Евридика Шашкова Николовска е жена којашто веќе осум години се бори со дијагнозата карцином на дојка. Смиреноста, трпеливоста коишто ја красат како личност, се нејзиното најсилно орудие во битката што ја води со многу достоинство и беспримерна храброст.
Таа е дипломирана новинарка којашто својата кариера ја продолжува во водите на стратегиските комуникации, за што има и магистерска диплома. И по дијагнозата – карцином на дојка, и премрежијата што следеа, Евридика продолжи со страст да ја работи својата работа како дел од тимот за односи со јавност на Телеком.
„Одбрав да не влегувам во самосожалувачки ‘филм’. Пресреќна сум што сум во кондиција да водам грижа за моето семејство, да планирам патувања, да имам амбиции, да сонувам. Па, жива сум, нели!“, вели нашата соговорничка.
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, порталот Пари низ серија интервјуа ги претставува успешните и професионално реализирани жени, нивните кариерни патишта, предизвици и достигнувања со кои оставаат препознатлив, траен белег.
Пари: Поминаа точно осум години откако ја доби дијагнозата канцер на дојка. Каква беше твојата првична реакција?
Шашкова Николовска: На 9 февруари 2018 година, во 17 часот, ме внесоа во операционата сала. Последно што помислив пред да ме обземе анестезијата беа моите две ќерки.
Во целата таа итаница меѓу фазата на отстранување на туморот и закрепнувањето, клопчето на вистината почна да се отплеткува, па на сета мака, со децата ни се случија разврски речиси еднакви на сценарио за трагикомичен филм. Така, сфаќаш дека животот е шарен и кога нијансите се потемни, но и дека е комплексен проект со којшто секој ден се обидуваш да управуваш. Некогаш успешно, некогаш помалку успешно, но на крајот разбираш дека не си ти секогаш тој што ги држи конците в раце.
Соочувањето со дијагнозата канцер е драматично искуство. По првиот шок веќе ја носиш етикетата онколошки пациент и животот добива сосем друг правец. Стануваш „вечен“ пациент, се разбира, ако имаш среќа да преживееш, па учиш секојдневно да живееш во неизвесност. Се будиш наутро, ама, сакал или не, и тој факт се буди со тебе. Легнуваш навечер и тој е тука, заспива со тебе. Имаш рак, тоа е…
А, не боледуваш само ти, боледува целото семејство.

Како ја откри својата болест? Дали помисли дека тој мал израсток може да ти го смени животот?
Шашкова Николовска: Болеста ја открив при самопреглед. Кога го напипав малиот израсток, ми поминаа трпки низ целото тело. Ги положив прстите уште еднаш на тоа место, и повторно, и повторно… и сè повеќе се избезумував. Прво ми заличуваше како да е мала жлездичка, потоа како внатрешна акна, па ќе си речев ‒ „не, ова е тумор“.
Едно време навидум ми подолесна кога сфатив дека не ме потсетуваше на израстокот на мајка ми, исто на левата дојка, зашто нејзиниот беше како плочесто тело. И таа, околу 14 години пред мене, ја доби истата дијагноза и успешно се избори со неа. Неодамна ѝ го честитавме 84. роденден. Ја гледам како навлегува во длабока старост и се охрабрувам дека и со мене ќе биде така.
По три и пол години од операцијата, ми се јавија метастази и последните пет години се борам со таа состојба. Примам биолошка и хормонска терапија.
Борбата со метастазите ми наметна и некои физички ограничувања, но, колку и да звучи парадоксално, јас интензивно му се радувам на животот и му благодарам што не кренал раце од мене.
Што ти помогна да се справиш со стресот и анксиозноста во овој процес?
Шашкова Николовска: За моментот откако ми беше соопштен сомнежот на докторката дека е канцер, во мојот дневник имам запишано: „Колената во моментот на вистина ми се пресекоа и ми отпаднаа некаде на плочките по лекарските одаи“.
Но, морам да напоменам дека докторката го амортизираше шокот со издржан разговор дека медицината бележи значителни успеси во лекувањето на ракот на дојка и тоа го поткрепи со позитивни примери од нејзината пракса. Ете, токму тоа е најважно за еден новорегрутиран пациент ‒ лекарското разбирање, трпение, охрабрување и кредибилна насока за тоа што е следно.
„Честа“ прв да ја дознае информацијата беше сопругот, кој и ден-денес, кога се навраќа на тоа, ги чувствува стресот и тежината на тој момент што ни го промени животот потоа. Не нужно на полошо. Извлековме и добри лекции од ова искуство, се сплотивме, откривме нови димензии на брачната љубов, ги збивме редовите и, еве, сè уште се бориме заеднички.
Тежината на „денот еден“ и на многуте денови понатаму ја поделивме со Ана-Марија, мојата прва братучетка, која ја чувствувам повеќе и од сестра. Сакајќи да ми даде малку верба, таа го извади своето синџирче со полускапоцено каменче, кое си го купила да го чува нејзиното здравје, и го стави на мојот врат. Тоа, ми се чини, беше моментот што ја означи мојата решеност дека тргнувам во борба.
Од првиот па сè до последниот ден на лечењето, со мене беше мојата прва ќерка Искра. Секоја наредна терапија таа ми даваше сила и беше цврста и за себе и за мене. По осум години заедничка борба, јас неодамна дочекав триумфално да стојам до неа на нејзината свадба. Сепак, она што ми остана на душата како неизбришливо петно, е самувањето на моето помладо дете и нејзиното скитање низ маглата од полусознанија за мојата болест. Во таа наша семејна мешаница тогаш, секој од нас си имаше своја тажна приказна и свој начин како да се соочи со стравот.
Инаку, имам среќа да бидам опкружена со силно семејство, прекрасни пријатели и колеги, и сите ми се искрена поддршка. Секој од нив што ќе го прочита овој разговор ќе се препознае, а јас на сите сум им благодарна од сè срце.
Пари: Како течеше твоето лекување? Во таа борба за своето здравје ти се фрли на истражување нови модели на лечење…
Шашкова Николовска: Стандардните протоколи за лекување се исти секаде во светот. Но, секое лекување е различно искуство.
Со сопругот почнавме интензивно да истражуваме и за други, нестандардни методи на лекување. Така, наидовме на ординација во Солун, Грција, каде се спроведува метода што комбинира стандардни терапии со минимална токсичност, хипертермични третмани, соодветна суплементација и насоки за правилен режим на исхрана.
Ова го препознавме како опција за мене и таму го започнав моето лечење.
Инаку, медицинскиот приод во методата по која се лечев, по мое лаичко видување, претставува своевидна персонална онкологија, а стратегијата на лекување се заснова на посебен приод кон секој пациент. Со хипертермијата, како што ми беше објаснето, се мултиплицира ефектот од стандардните хемотерапии. Со високата температура што се развива кај болното место умираат малигните клетки бидејќи не можат да издржат толкав степен на топлина, додека здравите не се погодени.
Пари: Што е најважно за успешниот третман на оваа болест и колку имунитетот влијае за да се излечиш?
Шашкова Николовска: Неколку години по дијагнозата на мајка ми, од канцер заболе татко ми. Поминавме уште една семејна трагедија. Искуството со болеста на моите родители ме научи дека имунитетот не е само збир од витамини и исхрана, туку и психолошка состојба; борбата со стравот е подеднакво важна колку и суплементите. Сепак, сметам дека е „бизарна храброст“ лекувањето на толку комплексна болест да се сведе на присобрани сознанија од Интернет и социјалните мрежи.
Пари: Дали често споменуваниот генетски фактор беше пресуден и кај тебе?
Шашкова Николовска: Иако со мајка ми ја делиме истата дијагноза, моите BRCA3-тестови беа негативни. Тоа што немам ген што можам да го пренесам е моето најголемо олеснување како мајка на две девојчиња. Науката потврдува дека генетиката е фактор во само пет до десет насто од случаите, додека остатокот веројатно лежи во загадената животна средина, храната и стресот. Понекогаш мислам дека нашето тело, едноставно, вели „доста е“ преку болеста, кога ние самите не знаеме да му кажеме „не“ на притисокот и на нереалните очекувања од себеси.
Пари: Беше пациент на онкологија во време на скандалот со лажираните терапии: како ова влијаеше подоцна врз тебе како пациент и врз твојата доверба во лекарите и Клиниката за онколошки болести?
Шашкова Николовска: Кога ми се појавија метастазите решив да продолжам со лекувањето на нашата Клиника за онкологија и радиотерапија. Мој онколог беше д-р Нино Васев, кој претходно ја имаше излечено мајка ми, и за моето искуство со докторот имам само убави зборови. Затоа многу ме погоди сета афера околу него.
Прво, апсењето беше крајно вознемирувачко за пациентите коишто беа во Клиниката тој ден. Додека чекаш пред вратите на лекарите за уште малку живот, се случува холивудско апсење и сфаќаш дека на државниот врв од којшто очекуваш и највисока институционална заштита, најважни му се политичките агенди. И тука е разнишано првото ниво на доверба.
Потоа, голем дел од жените наеднаш останавме без онкологот што беше упатен во нашите состојби, без да се остави време за некој друг доктор да се запознае со нашите дијагнози и да продолжи да нè лекува. Тоа е второто ниво на разнишана доверба. Третото е самата Клиника за онкологија и радиотерапија, која прво требаше да се справи со кризата, а потоа да работи на повторно градење на довербата. Но, кога го гледате персоналот како се труди, како заедно со секој од нас се бори со болеста, а се работи за илјадници пациенти, чувствувате само благодарност и восхит.
Во срцето остана таа тивка вознемиреност и сочувство со сите оние коишто ги носат лузните од таа афера. За мир на сите тие луѓе и за нас, кои орбитираме околу оваа клиника, искрено се надевам дека за овој случај правдата ќе победи, како што се надевам дека за нас, пациентите, ќе има современи, исправни и точно дозирани терапии. Заслужуваме достоинствен третман, без одложувања и без оној тивок страв дали ќе има терапија за секој од нас што дошол по својата доза надеж.
Пари: Евридика, ти и натаму живееш сосем нормален живот – работиш и целосно си посветена на семејството. Па, како успеваш во тоа?
Шашкова Николовска: Јас одбрав да не влегувам во самосожалувачки „филм“. Засега немам некои болки, функционална сум, сакам да сум интелектуално активна, а природата на мојата работа е токму таква, затоа и со задоволство ја работам. Пресреќна сум што сум во кондиција да водам грижа за моето семејство, да планирам патувања, да имам амбиции, да сонувам. Па, жива сум, нели! Дијагнозата прво ме исцеди психички, физички, енергетски, континуирано чувствував страв од анализи, снимања и резултати, па предизвика интимно да се соочам со многу стари рани, за, по сè, уште повеќе да ми ги отвори „чакрите“ низ кои протече поголема животна енергија, а со тоа и многу повеќе радост без особена причина. Денес, не знам дали сум подобар или помудар човек, но знам дека со многу поголема свест гледам на животот и случувањата околу мене. И се чувствувам среќно затоа што моите метастази сега се под контрола, па „carpe diem“ е мојата мантра. Тоа е мојата магична изрека кога облакот од малодушност ќе фрли сенка на денот.
Пари: Што би им порачала на жените коишто се соочуваат со оваа дијагноза?
Шашкова Николовска: Верувајте му на лекарот што сте го одбрале, верувајте дека терапијата ќе направи чуда и дека вие ќе направите сè што зависи од вас за да бидете добро. Тоа ќе ви обезбеди помирна совест.
Ќе ви го кажам и она што мене ми го кажа една моја многу драга пријателка и моја силна потпора: барајте убавина во денот, макар и во навидум најнезначајната работа и израдувајте ѝ се, од едноставна причина што сте тука, на овој свет и имате шанса да се борите за својот живот. Многумина ја немале таа можност, туку без претходна причина и најава, во еден момент само си заминале, засекогаш.
Мимоза Петреска Георгиева
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








