ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ I МАРИНА ТОМОВА: Само гласно и сплотено против нови рудници и мали хидроцентрали

    Време зa читање: 14 минути

    Повеќето ја запознаа кога застана на блокадите за спас на планинската река-убавица Дошница на Кожуф, која беше планирано да биде ставена во цевки за мала хидроцентрала. Но, тоа ни оддалеку не е нејзина прва активистичка битка бидејќи со години, заедно со група истомисленици, собрани во меѓународно граѓанското здружение Changemakers4All, чијшто претседател е, напорно работат Гевгелија и нејзината околина да станат убаво место за живеење. Заедно организираат еколошки и едукативни акции, стојат зад “Гевгелија на точак“, собираат средства за социјално загрозени, за оние кои загубиле се во пожар, за оние кои гаснат пожари без соодветна опрема, а кога треба – со барикади се борат против загадувачи.

    Животот во уредено и богато општество каква што е Холандија пред седум години го замени со родниот крај, токму навреме за битките за зачувување на чистата природа за следните генерации.

    По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, порталот Пари низ серија интервјуа ги претставува успешните и професионално реализирани жени, нивните кариерни патишта, предизвици и достигнувања со кои оставаат препознатлив, траен белег.

    *Домашната јавност веќе некое време Ве знае како активистка која својата родна Гевгелија се обидува да ја трансформира во убаво место за живеење, но летово Ве видовме како стоите на блокадите за спас на реката Дошница на Кожуф, со став против отворање на рудници на Југоистокот. Што според Вас е сега најгорлив проблем и приоритет за Ваш ангажман како граѓански активист?

    Томова: Нашата најголема загриженост е првенствено доделувањето на концесии за реките и планините без согласност на граѓаните, со одлука на властите, а тоа не е така според законот. Кога се вратив во Македонија, направив една анкета за тоа што е најголемиот проблем тука и излезе дека е тоа политиката на македонските власти чијашто политика е да има се помасовно иселување за да има се помалку отпор, како оној што го даваме ние. Не има милион ипол жители, помалку сме од Солун кој тука е на 70 километри, ние сме само еден мал град со огромни богатства. Но не се најде барем еден политичар кој ќе биде за народот, се гледа само личен интерес, никој не ја чува Македонија, го нема тој патриотизам, туку само се злоупотребува тој збор.

    Деновиве баравме средба со градоначалникот на Гевгелија за обврската која трите општини кон кои гравитира реката Дошница – Гевгелија, Демир Капија и Кавадарци да издвојуваат пари од буџетите за изработка на студија со која би се утврдило како изградба на мала хидроцентрала би влијаела на биодиверзитетот на реката, за да се спречи екоцид. Уште не можам да се изначудам колку себично се користи нашата природа и колку се манипулира со народот кога политичарите зборуваат дека нешто прават „за народот“.

    *Дали успеавте да ја одбраните Дошница?

    Томова: Се’ уште не. Успеавме да ги натераме да ги симнат машините, но дозволата им трае до 6 април, за овие помалку од месец дена мораме да добиеме одговори прво од нашите градоначалници, а ќе ги повикаме и пратениците од нашите средини, кои се избрани од народот, сакаме да ги прашаме за две работи – за Дошница и за тоа како ќе гласаат за измените на Законот за рударство, кој наскоро треба да се најде пред пратениците во Собранието. Ќе видиме на кого ќе му бидат лојални – на партиското раководство или на народот кој ги избрал. А ние, за секој случај, и натаму држиме стражи во планина…

    *Малите хидроцентрали често премиерот Мицковски го посочува како обновливи извори на енергија кои ѝ се потребни на Македонија за да постигне енергетска самостојност. Има ли тука колизија активизмот со развојот и иднината на државата?

    Томова: Не е Македонија сиромашна со енергија колку што таа расипнички се користи и мораме да се едуцираме како штедливо да се однесуваме кон неа. Јас сум воспитана да бидам исклучително штедлива, кај мене дома гори една сијалица, телевизорот се пали по потреба, телефонот исто така. Во Холандија, пак научив да ја штедам водата. Кога ние миеме заби, знаете, водата од чешмата тече, а мојата холандска пријателка еднаш ми ја затвори чешмата, укажувајќи ми дека треба да остане вода во бунарите и за другите луѓе…Дома сме штеделе секоја трошка леб, тоа го научив од дедо ми, кој како дете останал сирак со својот брат и сестра откако таткото, кој им помагал на партизаните, бил предаден од соселаните, го убиле Германците и им ја изгореле и куќата и кравите кои ги хранеле…Една професорка од Холандија има напишано книга во која јас сум главниот лик, се вика „Испрекршени животни линии“ и во неа ги истражува причините зошто сум таква по карактер, дали е тоа поради војните…јас сум таква, кога влегувам во нешто знам дека влегувам во оган свесно, со двете нозе…

    *Може ли граѓанскиот активизам да биде и опасен?

    Томова: Да, никогаш не е лесно. Во една прилика, кога ние од здружението Changemakers4All се качивме на реката Дошница за да ги одржуваме блокадите, ми беше советувано од поединци да не прифаќам храна, пијалок од никој, бев преместена да спијам во друга куќа…Кога почна да се одмотува клопчето врска со тоа чии бизнис-интереси стојат зад малите хидроцентрали, од пријатели бев предупредена: Марина, пази се, може да се случи да слушнеме само дека си имала сообраќајка… Честопати сум контактирана од различни луѓе, како на пример од компанијата Еуромакс Рисорсис, поради мојот став за рудникот Иловица…не знам дали знаете дека бевме тужени од италијанската компанија која сакаше да изгради фабрика за преработка на отпад во самиот град Гевгелија. Тие сакаа да носат отпад од трети земји и да го преработуваат во РДФ-гориво, но ги избркавме и не тужеа за навреда и клевета…Тие веќе изнајмија, регистрираа фирма и почнаа да работат додека ние се боревме против нив, прaвевме блокади, бев повикана и на тет-а-тет средба, а, знаете веќе какви се тие средби, се кажуваат работи и за на маса и за под маса, па после навечер си мислиш: Како понатаму? Но, ако сите се повлекуваме во нашата комфорна зона нема ништо да промениме. Во меѓувреме тие регистрираа друга фирма и тогаш не тужеа, дека не се работи за истата фирма, иако беше на истата локација и со истиот управител. Побаравме помош од домашни адвокати и од Адвокати без граници од цел свет да се вклучат да ни помогнат, бидејќи сметаме дека обврска на граѓанските активисти е да ја информираат јавноста дури и кога има само сомнежи за нешто. Судот ја отфрли нивната тужба како неоснована и на крајот тие ни платија отштета.

    *Зошто не дозволивте фабрика за преработка на отпад во Гевгелија, кога во Европа има многу фабрики за преработка на отпад, тој се гори и се добива енергија…

    Томова: Тие сакаа да носат отпад од трети земји и да го преработуваат тука во РДФ гориво, нивниот управител беше човек поврзан со скопска Цементарница и со депонијата Дрисла. На територија на општина Гевгелија се знае кој типови на загадувачки индустрии каде можат да бидат лоцирани, но тие сакаа да преработуваат отпад на самиот влез на градот, а во близина има пекара, има винарија, па и самата тонажа која требаше да биде пренесувана до фабриката, нашиот мост немаше да може да ја издржи…Во тоа време министерка беше Каја Шукова, со која имавме жестока расправија.

    *Колку години живеевте во Холандија и зошто се вративте?

    Томова: Живеев скоро 16 години, а се вратив – за да гласам на референдумот против изградба на рудник на Кожуф крај Гевгелија. Сакав да сторам нешто за заштита на мојот Кожуф. Не сакав само да бидам нем набљудувач или само да коментирам и да си ги затворам очите ако знам дека можам да дадам придонес во одбрана на нашата природа.  Точно е дека таму животот е среден, има повеќе стабилност, повеќе пари, но тука има повеќе љубов, поврзаност и слобода. И недопрена природа. И реки. Знаете ли како се штити реката Рајна, единствената што ја имаат Холанѓаните? А ние имаме цело богатство. За тоа најмногу стануваш свесен кога одиш таму и се враќаш. Исто така, мојот син е роден во Холандија, но јас сакав да расте тука. И не сакав, кога ќе порасне, да ми каже: Мамо, си можела нешто да сториш за овој проблем, а не си. Сега можам да му кажам: Да, сине, бев тука и се потрудив. Без оглед дали успеавме или не успеавме.

    *Дали беше добра одлуката да го донесете синот во оваа средина?

    Томова: Да, да, тој се вклопи. На почетокот беше малку тешко, се разбира, но тој е воспитан на ист начин како јас. И се уште нема телефон. Има таблет, но содржините што ги гледа, морам прво јас да ги одобрам. Лани имаа за домашна задача по македонски јазик да објасни што се тоа емотикони, а тој, плачејќи, ми вели: Мамо, јас не знам што се тие! Тогаш, му велам, ќе напишеш дека не знаеш…Еве го, сега во моментов е на нива, се игра. Среќна околност беше што беше на возраст кога можев да го научам да го чувствува истото што и јас. Да беше поголем, можеби немаше да биде исто.

    *Со Вашето искуство од „двата света“,што најмногу ѝ недостига на Македонија за да биде уредено општество?

    Томова: Се започнува од образованието. Ако имаме неквалитетно образование, создаваме некомпетентни генерации. Ќе ви кажам еден пример: лани ги добивме учебниците по математика во декември, пред крајот на првото полугодие, и моравме да препишуваме или да користиме испринтани листови. Исто така, учениците се затворени во четири ѕида, без контакт со природата и сето знаење им се пренесува сувопарно, од книги, па децата денес не знаат како растат доматите, на пример. Ние имавме еден ден во неделата час во природа. Деновиве сакам да поразговарам со директорот на училиштето околу идејата да се побара парче земја од општината за школски градини. Во Холандија училиштата имаат свои градини, на секој ученик му е доделено по една мало парче земја, на која тој може да сади што сака, дали цвеќе, зеленчук или овошје, и да научи како треба и да знае од каде доаѓа храната, да ги научи природните процеси, и, воедно, да се социјализира со врсниците. На директорот му предложив и да има казни за учениците кои фрлаат отпадоци наоколу, да речеме, тој што фрлил денес, утре да го чисти целиот училишен двор. Детето ќе биде на ѕидот на срамот, но нема веќе никогаш да му текне да го направи истото. Одговорот на директорот беше: Има секакви родители, наставниците се плашат да казнуваат. Треба паралелна едукација, не само на учениците, туку и на родителите. Но, има и добар пример: на наш предлог, училиштето организираше еко-натпревар, во кој децата се натпреваруваа во собирање на отпадна пластика, која потоа требаше да се продаде, а со парите да се направи нешто за училиштето. Си мислев, сабота е, ќе дојдат 5-6 деца, но, кога се појавија 61 ученик, ми се насолзија очите….Но, политиката ги менува директорите, а не сите се подготвени за соработка. Новиот директор сега, дури ми се закани со тужба…на мене и на останатите од здружението ни се лепат најразлични етикети. A во нашето здружение сме собрани од најразлични политички определби, и со најразлични возрасти, токму за да ги опфатиме сите категории. Деновиве од кабинетот на градоначалникот на Гевгелија ни признаа: Ние учиме од вас што треба да правиме. Еве еден пример: кога се запали зграда во Гевгелија, ги кренавме на нозе и граѓаните, и рестораните, и локалните власти, бизнисите, да работат од нас. Акцијата се викаше: „За почеток од нула“. Црквите од почеток не сакаа да соработуваат со нас, па им напишав една објава на социјални мрежи. Веднаш ми реагираше еден поп и ми рече: Те молам избриши ја објавата, утре праќаме 60 илјади денари. Зградата целосно ја обновивме и сите дадоа придонес, ние само ги организиравме луѓето. И овој ангажман е целосно доброволен, а некогаш одзема и по 15-16 саата дневно.

    *Како ја обезбедувате тогаш егзистенцијата за себе и Вашето семејство?

    Томова: Потекнувам од земјоделско семејство. Заедно со моите родители пред две децении почнавме работа со цвеќе, тие почаа да садат гербери, потоа бизнисот го превзедовме јас и сестра ми, а имам и лозје. Возам трактор од моја 14-та година. Во меѓувреме една фирма за производство на медицински канабис, Статива 19, ме повика за преведувач со холандскиот, потоа од преведувач станав работник на терен, од таму станав директор. Е, таму во еден момент ми кажаа: Знаеш, ако на фирмава не ѝ тргне, тоа ќе биде заради тебе! Бидејќи сум била многу чесна и многу гласно сум кажувала што мислам. Мораше сепак да се раздели мојот активизам со мојот професионален ангажман, па фирмата сега има друг директор. Откако излезе целиот случај со нелегалниот извоз на канабис, сите околни фирми ги затворија, само нашата не.

    *Дојдовте од држава во која употребата на канабис е легална…

    rbt

    Томова: Така е, иако јас лично никогаш не сум го користела. Во Холандија секој граѓанин има право на до пет коренчиња канабис, додека канцер пациентите имаат право на 36 корени. Таму луѓето имаат избор – дали ќе користат лекови од фармацевтската индустрија или ќе користат лекови од природата. За мене беше шокантен податокот дека само во Гевгелија годишно се издаваат 24 илјади рецепти за Диазепам, а каде се другите лекови за смирување. За жал, ваквите афери со нелегална трговија со канабис ги уништуваат шансите на луѓето да имаат избор, ако сакаат да се лекуваат со лекови кои потекнуваат од природата…

    *Да се вратиме на граѓанскиот активизам и да направиме паралела помеѓу активизмот и директното вклучување во политичката арена преку политички ангажман односно дали активизмот може да ги менува нештата во општеството?

    Томова: Јас мислам дека може да се влијае на општествени промени и без вклучување во политичкиот живот преку учество во партии. И пред овие и пред претходните избори ме контактираа разни луѓе со предлози за мој таков ангажман бидејќи многумина сметаат дека нема друг излез туку само преку политиката. Но, јас мислам дека активистите можат, ако се заедно.

    *Да конкретизирам: Дали власта, без оглед дали актуелната или претходната ве смета за релевантна сила и соговорник кога сте непартиски активисти, дали ве гледа како партнери во дијалог или може да си дозволи да ве игнорира?

    Томова: Да, може да не игнорира, но ако сме бројни, цврсти и гласни, нема да биде лесно. Еве сега, со законот за рударство, ќе видите што подготвуваме.

    *Ајде да позборуваме малку за законот за рударство, кој ги бранува духовите…

    Томова: Планираме да ги повикаме нашите пратеници и да им кажеме: Ако гласате против законот, секоја чест, капа Ви симнуваме, но ако се повлечете или гласате за, нека не звучи ова како закана, ќе ви дојдеме пред куќи, затоа што сите знаете дека народот не сака рудници во својот двор, а знаеме дека и тие самите имаат притисок од своите партии. Колку поголем е отпорот и единството на активистите, толку е поголем прашалникот кај властите. Ако, пак, успеат да ги раскараат активистите, тогаш политичарите можат да прават што сакаат. Но, јас се уште верувам дека ние можеме да донесеме промени.

    *Вие знаете дека и во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ и во Програмата на Владата стои дека ќе работат на отворање на нови рудници.

    Томова: Да, но ние како граѓански активисти велиме дека никако нема да го дозволиме да се отворат рудници. Па и по цена на закани, за кои сме подготвени. Сето тоа за Кожуф без рудници и мали хидроцентрали. Морам да признам дека се плашам малку за мојата безбедност. За ситуацијата се запознаени и некои личности од странство, како професорката Саскија Аркема, која е еден од основачите на Changemakers4All и Саманта Моралес, од Хондурас, која застапуваше локално население во борба против рудници, а чијшто маж беше убиен, и тие се исплашени за мојата безбедност.

    *Се работи за интересите кои стојат зад отворањето на рудници? Го чувствувате тој притисок?

    Томова: Да. Но јас и натаму велам – не, за рудниците.

    Југослава Дуковска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично