ПОВЕЌЕ

    Интервју | Адвокати Стевковски Мирчевски: Адвокатот како бизнис партнер на компаниите во менаџирање на побарувањата

    Време зa читање: 5 минути

    Дарко Стевковски и Александар Мирчевски, адвокати од адвокатската канцеларија Стевковски Мирчевски, со долгогодишна експертиза во областа на наплата и извршување на побарувања.

    Пари: Какви совети им нудите на компании кои се соочуваат со големо портфолио ненаплатени побарувања, кои се под закана за неликвидност и евентуални проблеми со подмирување на сопствените побарувања?

     

    Адвокати Стевковски Мирчевски: Адвокатот треба да биде бизнис партнер на комапниите во менаџирање на нивното портфолио на побарувања. Идеално би било уште кога се склучуваат договорите за деловна соработка да се вклучи адвокат и да се преземат сите превентивни мерки за да се овозможи лесна и брза наплата. Секако дека во реалноста се соочуваме со доста комплексни сценарија и кога се работи за правни лица со големи износи врзани во ненаплатени побарувања, адвокатот може да утврди на кои побарувања да им се даде предност за да се дојде до брза ликвидност и по кој редослед и приоритет има смисла да се водат постапките за компанијата да се врати во нормален циклус, да може лесно да ги сервисира своите обврски и да врши побрза и поефикасна наплата. Блиската соработка со адвокат што ја владее оваа област значи тој да ве стави вас како компанија на врвот на листата на приоритети и да ги менаџира соодветно сите рокови поврзани со вашите побарувања.

     

    Пари: Какви законски решенија им стојат на располагање на компаниите кои имаат проблем со наплата на побарувања?

    Адвокати Стевковски Мирчевски: Примената на законските решенија варира во зависност од случајот. Изборот на соодветно правно решение применливо за конкретната ситуација е веројатно најсериозниот чекор што компанијата би требало да го избере во соработка со адвокат со пошироко искуство во оваа област. Грешка во првиот чекор потенцијално може да ја одведе целата постапка на раководење со побарувањето во погрешен правец и да доведе до усложнување, одолговлекување, па дури и до ненаплатливост. Можните решенија може да вклучуваат предлог пред нотар за издавање решение за платен налог или поведување постапка со тужба пред суд. Во одредени случаи можна е директна наплата преку извршител без претходна судска постапка, додека пак во други случаи се прави обид за медијација, постапка што во одредени околности законот ја предвидува како задолжителна.

     

    Пари: Во кои случаи може да се започне постапка за присилна наплата и на кој начин се спроведува наплатата на побарувањето?

    Адвокати Стевковски Мирчевски: Постапка за присилна наплата доверителот може да започне доколку има извршна исправа против неговиот должник. Присилната наплата ја спроведува надлежниот извршител по претходно поднесено барање од страна на доверителот. Извршителот може да го спроведе извршувањето со различни средства за извршување. Најчесто средство за извршување е преку извршување врз сметката на должникот. Секако дека постојат и други можности, како што се продажба на недвижен имот, попис, процена и пленидба на подвижни предмети, извршување врз удели и акции итн. Доверителот треба да има предвид дека оваа постапка подразбира дополнителни трошоци за должникот.

     

    Пари: Кои се најчестите грешки што доведуваат до ситуација еден долг да не може да се наплати?

    Адвокати Стевковски Мирчевски: Според нашето искуство тоа е за жал предолго чекање од страна на доверителите пред да се преземат чекори за наплата од должникот. Колку повеќе време се чека, можностите се ограничуваат со тоа што останува помалку време и помал простор за наплата. Често пати се навраќаме на изреката: кој е прв во времето, тој е прв во правото. Па така, брзото делување на доверителот, значи поголем успех во наплатата. Оние што имаат редовна соработка со адвокат за менаџирање на нивните побарувања, секако дека се чекор пред другите.

     

    Пари: Дали постојат чекори што компаниите можат да ги преземат за да се заштитат од ненаплатливи побарувања?

    Адвокати Стевковски Мирчевски: Целосно да се заштитат од ненаплатливи побарувања не може, но секако дека може да преземат одредени активности и да се извршат анализи со цел да се заштитат и да имаат поголем успех во наплатата на побарувањата. Менаџирањето со побарувањата бара одржување на еден фин баланс меѓу добрите деловни односи и штитење на сопствените интереси. Понекогаш агресивниот пристап може да донесе добар резултат зошто се случил во вистински момент, а другпат може да има контраефект. Пред се, бизнисите треба да водат сметка со кого соработуваат, според тоа да утврдат каква деловна соработка би била поволна за нив и да се консултираат со адвокат за можностите што би овозможиле поефикасна наплата.

    Пари: Каков вид на доверители најчесто бараат правна помош од вашата адвокатска канцеларија за наплата на долгови?

    Адвокати Стевковски Мирчевски: Повеќето се правни лица, со оглед на тоа дека тие многу почесто влегуваат во деловни односи. Проблеми со наплатата на побарувања има буквално во сите бизнис сектори, вклучувајќи ги и државните органи. Листата на наши клиенти кои ги советуваме за наплата на побарувања вклучува голем број компании од разни дејности. Менаџирањето на наплатата на побарувањата понекогаш и не мора да се сфаќа како проблем – едноставно тоа е еден природен дел од водењето бизнис. Бидејќи во бизнисот секој секому должи, најбитно е кој има информација или добар правен совет за да биде чекор пред другите.

    Редакција Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично