитарна помош на цивилно население во услови на воен конфликт или и претходно сте работеле нешто слично?
Јовчев: Од аспект на обем, операцијата во Газа не спаѓа во посебно обемна бидејќи доставуваме помош за 1 до 1,5 милиони луѓе месечно, а тоа може да се смета за помала операција во однос на некои други места на кои сум работел. На пример, кога бев во Авганистан, им дававме храна на околу 20 милиони луѓе на дневна база. Претходно имам работено на операции како Сомалија, Зимбабве и сите тие во однос на обемот на работа се поголеми од оваа, меѓутоа во однос на комплексноста, на тоа колку оваа операција е оптоварена со политика и дека се работи за активен воен конфликт додека ние работиме, ова е единствен случај досега. Воените дејства тука се одвиваат на секој чекор, ние сме среде воена зона.
ПАРИ: Вие, значи, живеете среде војна?
Јовчев: Да, сместени сме во едно мало гратче во Газа, Дир ел Бала (Deir al Balah) кое не е толку разурнато, барем не толку како Газа Сити или некои други делови како Хан Јунис или Рафа, каде што воените операции беа многу поинтензивни. Таму беа поинтензивни бидејќи не само што имаше повеќе милитанти од Хамас коишто ги таргетираа, туку имаше и многу повеќе тунели коишто беа користени за отпор, воени дејства, порано за шверц, а подоцна за криење на милитантите.
ПАРИ: Практично, Вие сте среде тој хаос, бомбардирање и цивилно страдање, така?
Јовчев: Да, така е и многу е тажно, целиот конфликт е многу тажен, војнава е многу брутална, нема ден да нема значителен број на починати, одреден дел од загинатите се цивили, некои се вистински милитанти коишто беа дел од операциите на 7 октомври кога Хамас го нападна Израел, меѓутоа често се случува да има и колатерална штета кај цивилите што се околу. Околу 2 милиони луѓе се буквално присилени да престојуваат на многу мала територија, така што тешко е кога се одвиваат такви воени дејства да нема колатерална штета кај цивилното население. Тажно е од повеќе аспекти, не само од воените дејства, тажно е и што луѓето мораат да се преселуваат, преместуваат и по неколкупати, нема човек во Газа што се нема преселено барем три до четири пати. Тие најчесто живеат во тешки услови, во шатори, во лоши хигиенски услови, целата инфраструктура за струја, вода, канализација, сѐ е уништено, ништо не функционира, нема основни услови за живот, болниците се во многу тешка состојба, најголем дел од нив беа погодени и се делумно или целосно оштетени. Набавката на лекови и основна опрема е многу тешка, ништо не влезе во Газа речиси 80 дена, колку што беше затворена границата, сега почнавме ние да носиме храна, други хуманитарни организации носат лекови, опрема, а УНИЦЕФ носи храна за деца, за бебиња и хлор за прочистување на водата.
ПАРИ: Колкав процент од населението во Газа е сега според Вас опфатен со некаков вид хуманитарна помош? Има ли луѓе до кои помошта не пристигнува?
Јовчев: На целата популација на Газа ѝ е потребна помош. Дури и да имале некакви залихи, дури и да имале некакви заштеди и нивните куќи да не се комплетно разурнати, кога ништо не функционира, кога нема банкарски систем, дотокот на готовина е ограничен, за да сменат пари, луѓето мора да платат 35 до 40 насто провизија за парите што ги имаат на сметка, на пазарите порано имаше многу работи, сега нема ништо и сите се помалку или повеќе зависни од хуманитарната помош. Кога почнаа воените дејства тука, бевме во слична ситуација како сега, границите беа затворени, меѓутоа подоцна се отворија. Најдобро беше за време на примирјето, кога неколку гранични премини беа отворени и влезе многу помош. Во тие 60 дена дневно влегуваа и до 600 камиони и имаше и овошје, зеленчук, месо, млечни производи, па можеше да се направи дури и некаква резерва. Но, кога примирјето престана, границите се затворија и оттогаш не влезе ништо. Ние сега почнавме да носиме и имаме доволно храна да ги нахраниме сите 2 милиони луѓе, меѓутоа проблем се оштетените патишта и инфраструктура, проблем е што владее беззаконие, има банди што ни ги пресретнуваат камионите, ја одземаат помошта и подоцна ја продаваат на пазарите по повисока цена. Моментално тоа ни е најголемата пречка за да ја доставиме помошта до сите, а потребна им е на многу и многу е итно. Сите индикатори ни кажуваат дека луѓето во последниве 90 дена имаат малку достапна храна и има одредени групи што се многу погодени. Токму денес тимот се врати од мерење деца за да се утврди колкава е неухранетоста и податоците се загрижувачки. Тежината оди во надолна линија бидејќи немаат доволно храна за да се одржуваат во здрава состојба.
ПАРИ: Медиумите објавија за еден случај од вчера, кога израелската војска пукала на пункт за дистрибуирање храна. Колку често се случуваат вакви инциденти?
Јовчев: Има една нова хуманитарна организација, Газа Хуманитариан Еид, која е блиска со израелската страна. Тие вчера го отворија пунктот и не очекуваа да дојдат толку многу луѓе. Луѓето буквално се изгладнети и се очајни да дојдат до каква било храна. Израелската војска мораше да реагира за да ја разбрка толпата со цел да ги заштити луѓето што дистрибуираа таму. Инциденти се случуваат, ние имаме 40 наши јавни кујни, една од нив беше гранатирана, тоа се случи на северот, во Газа Сити, и, за среќа, помина без жртви.
ПАРИ: Веројатно Ве погоди и инцидентот со загинувањето на петнаесеттемина хуманитарни работници.
Јовчев: Да, во тој инцидент загина и еден мој колега од Бугарија, а тогаш беше ранет и еден Македонец, кој работеше за друга организација, UN OPS. Тој сѐ уште е на лекување во Швајцарија, имаше шрапнел во ногата, но имам информација дека е добар, генерално. Не е лесно, такви се околностите, но некој мора и ова да го работи.
ПАРИ: Секоја чест за храброста и хуманоста, сигурно не е лесен избор да се определите да го работите ова.
Јовчев: Јас го работам ова од 1999 година, од косовската криза, потоа се префрлив во Рим, па во Зимбабве, па во Сомалија, имав доста мисии како Авганистан, Судан, Чад, Буркина Фасо и, еве, сега во Газа. Но, убава ми е работата и си ја сакам.
ПАРИ: Ви посакувам да останете во добро здравје и да ја завршите Вашата мисија онака како што сте ја замислиле.
Забелешка: Во текот на интервјуто кое го правевме со Владимир на 28 мај, во градчето Деир ел-Балах во Газа, каде што е сместена и мисијата на WFP, дошло до инцидент кога „орди гладни луѓе“ провалиле во магацинот за снабдување со храна на Светската програма за храна. Во инцидентот има двајца загинати и многу повредени. Еве го интегрално соопштението на Светската програма за храна по повод овој немил настан:
„Орди гладни луѓе упаднаа во магацинот Ал-Гафари на WFP во Деир Ал-Балах, Централна Газа, во потрага по залихи од храна што беа претходно поставени за дистрибуција.
Првичните извештаи покажуваат дека две лица загинаа, а неколку се повредени во трагичниот инцидент. WFP сè уште ги потврдува деталите.
Хуманитарните потреби се зголемија по 80 дена целосна блокада на целата помош во храна и друга помош во Газа.
WFP постојано предупредува на алармантни и влошени услови на терен и ризици што ги наметнува ограничувањето на хуманитарната помош на гладните луѓе на кои очајно им е потребна помош.
На Газа ѝ е потребно итно зголемување на помошта во храна. Ова е единствениот начин да се уверат луѓето дека нема да гладуваат.
WFP итно повикува на безбеден, непречен хуманитарен пристап за да се овозможи уредна дистрибуција на храна низ Газа веднаш“.
Југослава Дуковска
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска