ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ I ТОДОСИЕВ: Паметно да се инвестираат средствата за да може да се капитализираат и да донесат одредена заработувачка

    Време зa читање: 10 минути

    Проектите поврзани со недвижнини имаат најоптимален поврат на инвестициите и најнизок степен на ризик, а го зголемуваат финансискиот бенефит. Групацијата Smart Invest Group веќе една година нуди алтернативен и паметен начин на инвестирање за првпат кај нас. Smart Invest Group е еквивалент на светски развиени и функционални платформи од овој тип работење. Платформата е наменета за поедноставно и транспарентно поврзување на инвеститори коишто се заинтересирани за пласман на своите слободни средства со луѓе коишто имаат модерни бизнис-идеи со голем потенцијал. Инвестициите се наменети за реализирање проекти во областа на недвижен имот, инфраструктурни објекти, стартап-бизниси и слично.

    По повод октомври ‒ месецот на штедење, Александар Тодосиев, управител на Smart Invest Group, во интервју за порталот Пари ги сподели своите ставови на тема инвестирање, сигурност на инвестираните средства, како и можноста за капитална добивка со вложување во реални проекти што ги нуди Smart Invest Group.

    Како што вели тој, со заеднички сили до 2027 година планираат инвестиции од 11.454.168 евра во градежниот сектор и недвижнините, а тоа значи влијателни инвестиции што ја менуваат играта на пазарот во Македонија.

    Пари: Алтернативен и паметен начин на инвестирање за првпат кај нас веќе точно една година. Што претставува Smart Invest Group?

    Тодосиев: SMART INVEST GROUP е просперитетна и влијателна инвестициска групација којашто дејствува во разнообразни сегменти на македонскиот бизнис и општество. Нашата уникатност произлегува од вклучувањето на искусни и реномирани македонски компании со повеќе од две децении искуство во областа на градежништвото, информатичката технологија, финансиите и банкарството, трговијата и угостителството, медиумите, маркетингот, печатарската индустрија и сѐ што е поврзано со области на сигурни и стабилни инвестиции. На нашата веб-страница www.sigroup.mk може да се запознаете подетално со партнерите коишто се дел од нашата групација.

    Пари: Smart Invest Group го менува ликот на приватните инвестиции. Кои се можностите за инвестирање и заработка што ги нуди вашата групација?

    Тодосиев: Smart Invest Group претставува алтернативен и паметен начин на инвестирање којшто за првпат се појавува кај нас!

    Покрај тоа што се занимаваме со градежништво, односно проектирање и изведба на паметни станбени згради во кои се вградени најсовремени дигитални решенија коишто вклучуваат голем број на сензори за ефикасна комуникација меѓу уредите, преку кои се обезбедува интелигентно следење на сите аспекти во домот, преку нашата Crowdfunding платформа ние обезбедуваме и можност граѓаните да станат коинвеститори во нашите проекти.

    Тоа е новитет на нашиот пазар за транспарентно поврзување на инвеститори коишто се заинтересирани за пласман на своите слободни средства, односно одлична можност за физички и правни лица да инвестираат во проектите и за своите инвестиции да добијат загарантирана капитална добивка од 9 насто (за краткорочните проекти) и 10 насто (за среднорочните проекти) на годишно ниво.

    Во пракса, тоа значи дека ако некое лице инвестира 10.000 евра во некој од нашите проекти, на пример проектот/станбената зграда X9 којашто се наоѓа во Скопје, проект кој започнува на 15 октомври 2024 година и ќе трае три години, до 15 октомври 2027 година, тогаш инвеститорот ќе добие максимална капитална добивка од 30 насто за целиот период, односно 10 насто на годишно ниво. Во пари, тоа значи дека инвеститорот за тие три години вкупно ќе заработи 3.000 евра. Дополнително, инвеститорот не треба да чека да се комплетира проектот за да ја добие капиталната добивка заедно со инвестираната сума, туку капиталната добивка му ја исплаќаме секој месец на неговата трансакциона сметка додека трае проектот, која изнесува 83,3 евра бруто во денарска противвредност.

    Во моментов ние сме единствените на пазарот што имаат највисока фиксна и загарантирана капитална добивка, која, за разлика од многу други, ја исплаќаме однапред, додека трае проектот, и имаме најстабилни гаранции на инвестициите обезбедени на неколку нивоа.

    Пари: Инвестирањето не е еднократен чин, туку циклус што носи континуиран раст и развој. Зошто според Вас е паметно да се инвестира во недвижнини?

    Тодосиев: Низ годините видовме дека цената на недвижнините е во постојан раст, и тоа не само во Македонија, туку и во регионот, Европа, и, воопшто, на светско ниво. Од 2020 година до денес, за само четири години, цената на квадратен метар во Македонија е порасната над 30 насто, додека на одредени локации цената е порасната двојно, односно 100 насто. Податоците на Народна банка покажуваат дека намалувањето што се најавуваше за 2024 година не се случи, туку само забави растот на цените на становите. Така на пример, ако растот на цените во претходните 2 години по квартали се движеше меѓу 11 и 22 насто, во последноанализираниот квартал (јули ‒ септември 2024 година) цената на квадратен метар во Скопје порасна за 8 насто.

    Покрај ова, ако се земе предвид дека најчести производи што ги пласираат банките кај населението се станбените кредити, каде што како гаранција во 90 насто се јавуваат станбени единици и тоа по пазарна вредност, тоа е уште еден показател дека цената на становите е стабилна и тоа мало стабилизирање на цените што се очекува во следниов период нема да направи никаква штета во веќе реализираните инвестиции во ова поле.

    Врз основа на наведеното лесно може да се заклучи дека инвестиција во стан/недвижнина е паметна одлука и секоја инвестиција поврзана со недвижнина како гаранција е сигурна, стабилна и исплатлива инвестиција.

    Главната разлика меѓу купувањето стан и инвестирањето кај нас е во периодот на враќање на инвестицијата, т.н. ROI (Return of Investment). Ако повратот на инвестицијата за купување стан се движи околу дваесет години, ROI-то кај нас е десет години. Тоа значи дека заработката преку платформата Smart Invest е двојно поголема и побрза отколку купувањето стан.

    Пари: Во светот на инвестициите отсекогаш постоеле измами, а едуцирањето на потенцијалните инвеститори е од особена важност. Кaко се обезбедува сигурност на инвестираните средства во Smart Invest Group?

    Тодосиев: Не случајно станбените згради се проектите коишто им ги нудиме за инвестирање на нашите клиенти. Наведената сигурност, растот на продажната цена, побарувачката и загарантираниот пласман, овозможуваат сигурност и стабилност на нашите проекти, а со тоа и сигурност на луѓето коишто инвестираат во нив.

    Покрај недвижнината во која се инвестира, како гаранција, секако, стоиме и ние (Smart Invest Group) и како правно лице гарантираме реализација на проектите со целиот наш движен и недвижен имот. Дополнително, ние сме единствени на пазарот каде што не само инвеститорот, туку и уште едно правно лице се јавува како гарант, а тоа е фирмата изведувач.

    Во кратки црти, тоа значи дека имаме 3 нивоа на гаранција: објектот/проектот каде што се инвестираат средствата; инвеститорот со целиот свој движен и недвижен имот; и изведувачот на градежните работи со целиот свој движен и недвижен имот.

    Ако се земе предвид и цената на квадратен метар и исплатливоста на градежните проекти, инвестицијата во нашите проекти е најсигурна, најстабилна и најисплатлива.

    Пари: Кои се чекорите за инвестирање на платформата Smart Invest Group?

    Тодосиев: Следејќи ги најновите трендови на дигитализација и автоматизација на целокупното работење и живеење во денешницава, направивме информатичка платформа којашто е многу лесна за користење и во само неколку чекори може да инвестира буквално секој, од каде било во државава и пошироко. За инвестирање се потребни само три едноставни чекори: регистрација, односно создавање профил; означување на проектот во кој сакате да инвестирате, и сума што сакате да ја инвестирате.

    Бидејќи платформата е целосно автоматизирана, врз основа на податоците од создадениот профил се генерира договор за коинвеститорство каде што стојат личните податоци на инвеститорот, проектот во кој се инвестира, капиталната добивка што ќе ја добие од денот на инвестицијата до завршување на проектот, како и горенаведените гаранции. Генерираниот договор се потпишува со СМС-код, кој се испраќа на личниот мобилен телефон наведен во профилот на инвеститорот. По потпишување на договорот, се генерира уплатница и по нејзината уплата (која исто така може да се уплати и преку електронско банкарство), договорот и инвестицијата стануваат активни.

    Целокупниот процес за инвестирање не трае повеќе од 15 минути.

    Пари: Како групација којашто го афирмира инвестирањето што е тесно поврзано со штедењето, кои активности ги презема Smart Invest Group во мeсецот на штедење?

    Тодосиев: Во октомври организираме неколку настани со кои сакаме да го одбележиме месецот на штедењето. Најпрво направивме промоција на еден од нашите краткорочни проекти (X8), со што секоја инвестиција во октомври во овој проект ќе биде зголемена за 1 процентен поен, односно наместо 9, луѓето што ќе инвестираат ќе добијат 10 насто на годишно ниво.

    Понатаму, како општественоодговорна компанија, организиравме ликовен конкурс на тема „Јас и моите паметни другарчиња“, каде учениците од I до IX одделение може да учествуваат и за тоа да добијат соодветна награда од стручната комисија формирана за конкретнава тема.

    Последно, но не помалку важно, ја најавивме и надградбата на нашата платформа којашто треба да почне да се реализира од 1 јануари 2025 година, а тоа е можноста за инвестирање на рати, што, всушност, претставува еден вид паралела на детското штедење, односно можност за инвестирање помали суми на месечно ниво, за која покрај тоа што ќе ја заштедат соодветната сума, инвеститорите ќе добијат и соодветна капитална добивка пресметана по алгоритамот којшто нашата информатичка компанија моментално го програмира.

    Пари: Што им препорачувате на нашите читатели во ова време кога инфлацијата ги јаде заштедените пари. Како најпаметно да ги инвестираат своите средства?

    Тодосиев: За жал, инфлацијата навистина ги јаде парите, односно сериозно ја намалува нивната куповна моќ. Изминативе неколку години во Македонија и во регионов имавме сериозна стапка на инфлација, која значително влијаеше на намалување на куповната моќ на парите.

    Поради тоа, важно е паметно да се инвестираат средствата за да може соодветно да се капитализираат и не само да ја пребродат инфлацијата, туку и да им донесат одредена заработувачка на луѓето. Ако се земе предвид дека инфлацијата во Македонија и регионот обично се движи меѓу 5 и 7 насто на годишно ниво, секоја инвестиција или штедење со стапка пониска од 5 насто де факто значи губење на вредноста на парите, односно таа добивка ќе успее само да ја анулира загубата од инфлацијата, а не да донесе и реална добивка.

    Ако се знае дека останатите финансиски институции или инвестициски фондови нудат реална и недвосмислена добивка меѓу 3 и 8 насто на годишно ниво, тогаш Smart Invest Group со своите загарантирани и фиксни 9 и 10 насто на годишно ниво несомнено претставува најповолна опција за инвестирање што моментално е присутна на македонскиот пазар.

    Новинар: Катерина Михајлова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично