ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ I НИКОЛА ЈОШЕВСКИ: Фокусот на финансиските друштва веќе не е квантитетот, туку квалитетот и довербата

    Време зa читање: 5 минути

    По периодот на брз и динамичен раст, небанкарските финансиски друштва во Македонија во 2025 година влегоа во фаза на консолидација, професионализација и созревање. Фокусот се префрли од квантитативен раст кон квалитет: подобри внатрешни процедури, поголема транспарентност, посилна заштита на потрошувачите, подобрено корисничко искуство и усогласување со европските стандарди и практики.

    За 2026 година се очекува дополнително зајакнување на регулаторната рамка, целосна дигитализација на клучните процеси, воведување на одржливи (зелени) финансиски практики и уште потесна соработка со регулаторите, регионалните асоцијации и европските трендови – вели во интервјуто за Пари, во името на членките од Групација на небанкарски финасиски друштва при Стопанската комора, претседателот Никола Јошевски.

    ПАРИ: Дали 2025 година е поразлична за финансиските друштва од претходните години? Дали имаше напредок?

    ЈОШЕВСКИ: 2025 година претставува пресвртна точка за финансиските друштва – од брз раст кон созревање и консолидација на секторот. По години на раст, акцентот се премести кон квалитет на услугите, зајакнување на интерните контроли, подобрување на етичките стандарди и усогласување со построгите регулаторни барања. Секторот продолжи да се унапредува, особено во делот на дигитализација, транспарентност и корисничко искуство.

    Регулативата, вклучително измените од претходните години, засилениот надзор од Министерството за финансии, како и воведувањето на Етичкиот кодекс во јуни 2025, донесоа поголема дисциплина и ред.

    Сето ова придонесе за издвојување на посериозните и одговорни играчи, намалување на бројот на друштва (од околу 35 во 2022 на 26 во 2025), зголемена доверба кај јавноста и позиционирање на македонската регулатива меѓу најстрогите во регионот и Европа.

    Напредокот е евидентен и тоа преку подобрено управување со ризици, стандардизирани процеси и фокус на одговорно кредитирање без презадолжување.

    ПАРИ: Кој е најзначајниот напредок кај финансиските друштва постигнат минатата година?

    ЈОШЕВСКИ: Воспоставувањето на појасни, построги и транспарентни внатрешни процедури, со фокус на:  зголемена транспарентност кон клиентите; стандардизирани и контролирани процеси за одобрување и наплата; значителна дигитализација (особено кај водечките друштва); подобрени механизми за управување со кредитен ризик. Овие промени ја подигнаа општата професионалност на секторот, го намалија ризикот од прекршоци и поставија цврста основа за одржлив и здрав раст во иднина.

    ПАРИ: Какви се очекувањате за оваа година?

    ЈОШЕВСКИ: Во 2026 се очекува понатамошно зајакнување и подобрувње на регулаторната рамка, со уште поголем акцент на заштита на потрошувачите, транспарентност и целосно усогласување со ЕУ-директивите за микро-финансирањето и финтек.

    Воедно, значително подобрување на корисничкото искуство што ќе доведе до проширување на клиентската база, целосна дигитализација кај поголем дел од друштвата, воведување иновативни производи и услуги со побрзи, поефикасни и поудобни решенија, зголемен фокус на зелени/одржливи финансиски практики и континуирана конструктивна соработка со регулаторот (Министерство за финансии) и регионалните мрежи.

    Крајна визија е секторот да се развива како модерен, одговорен, технолошки напреден и флексибилен дел од финансискиот систем во земјата.

    ПАРИ: Зошто се потребни финансиските друштва и каква е нивната улога за економските субјекти?

    ЈОШЕВСКИ: Небанкарските финансиски друштва ја пополнуваат празнината што традиционалните банки често не можат или не сакаат да ја покријат. Тие нудат брз, флексибилен и достапен пристап до финансии за домаќинства, мали и микро-претпријатија, за самовработени лица, стартапи, за земјоделци.

    Со тоа директно придонесуваат за зголемена ликвидност, економска активност, создавање работни места и финансиска инклузија – особено за оние субјекти со ограничен пристап до класичните банкарски кредити.

    ПАРИ: Какви се состојбите во регионот и каква е улогата на Балканската асоцијација?

    ЈОШЕВСКИ: Во Западен Балкан небанкарскиот финансиски сектор (микро-финансирање и финтек) континуирано расте. Притоа се соочува со слични предизвици: регулаторна хармонизација, заштита на потрошувачи, дигитализација и финансиска инклузија.

    Регионалната конференција Microbalkans 2025, што се одржа во Дубровник од 5 до 7 ноември лани, ја потврди важноста на овој сектор, потребата од размена на искуства, регионална координација и приближување кон европските практики.

    Балканската асоцијација која ги обединува финансиските друштва за микрофинансирање од регионот служи како клучна платформа за дијалог, соработка, споделување добри практики и усогласување на стандардите меѓу земјите од регионот.

    ПАРИ: Неодамна се формира Балканска финтек асоцијација. Која е идејата?

    ЈОШЕВСКИ: Во соработка со меѓународните финансиски институции се формира Балканската финтек асоцијација. Идејата е да се создаде силна регионална платформа за поддршка на финтек иновациите на Балканот. Со тоа ќе се овозможи размена на знаења и најдобри практики, подобра комуникација со националните регулатори, следење и имплементација на европските и глобалните трендови, како и заедничко позиционирање на регионот како динамичен, конкурентен и иновативен финтек-хаб.

    Целта е Балканот да стане препознатлив како регион што успешно комбинира технологија, модерни финансии и одговорно, инклузивно работење – во корист на граѓаните, бизнисите и економскиот развој.

    Р.П.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично