ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ I МЕРИ ВАСОСКА: Денес адвокатот мора да дејствува глобално, исто како и неговите клиенти  

    Време зa читање: 7 минути

    Мери Васоска е адвокат од новата генерација, насочена кон глобалното размислување и дејствување. Ги следи потребите на клиентите, а истоимената адвокатска канцеларија што ја предводи работи во повеќе правни области, од граѓанско до миграционо право. Делокругот го прошири влегувајќи во партнерство со правната куќа Gate world consultancy и со агенцијата за недвижности LionGate Real Estate од Дубаи. За нашата канцеларија тоа значи проширување на меѓународното присуство и можност да работиме на проекти што ги поврзуваат Балканот и пазарите како Дубаи, Турција и Велика Британија, вели Васоска во интервјуто за Пари.

    По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, порталот Пари низ серија интервјуа ги претставува успешните и професионално реализирани жени, нивните кариерни патишта, предизвици и достигнувања со кои оставаат препознатлив, траен белег.

    Пари: Вашата адвокатска канцеларија успешно ги поврзува правото и бизнисот. Кога сфативте дека сакате да ја градите кариерата токму во таа насока?

    Васоска: Уште од почетокот не се гледав себеси само како класичен правник. Како личност секогаш сум имала интерес за бизнисот, можностите за инвестирање и следење на светските трендови. Тоа љубопитство природно ме водеше кон ситуации во кои правото и бизнисот се испреплетуваат. Секоја нова можност што ја откривав, имав потреба да ја споделам со моите пријатели и клиенти, за и тие да можат да ја препознаат својата шанса. И токму така тие аспекти постепено станаа дел од услугите на мојата канцеларија. Кога сте динамична личност што сака да патува, да учи и да открива нови пазари, новите прилики често ве наоѓаат и без да ги барате свесно. Мојата кариера се развиваше токму во таа насока – преку практично искуство, контакти со меѓународни клиенти и проекти коишто бараа повеќе од класична правна поддршка. Така се изгради концептот на канцеларија којашто не нуди само правни решенија, туку и стратешка вредност за бизнис-развој.

    Пари: Работите во повеќе правни области, од граѓанско право до миграционо право. Каде денес гледате најголеми предизвици, а каде најголеми можности?

    Васоска: Работата во повеќе правни области ми овозможи да развијам интегриран пристап во правното советување, каде што различните гранки на правото се третираат како комплементарни, а не изолирани. Во моментов, најголем предизвик претставуваат зголемените очекувања на клиентите за навремени, прецизни и стратешки насочени правни решенија. Истовремено, токму овие околности отвораат значајни можности за адвокатите коишто се подготвени да понудат сеопфатна услуга и да дејствуваат како доверливи правни советници на долг рок.

    Пари: Миграционото право станува сѐ поактуелно. Со какви барања најчесто Ви се обраќаат странските државјани и компании што вработуваат странска работна сила?

    Васоска: Најчесто станува збор за работни дозволи, престој за странски инвеститори, релокација на менаџмент и регулирање статус на странска работна сила. Компаниите бараат брзи и сигурни процедури, додека странските државјани најмногу се интересираат за долгорочен престој и правна сигурност за своите семејства. Миграционото право не е само документација, тоа е процес во кој некому му помагате да започне нов живот или на компанија да го пронајде вистинскиот кадар. Токму тие моменти ѝ даваат смисла на професијата.

    Пари: Неодамна воспоставивте партнерства со Gateworld Consultancy и Lion Gate Real Estate. Како дојде до оваа соработка и што значи тоа за Вашата канцеларија?

    Васоска: Соработката произлезе од заедничка визија – да им обезбедиме на клиентите комплетна услуга, од правна поддршка од прв контакт до реализација и правна сигурност на нивните инвестиции. За нашата канцеларија тоа значи проширување на меѓународното присуство и можност да работиме на проекти што ги поврзуваат Балканот и пазарите како Дубаи, Турција и Велика Британија.

    Пари: Велите дека Вашата адвокатска канцеларија станува правен мост меѓу Балканот и глобалните бизнисцентри. Што конкретно значи тоа за македонските инвеститори заинтересирани за пазарот во Дубаи?

    Васоска: Тоа значи дека македонските инвеститори добиваат сигурна правна рамка кога влегуваат на странски пазари. Ние го водиме целиот процес – од правна анализа, регистрација на компанија, до поддршка при инвестиции во недвижности – со локални партнери во странство. Така ризикот се минимизира, а процесот станува транспарентен.

    Пари: Дубаи е препознат како еден од најдинамичните инвестициски центри. Кои се најчестите правни дилеми што ги имаат клиентите кога размислуваат за инвестиција во недвижности или отворање компанија таму?

    Васоска: Официјалните статистики говорат дека во моментов има регистрирано околу 180.000 до 200.000 компании во специјалните економски зони, каде компаниите се со 100 насто странска сопственост, постојат сериозни даночни олеснувања и олеснувања во поглед на регистрацијата на компаниите, а тоа директно говори дека Дубаи е препознатлив како еден од најдинамичните светски инвестициски центри.

    Клиентите најмногу прашуваат за: правната форма на компанија, даночниот режим, сопственоста на недвижности за странци и за визи врз основа на инвестиција. Нашата улога е да обезбедиме јасна структура и усогласеност со локалното законодавство уште од самиот почеток.

    Пари: Сепак, со актуелната криза на Блискиот Исток можни се крупни промени на сите полиња. Имате ли проценка како сето тоа ќе се одрази врз Вашите деловни контакти и планови?

    Васоска: Можеби ќе следи кус период на психолошка претпазливост кај инвеститорите, но нема да се одрази како долгорочен пад на пазарот на недвижнини.

    Важно е да се нагласи дека Обединетите Арапски Емирати, и конкретно Дубаи, не се држава со воени амбиции, туку долгорочно се позиционирани како економско и трговско средиште со фокус на стабилност, безбедност и инвестиции.

    Дополнително, целите што се споменуваат во поширокиот регион се воени бази, а не урбани или резиденцијални зони.

    Пари: Колку е важно за еден адвокат да има меѓународна мрежа и партнерства надвор од државата?

    Васоска: Денес е неопходна. Клиентите работат глобално, па очекуваат и нивниот адвокат да има доверливи партнери во други држави. Тоа овозможува побрза услуга, точни информации и сигурност во трансграничните процеси.

    Пари: Дали планирате проширување на ваквиот модел и кон други пазари во иднина?

    Васоска: Да, во план е проширување кон нови пазари каде што има интерес за инвестиции и бизнис-релокација. Целта е да изградиме стабилна регионална мрежа што ќе им овозможи на клиентите правна поддршка без оглед каде инвестираат.

    Пари: Дали сте се соочиле со специфични предизвици во текот на Вашиот кариерен развој и како ја оценувате позицијата на жените во адвокатурата?

    Васоска: Како и во секоја професија, постојат предизвици, особено на почетокот, кога треба да се изгради кредибилитет. Но, сметам дека денес жените сè повеќе се препознаваат како лидери во адвокатурата. Со посветеност, континуирана едукација и јасна визија, можностите се еднакви.

    Пари: Што би им порачале на младите девојки коишто својата перспектива ја гледаат во адвокатурата?

    Васоска: Да вложуваат во своето знаење, да бидат упорни и да не се плашат да преземат одговорност. Адвокатурата бара дисциплина и континуирано учење, но нуди и огромна можност да влијаете врз општеството и бизнисот.

    Маја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично