Ксенија Ритер е Македонка којашто веќе 11 години живее и работи во Швајцарија. Студии по новинарство завршила во Скопје, а по воената криза во Македонија заминува во Германија каде што дипломира креативна медиумска продукција. По селидбата во Швајцарија, каде завршува и магистерски студии за фандрејзинг менаџмент или менаџмент на собирање донации, почнува да се фокусира на својата нова специјалност. Во овој сектор има работено за неколку фондации, за конечно целосно да се пронајде себеси во фондација со силен имиџ во Швајцарија „Про Јувентуте“. Станува збор за фондација што постои од 1912 година и чиј главен интерес е благосостојбата на децата и младите, со фокус на нивното психичко здравје, со цел да се развијат во здрави и стабилни личности.
„Луѓето во Швајцарија донираат затоа што сакаат да помогнат, затоа што имаат добро чувство потоа. Целиот однос меѓу организацијата и донаторите се темели на доблест, сочувство, солидарност, љубов, пријателство. Мене ми е токму тој дел од процесот најдраг и најинтересен“, вели Ритер во интервјуто за Пари.
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, порталот Пари низ серија интервјуа ги претставува успешните и професионално реализирани жени, нивните кариерни патишта, предизвици и достигнувања со кои оставаат препознатлив, траен белег.
Пари: Твојот професионален пат започна со дипломирање новинарство на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Како дојде до тоа да се занимаваш со собирање донации?
Ритер: Животoт пишува романи. Веднаш по дипломирањето патот ме однесе на универзитет прво во Германија, па во Хрватска и сега повеќе од 10 години живеам во Швајцарија. Секоја крстосница значеше нов почеток и приспособување на моите квалификации, проширување на знаењата, прилагодување кон тоа што се бара на пазарот и кон трендовите што ги носи новото време.
Важен податок, секако, беше и тоа што се најдов на германско говорно подрачје, без познавање на германскиот јазик, така што морав да го оставам новинарството зад себе и да се пренасочам кон креативна мултимедијална продукција. Со таа професија се занимавав 15 години, нешто во агенции, нешто фриленсерски.
Во 2014 година се преселив во Швајцарија и повторно се судрив со една нова култура. Каритативната димензија во Швајцарија е дел од нивната историја, традиција и култура. Да го споменеме само Црвениот крст, кој е создаден токму во оваа земја.
Така, еден ден ми фати око еден оглас за дошколување во областа на менаџментот на собирање донации. Останатото е историја.
Пари: Работиш во одделот за менаџмент на собирање донации во една од фондациите со високо реноме во Швајцарија – „Про Јувентуте“. Кажи ни нешто повеќе за оваа фондација?
Ритер: Фондацијата е основана во 1912 година од Швајцарското добротворно друштво (СГГ) за собирање приватни средства за благосостојба на младите. Една од нејзините главни цели на почетокот била подобрување на здравствените услови, особено во борбата против туберкулозата, која во тоа време била широко распространета.
Денес „Про Јувентуте“ е водечка швајцарска фондација за поддршка и развој на децата и младите, со акцент на нивното ментално здравје. Оваа организација им обезбедува директна поддршка, совети и охрабрување не само на децата и младите, туку и на родителите.
Нејзините основни услуги вклучуваат дваесет и четиричасовна советодавна служба ‒ „147“, преку телефон, Вотсап, е-пошта, советување за родители, како и проекти за медиумска писменост и поддршка на транзицијата на младите кон работниот живот. Сите овие услуги се финансирани првенствено преку донации.

Пари: Што конкретно значи менаџментот на собирање донации во оваа организација?
Ритер: Терминот собирање средства (fundraising) потекнува од САД и е составен од англиските зборови fund (ресурси, пари, капитал) и raising (да се добие, собере, промовира). Буквално преведен, значи „набавка на средства“.
Се однесува на систематско обезбедување ресурси, вклучувајќи парични, материјални и временски донации за хуманитарни цели. Некој понекогаш го донира само својот труд и време – како што е волонтерството, на пример.
Донациите во Швајцарија доаѓаат од приватни лица, од фирми, од фондации, од јавни институции – кантоните, државата, црквите. Мене ми лежи токму собирањето средства од приватни лица.
Во Швајцарија оквирно има околу 100.000 луѓе коишто ја поддржуваат организацијата „Про Јувентуте“ со донации. Јас сум дел од еден специјализиран тим за собирање донации од приватни лица. Постои разлика меѓу собирањето донации од приватни лица и собирањето донаци од фондации и јавни институции или фирми.
Инаку, собирањето донации претставува еден типичен менаџерски циклус. Се поставува цел, а за да се постигне таа цел треба да се обезбедат ресурси. Прво се изготвува анализа на ситуацијата, можностите, па план за работа. Се преземаат потребни чекори за отпочнување кампања за собирање донации, која слично како во маркетингот, може да се одвива преку различни канали. На пример, може да оди преку писма, директен разговор, е-пошта, телефон итн. Во текот на кампањата се врши набљудување, значи се следи успехот со помош на претходно дефинирани показатели за успех.
По завршетокот на кампањата следи процесот на анализа, врз која потоа се носат одлуки за следните мерки. Сето тоа се случува под покривот на една повеќегодишна стратегија.
Пари: Како ги пронаоѓате и одржувате донаторите?
Ритер: Да се пронајдат нови адекватни донатори, во смисла приватни лица коишто имаат афинитет за активностите на организацијата и сакаат да ја поддржат, не е лесно. Тоа бара знаење, искуство и систематски пристап.
Негата на веќе воспоставените врски со донатори е неопходна, за воопшто целата инвестиција за нивното пронаоѓање да се исплати. На пример, една профитна фирма сака да адресира некаква потреба на луѓето, па ќе произведе производ што ќе биде одговор на таа потреба. Тогаш луѓето ќе го купуваат тој производ, затоа што со тоа си ја задоволуваат таа потреба, а фирмата профитира.
Една непрофитна организација не нуди производи како возврат за донациите. Луѓето коишто донираат не го прават тоа од некоја рационална одлука, туку повеќе од емотивна потреба. Донираат затоа што сакаат да помогнат, затоа што имаат добро чувство потоа. Тие не мора да го прават тоа, а сепак го прават. Така и целиот однос меѓу организацијата и донаторите се темели на доблест, сочувство, солидарност, љубов, пријателство. Мене ми е токму тој дел од процесот најдраг и најинтересен.
Пари: Можеш ли да го споредиш донаторскиот модел во Швајцарија и Македонија? И зошто донаторската култура во Швајцарија е толку развиена?
Ритер: Не можам да го споредам затоа што не сум го работела тоа во Македонија. Но, она што е евидентно е дека балканските земји, биле и се, особено за време и по војната на бившите југословенски простори, земји што се бенефициери – приматели на донации.
Ако гледаме поназад во историјата на Швајцарија, и таа не била секогаш богата. И тука имало периоди кога младите не наоѓале работа, кога народот бил гладен и се иселувал во далечни земји коишто ветувале подобри услови за живеење. Меѓутоа, во Швајцарија немало војна веќе 200 или повеќе години. Тоа се веќе неколку генерации коишто живеат во мир и благосостојба, во директна демократија и политичка неутралност. Ова е многу важно за профилирањето личности коишто ќе имаат чувство за она што се нарекува општо или заедничко добро.
Пари: Колку оваа донаторска култура се развива од мали нозе и како?
Ритер: Секако дека се развива од мали нозе. Сите знаеме дека децата учат најдобро од примерот на возрасните. Ако родителите се волонтери во локалната организација за заштита на шумите па, на пример, постарата сестра донирала во акцијата за збирно собирање средства за да го поддржи локалниот музички бенд да го издаде својот прв албум, а баба и дедо секој месец донираат за поддршка на децата и младите, тоа сигурно ќе остави трага и кај најмладите членови на семејството.
Мимоза Петреска Георгиева
(Дописник на Пари од Швајцарија)
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








