ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ | Кадиевска Војновиќ: Фискалната и монетарната политика потфрлија во сузбивањето на инфлацијата

    Време зa читање: 11 минути

    „Високата инфлација ја зголемува сиромаштијата. Најпогодени од овој висок раст на цените се ранливите домаќинства, оние кои најголемиот дел од својот доход го користат за храна и домување. Инфлацијата во храната во октомври достигна 32,4% на годишно ниво, а во домување речиси 20%.

    Оваа година се задоцни со обезбедување на навремено финансирање на буџетот, со што изостанаа навремени и подолгорочни даночни и други мерки за сузбивање на инфлацијата. Закасни реакцијата и јасната посветеност и на НБРМ за борба со инфлацијата

    Просечната стапка на инфлација во Македонија во 2023 година се очекува да изнесува околу 7% според прогнозите на домашните и меѓународните институции, што е двојно успорување на инфлацијата од 2022 година која најверојатно ќе ја завршиме со просечна инфлација од околу 14%“, во интервју за порталот „Пари“, вели Маја Кадиевска Војновиќ, финансиски експерт и поранешен вицегувернер на Народната банка на Македонија.

    Пари: Инфлацијата е највисока во последните 27 години. Како гледате на инфлацијата?

    Кадиевска Војновиќ: Високата и широкораспространета инфлација го еродира реалниот доход на населението и ја зголемува сиромаштијата. Реалната просечна нето плата во септември има годишно намалување од 5%, а во некои сектори падот е двоцифрен. Најпогодени од овој висок раст на цените се ранливите домаќинства, оние кои најголемиот дел од својот доход го користат за храна и домување. Инфлацијата во храната во октомври достигна 32,4% на годишно ниво, а во домување речиси 20%. Трошоците за електричната енергија пораснаа годишно за 20%, за цврсти горива (дрва) за 39% и за топлинска енергија за 30%.

    Остварената годишна стапка на вкупна инфлација во октомври достигна 19,8%, а просечната стапка на инфлацијата 13,2%. Ова е натфрлање од 50% на априлската проекцијата за инфлацијата од НБРМ и 83% од јулската проекција на Министерството за финансии, проекции кои го инкорпорираа шокот врз цените од војната во Украина. Значи она што се очекуваше значајно се натфрли. Тековно имаме петта по ред инфлација во Европа, а според Светска банка, сме меѓу 10-те држави во светот со највисока стапка на реална инфлација на храна (пресметана како инфлација во храна минус вкупна инфлација). И доколку се исклучат цените на храната и енергијата, годишната стапка на базична инфлација во Македонија е двојно повисока од еврозоната. Во октомври изнесува 9,2%, наспроти 5% колку што е во еврозоната. Базичната инфлација е попрецизна мерка отколку вкупната инфлација и ја покажува постојаноста на инфлациските трендови и укажува на значајно разгорени инфлациски очекувања.

    Пари: Кои се факторите кои придонесоа за високата инфлацијата? Властите велат дека е увезена и дека е резултат на војната во Украина.

    Кадиевска Војновиќ: Тврдењата дека инфлацијата е увезена и дека истата е предизвикана од војната во Украина не се точни. Факторите за инфлацијата беа присутни и пред војната, како на светска сцена, така и на домашна сцена. Како надворешни, заеднички или глобални фактори кои придонесоа за појава на инфлацијата е самиот шок од пандемијата и реакцијата на економските политики на истата. Намалена глобална понуда и нарушените синџири на испорака на суровини започнувајќи од пандемијата наваму, при пост ковид силен раст на побарувачката (заради силните стимули од страна на фискалната и монетарната политика во светски рамки) условија раст на цените на суровините, храната, нафтата, енергенсите на светските берзи на што се надоврза негативниот шок од војната во Украина. Инфлацијата којашто тековно ја имаме е cost push инфлација или предизвикана од раст на трошоците за производство (цените на суровините, цените на нафтата, струјата, гасот, платите). Тука има комбинација од увезни и домашни фактори. Инфлацијата во исто време е и demand pull т.е предизвикана и од растот на побарувачката, пред сѐ на домашната јавната потрошувачка која е значајно над предкризното ниво од пред ковид кризата, но и на приватната потрошувачка. И на крај, инфлацијата е движена и од инфлациските очекувања т.е. од верувањата на луѓето дека цените ќе растат и во иднина. Овие очекувања за идната инфлација се важни бидејќи влијаат на однесувањето на луѓето во сегашноста. Веќе гледаме дека истите се пресликуваат во засилени барања на вработените за зголемување на платите, а пак бизнисите ги зголемуваат цените во очекување за приспособување на повисоките плати.

    Пари: Какви се проекциите за инфлацијата во 2023 година?

    Кадиевска Војновиќ: Просечната стапка на инфлација во Македонија во 2023 година се очекува да изнесува околу 7% според прогнозите на домашните и меѓународните институции, што е двојно успорување на инфлацијата од 2022 година која најверојатно ќе ја завршиме со просечна инфлација од околу 14%. Народната банка прогнозира највисока инфлација за 2023 година во распон од 8-9%. Наспроти силното забавување на инфлацијата во Македонија, прогнозите на Европската Комисија за 2023 година се дека инфлацијата во ЕУ ќе забави на 7% (од 9,3% во 2022 година), а во еврозоната на 6,1% (од 8,5% во 2022 година). Дали ќе имаме толкаво забавување на инфлацијата во Македонија во 2023 година останува да видиме. Околу проекцијата има многу неизвесности и сметам дека ќе имаме висока инфлација во 2023 година и ќе западнеме во инфлациска рецесија.

    Пари: Какво влијание ќе имаат надворешните фактори врз инфлацијата догодина?

    Кадиевска Војновиќ: Во наредниот период, цените на нафтата се очекува да се намалат во согласност со намалената економска активност во светски рамки, но истите ќе зависат и од усогласувањето на понудата од страна на земјите извознички на нафта. Доколку истите ја ограничат понудата, можно е задржување на цената на нафтата на високо ниво. Исто така, не е познато како Русија ќе одговори на поставувањето на максималната цена на нафтата од страна на земјите Г-7. Кај цените на храната има забавување на растот и во текот на 2022 година, а се проектира и за 2023 година. Сепак постојат многубројни ризици околу насоката на цените на храната според Светска банка. Тука значајна е апрецијацијата на доларот која ги поскапува цените на прехрамбените производи во многу земји во развој, зголемениот број на држави со протекционистички мерки, постојаната висока инфлација и зголемувањето на каматните стапки кои ќе предизвикаат раст на платите и застој на инвестициите во земјоделското производство што пак ќе влијае врз цените на суровините, како и војната во Украина, односно ако не се успее да се продолжи договорот поддржан од ОН кој дозволува извоз на житарки од Црното Море. Кај цената на електричната енергија неизвесноста е најголема. Стабилизацијата на цената на гасот и на електричната енергија на европските пазари е само затишје пред бура. Тековната висока обезбеденост со гас (складиштата беа полни пред зимата до 95%) и засега благата зима, овозможи Европа да има пониска цена на електрична енергија и гас. Но, според извештајот на меѓународната енергетска агенција (ноември 2022 година) се очекува зимата 2023/24 година да биде потешка за Европа. Се наведува дека факторите кои беа присутни оваа година, односно полнењето на складишта на гас во Европа од рускиот гас и намалената побарувачка на течен гас од Кина нема да бидат присутни наредната година. Ова го зголемува ризикот од јаз меѓу понудата и побарувачката од дури 30 милијарди кубни метри (bcm) во текот на клучниот летен период за полнење на складиштата на гас во 2023 година. Со ова, ризикот за нас е дека увозните цени на електричната енергија и гасот може уште да се зголемат.

    Пари: Кои се домашните фактори за инфлацијата и какви се ризиците од нив?

    Кадиевска Војновиќ: Несоодветниот домашен енергетски менаџмент е најголем домашен фактор за високите малопродажни цени. Историското ниско домашно производство на електрична енергија условува скап увоз на електрична енергија за покривање на регулираниот пазар и го стеснува фискалниот простор за мерки против инфлацијата (и за поддршка на фирмите). Наспроти ветувањата за раст на домашното производство на електрична енергија во 2022 година и тоа од најниско историско ниво во 2021 година, повторно увезуваме струја за регулираниот пазар, со што се прави девизен одлив и се одлеваат буџетски средства наместо за инфраструктура во енергетика, за надополнување на домашниот недостаток на струја. Цената на домашно произведена електрична енергија е пониска од увезената, односно производната цена на ЕСМ е околу 70-80 евра за MWh, а увезуваме по цена над 200 евра за MWh. Фирмите се прилагодуваат со поставување на фотоволтаици со цел да го ублажат трошокот за струја, со што трајно одговараат на овој перманентен шок. Но како држава немаме одговор на овој перманентниот шок кој ја измести цената на струјата на повисоко ниво. Додека Европа веќе засилено енергетски се преструктуира и троши милјарди евра за таа цел, Владата во буџетот за 2023 година планира само 7,8 милиони евра за развој на енергетиката. Во буџетот за 2023 година има 240 милиони евра за антикризни мерки од кои според официјалните лица околу 74 милиони евра се за капитална поддршка на енергетскиот сектор. Но овие средства, како и трансферите, во најголем дел се за увоз на струја и енергенти за ЕСМ (како до сега), а не за капитални инвестиции и долгорочно создавање на капацитети за производство на струја. Сето ова го зголемува ризикот од високи цени на струјата и во наредните години, надоврзувајќи го и зголемувањето на ДДВ-то од 5% повластена стапка на 10% за прометот на електрична енергија за домаќинства од јануари 2023 година.

    Фискалната недисциплина, високите дефицити и енормниот раст на јавниот долг не делуваат кон смирување на инфлациските очекувања и ја подгреваат инфлацијата. Оваа година се задоцни со обезбедување на навремено финансирање на буџетот, со што изостанаа навремени и подолгорочни даночни и други мерки за сузбивање на инфлацијата. Уште повеќе плаши што и во буџетот за 2023 година ја нема јасната борба од фискалната политика дека ќе и помногне со рестрикции во буџетот на монетарната политика за сузбивање на инфлацијата. И во 2023 година буџетот е експанзивен и инфлаторен, а во вакви услови двете политики треба да се рестриктивни. Јавната потрошувачка е значајно над предкризниото ниво од 2019 година. На ова покажуваат трошењата за стоки и услуги кои во 2021/22 година и во планот на буџетот за 2023 година се на исклучиво високо ниво од над 360 мил.евра (наспроти историски просек од 250 милиони евра). Ова заедно со зголемените трошоци за плати, заради интензивно вработување во јавната администрација и во услови на кризи, и високиот раст на разните трансфери делува инфлаторно. Нема никаква фискална консолидација од расходна страна. Нема приоретизација на проекти и стратегија во услови на најголемата енергетска криза. Фискалната недисциплина услови имплементација на „даночната реформа“ која ќе удри врз ликвидноста на компаниите и врз доходот на населението, што во услови на раст каматните стапки го зголемува ризикот од банкротства на фирмите и појава на нефункционални пласмани во банките.

    Закасни реакцијата и јасната посветеност на НБРМ за борба со инфлацијата. Одржувањето на ценовна стабилност е прва основа законска цел на НБРМ. Но, НБРМ во оваа епизода на инфлација долго време балансираше помеѓу две цели – да не го задуши економскиот раст т.е да ги одржи ниски каматните стапки или дали да се бори со инфлацијата. Ја пратеше и Европската централна банка (ЕЦБ) која последна од сите глобални централни банки почна со зголемување на основната камата, и тоа дури во јули 2022 година, за што е силно критикувана. Потоа НБРМ се двоумеше со каков интензитет да ја зголемува основната каматна стапка. Започна благо за да го зголеми интензитетот во последните неколку затегања, со што кумулативното затегање на основната каматна стапка од април до ноември достигна 300 базични поени. Затегањето го започна од април 2022 година кога годишната стапка на вкупна инфлација беше двоцифрена на 10,5%, а базична на 6,1% историски највисока, што укажуваше на разгорени инфлациски очекувања. Дали ваквата закаснета реакција ќе успее да ги стабилизира инфлациските очекувања е знак на прашање. Ненавременоста на затегањето на монетарна политика се огледува во фактот што ќе биде потребен период за пренос на монетарни сигнали, кои вообичаено со задоцнување се пренесуваат врз банкарските каматни стапки. Самата контракција на домашната побарувачка во услови на намален реален расположлив доход на населението и намалената инвестициска активност од фирмите ќе влијае дефлаторно. Растот на каматите ќе ги зголемени ризици врз банкарското работење во услови кога фирмите имаат намалена ликвидност и потреба од финансирање.

    Постојат и други домашни фактори за инфлацијата, како зголемените акцизи на нафтените деривати од април 2021 година и недостатокот на реакцијата со стоковите и нафтените резерви, кои на почетокот на кризата беа празни, а сега се скапо полни. Домашното производство на храна е значаен фактор, како што е и навременоста на субвенциите за земјоделците. Од земја која има потенцијал да произведува сама храна, ние имаме значаен раст од година во година на увозот на храна, особено на месо, жита, зеленчук и овошје.

    И конечно, континуираниот раст на трошоците за труд по едница производ во еден подолг временски период, при раст на бруто платите и пад на продуктивноста, фирмите го пренесоа на финалните цени. Исто така, инфлаторно влијание има и тесниот пазар на труд за приватниот сектор заради интензивното вработувањето во јавниот сектор (и во услови на кризи) и негативните демографските процеси. Намалувањето на работоспособната популација, при стареење на населението и иселување на младите, ја намалува домашната понуда, создава притисок врз платите и влијае врз раст на цените.

    Со еден збор, високата вкупна и базична инфлација е комбинација од увезени и домашни фактори, а според мене поголем пондер имаат домашните фактори. Колку ќе успееме да ги неурализираме инфлаторните притисоци е задача на макроекономскиот менаџмент.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично