ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ I МИЛЧО МАНЧЕВСКИ: Уништувањето на човечноста во денешна Македонија е тема за раскажување  

    Време зa читање: 8 минути

    Мене ми се мили човечките приказни за добрите луѓе, за вистинските луѓе. Тие се хероите. И од нив може да произлезе феноменален заплет. Фолирања со возвишеност не се добра подлога за убава драма. Сакам златни бабички или чудни луѓе или херои кои не се ни свесни дека се херои. Ова се однесува на луѓе каде било во светот, а не само во Македонија, вели Манчевски интервјуто за Пари

    Деновиве, среде најголемата летна жега, режисерот Милчо Манчевски го снима својот нов филм „Збогум, Копакабано“, по една долга и не баш пријатна битка со Агенцијата за филм. Растоварен од илузии и сѐ уште страствено вљубен во Скопје лете, во уметноста што ја создава, Манчевски зборува за добрите, вистинските луѓе кои се неговата носечка инспирација и во новиот филм, и за тоа како е да се остане верен на себе во еден сосема променет, нео-сталинистички свет, особено во филмската индустрија.

    Пари: Со какво чувство ја почнуваш работата на твојот осми филм „Збогум, Копакабано“?

    Манчевски: Со многу убаво чувство затоа што создаваме парче убавина, нешто топло и вредно и тоа со извонредна екипа – златни луѓе и убаво чувство, затоа што ги победивме гангстерите од филмската мафија. Тие од завист и одмазда, затоа што ги пријавив за корупција, незаконски го забранија овој филм цели две и пол години. Во меѓувреме добивме две правосилни судски пресуди против нивното незаконско мафијашење. Судот пресуди дека имало местење конкурси, како и судир на интереси на Ана Василевска и Бранко Петровски и дека мафијашите незаконски нè забраниле. Ама ни најголемите партиски гангстери не можат да ја поклопат вистината ако се бориш за неа.

    Пари: Да зборуваме за поубавиот дел од актуелнава приказна… Како малите човечки приказни од овие простори ти станаа носечка инспирација за твоите филмови? Колку оваа дури апсурдна македонска релност е уметнички инспиративна?

    Манчевски: Човекот е најубава – да не кажам единствена подлога за добра драма. Мене ми се мили човечките приказни за добрите луѓе, за вистинските луѓе. Тие се хероите. И од нив може да произлезе феноменален заплет. Фолирања со возвишеност не се добра подлога за убава драма. Сакам златни бабички или чудни луѓе или херои кои не се ни свесни дека се херои. Ова се однесува на луѓе каде било во светот, а не само во Македонија. Македонија ја има таа среќа или несреќа што сум се родил тука и прикаските на моите филмови се случуваат тука, ама тие не се однесуваат само на Македонија. Тие се однесуваат на луѓе, а не на географија. Уништувањето на човечноста во денешна Македонија е тема за раскажување…

    Пари: Да се вратиме некоја деценија наназад – во интимната меморија на градот од 90-тите си врежан како момче кое се појави „од никаде“ и ѝ донесе Златен лав на својата земја. Дали тоа момче го оствари својот сон и што од него сѐ уште пронаоѓаш во себе денес?

    Манчевски: Да, го остварив мојот сон, го живеам – правам уметност каква што верувам дека треба да се прави, а не по нарачка на бизниси или политичари или фестивали. Чесен сум кон мојата уметност, има луѓе и тука и по светов на кои таа вистински им значи, и покрај сè си ја зачував независноста, творам и сонувам и напорно работам и патувам и си читам и имам мили луѓе… што повеќе му треба на човек? А, инаку, зад тоа појавување од нигде никаде – многу убав драматуршки момент, ништо не беше случајно, туку имаше десеттина години напорна работа во анонимност, фанатична упорност, снимање филмчиња за свои пари, растоварање камиони во Њујорк, учење занает во истиот тој Њујорк и Лондон и ласерски фокус на тоа што сакаш да постигнеш.

    Пари: Што клучно оттогаш се смени во тебе и во светот околу тебе што го дефинираше твојот уметнички, па и човечки пат?

    Манчевски: Се смени тоа што луѓе наеднаш почнаа да имаат очекувања од мене. Порано не ме есапеа за жив, а сега секој имаше своја идеја за тоа што треба да правам, како да „ги претставувам“, на кои теми да зборувам и со каков тон… И кај нас и по светот. Во најдобар случај, многу луѓе очекуваа да правам филмови слични на првиот. А, за мене тоа би била творечка смрт. Сметам дека уметникот мора постојано да истражува и да си игра. Не е важно дали ќе згреши. По мое мислење, не треба да го правиш постојано истиот филм, истата слика, истата песна, истиот роман. Прво – тоа е здодевно. Второ – тоа не води кон иновација. Трето – тоа е знак на творечки кукавичлук. Во меѓувреме јас многу научив за тоа каква уметност сакам да правам – и творечки и занаетски. Цел живот учиш ако си паметен. Мислам дека сега правам порафинирани филмови. Во исто време, тие се и потешки за дефинирање, по-свои, па со тоа и помалку податливи за комерцијална експлоатација. Тоа човек треба да го очекува, ама не треба да го загрижува. Јас свесно тргнав да правам филмови кои ќе бидат помалку популарни, ама ќе бидат подобри. А филмскиот свет се промени така што последниве години со фондовите, со фестивалите и со критиката завладеа еден нео-сталинизам, еден нео-соц-реализам кој наметнува само еден поглед на светот и тоа поглед на светот преточен во филм на еден груб, догматски, неуметнички начин. Дури и кога човек се согласува со основните премиси на таа нео-соц-реалистичка догма, не може да се согласиш со методите затоа што тие се најчесто репресивни, анти-демократски, нехумани и спротивни на духот на уметничкото дејствување.

    Пари: Често си во Скопје – дали домот ти е важен, дали ти е на едно место и како со неколку збора би го опишал денешно Скопје?

    Манчевски: Домот ти е центарот, срцето, рамнотежата. Во последно време сум подолго време во Скопје поради тоа што работев три филма еден по друг, а тука ме затече и ковидот. Имав повратна карта за Њујорк, ама ги затворија границите и летовите на два дена пред да летам. Ова лето се навршуваат 40 години откако се преселив во Њујорк. Деновиве ми фали Њујорк, ама треба да го завршам „Збогум, Копакабано“, па на раат да се вратам таму.

    Пари: Речиси сите твои филмови со исклучок на „Бикини Мун“ се снимени во страшно врелите македонски лета. Од технички причини или срцето ти е онаму каде што е летото?

    Манчевски: Во лето полесно се работи одошто во зима. Јас, лично, уживам во жешкото. Возам точак од мерак по празните летни улици и во Скопје и во Њујорк. Тоа не е единствена причина. Некои од филмовите бараа лето, им требаше таа жештина во воздухот, тие спржени жолти полиња и портокалови залези – „Прашина“, „Мајки“, „Пред дождот“, „Врба“… други филмови едноставно така се склопија, практичниот аспект, финансиите, кога кој учесник беше слободен… Еве, „Збогум, Копакабано“ ние сакавме да го почнеме уште пролетоска. Ние де факто сакавме да го почнеме уште пред две и пол години, ама незаконската блокада на тогашното раководство на Агенцијата за филм, поддржано од политички моќници и корумпирани новинари го блокираа филмот две и пол години. Ги дадовме на суд и судот пресуди дека не се во право, и дека имаат конфликт на интереси, дека местат конкурси. Затоа што добивме два судски процеси правосилно, Агенцијата се согласи да дозволи да се сними овој филм. Додека тие се наканија, дојде пак лето.

    Пари: Кога веќе ја отворивме оваа тема, како би ја коментирал македонската реалност последниве години? Дали можеби гледаш извесен крај на оваа тотална ерозија на една заедница, и кој би бил прекинувачот на ова долго паѓање?

    Манчевски: Не гледам крај на ерозијата. Убаво е да биде човек оптимист, и јас сум оптимист, ама паметен човек увидува дека природниот човечки оптимизам и образованието кое нè убедило дека постои постојан напредок  во светот, знаат да бидат во заблуда. Човештвото и поедини заедници напредуваат и назадуваат без некој дефиниран ред. Ние последниве години цивилизациски назадуваме како камион во рикверц. За тоа никој не ни е крив, освен домашното воспитување, потоа школскиот систем, кои уште од мали нозе потенцираат поткупливост, кукавичлук и лицемерие. За здраво општество треба здрав став.

    Пари: Приказната на твојот нов филм „Збогум, Копакабано“ се врти околу млади луѓе – брат и сестра кои крадат бисти во главниот град. Каков е твојот пресек на профилот на младиот македонски човек денес? Дали тој може да е носител на толку потребните промени?

    Манчевски: Кој млад човек? Оној што се отсели во Германија, Словенија, Малта, Австралија, Канада, Италија…? Човечкиот капитал се изарчи. Би сакал да мислам дека има енергични и чесни млади луѓе кои ќе ги променат работите на подобро. Би сакал…

    Пари: Еднаш изјави дека еден „Златен лав“ е доволно за еден живот. Освен наградите, која ти е најголемата сатисфакција по добро завршената работа?  Имаш ли некој ритуал по еден тежок, но исполнет работен ден?

    Манчевски: Меракот дека си завршил добро нешто што си наумил е голем. Исто така, меракот дека си направил парче убавина, уметност што сега постои. И дека добро си соработувал со златни луѓе. А по тежок работен ден читам. Книга, fiction или non-fiction – сеeдно, „Њујоркер“, „Substack“, стар стрип, нешто од библиотека…

    Мимоза Петревска Георгиева

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично