Во време кога дигиталната трансформација го менува секој аспект од нашето секојдневие, особено значајно е да се следат иновациите кои имаат потенцијал да го редефинираат начинот на кој читаме, учиме и се едуцираме. Токму таква е приказната зад „Бокси“ – македонска платформа која успешно ги комбинира технологијата, гејмификацијата и културниот контекст за да ги поттикне децата, младите, но и возрасните да читаат и слушаат книги на нов, интерактивен начин.
Порталот Пари во ова интервју разговараше со Ивана Каралиева – Петреска, извршна директорка на „Бокси“, за тоа како започна оваа иновативна приказна, со какви предизвици и успеси се соочуваат, и како изгледа иднината на читањето низ призмата на технологијата и локалниот развој.
Пари: Како започна целата идеја зад Бокси? Кој беше иницијалниот мотив или проблем што сакавте да го решите кога одлучивте да ја основате оваа платформа?
Каралиева – Петреска: Сакавме да најдеме начин како да ги мотивираме децата и младите да читаат повеќе. Со многу истражување и искуство со дигитални продукти дотогаш, дојдовме до решение дека на децата и младите им треба нов свет со дигитални книги и аудио книги кои што имаат вграден гејмификациски модел што наградува. Сето тоа читање и слушање книги, видовме дека треба да биде надоградено и со квизови, игри, аватари, натпревари и многу награди. Тоа беше почетокот на детската апликација за читање и слушање книги.
Потоа, откако ја лансиравме апликацијата на шведски и македонски пазар, видовме дека вакво решение им е потребно и на возрасните. Потоа следеше развојот и надградувањето на „Бокси“ во апликација за целото семејство со книги за возрасни, тинејџери и деца.
Пари: На кој начин Бокси ја редефинира традиционалната култура на читање во дигитален контекст, и што ја издвојува оваа платформа од слични светски и регионални сервиси?
Каралиева – Петреска: Оваа платформа се издвојува од останатите најнапред баш поради системот со награди, локализиран пристап кон културата во секоја земја во која ја лансираме апликацијата и со својот асистент кој разговара со корисниците на локален јазик.
На пример, Libby AI ја претставивме со цел да им го направиме светот на книгите во уште поинтересно издание на нашите читатели. Може да го прашаат овој асистент за предлог на книга што треба да ја прочитаат или да си разговараат за поуките од одреден наслов.
Моќта на игрите, квизовите и наградите ги мотивира корисниците да читаат и слушаат повеќе, а со тоа да се надоградуваат.
Пари: Кои се техничките и креативните предизвици при продукција на аудиокниги на македонски јазик, особено имајќи предвид дека станува збор за пазар каде оваа форма е сè уште нова? Дали според Вас македонскиот пазар е подготвен за ваков вид на дигитална трансформација во издаваштвото, и што најмногу недостасува за да се достигне поголема дигитална културна писменост?
Каралиева – Петреска: Дефинитивно македонскиот пазар е подготвен за ваков вид на дигитални аудио книги и веќе тоа го гледаме во „Бокси“. Повеќе од 30% од нашите корисници дневно ги слушаат книгите изгенерирани со вештачка интелигенција или, пак, се консултираат со асистентот што да читаат следно. Самото тоа покажува дека корисниците се спремни за вакви содржини.
Дел од издавачите во Македонија се подготвени на ваков вид на дигитална трансформација и се двигатели, заедно со нас, на дигитална трансформација во издаваштвото. Сметаме дека тие се клучните улоги кои ќе помогнат оваа индустрија да оди напред и да остане релевантна за новите генерации.
Тоа што најмногу недостасува за да се достигне поголема дигитална културна писменост е брзината. Алатките, платформите и тимовите кои може да го реализираат ова се тука, но агилноста и брзината се најважни. Имено, ако успееме да создадеме илјадници аудио книги од најразлични жанрови, ќе ја зголемиме понудата на пазарот за мноштво вкусови и така, повеќе корисници ќе може да си ги најдат насловите според свој префериран жанр.
Што се однесува на техничките и креативни предизвици за продукција на аудио книги би кажала дека едното зависи од другото. Развојот на јазиците, особено македонскиот, станува сѐ подобар и со тоа, техничките предизвици се намалуваат. Ние ги тренираме нашите модели и гласови за да стануваат сѐ подобри, што ни отвора нови хоризонти на креативност. Покрај изработката на аудио книги со вештачка интелигенција, ние можеме да додаваме и амбиентални звуци кои се во совршен баланс со дејството на книгата. Така што креативноста расте експоненцијално, како што се подобруваат техничките страни на моделот.
Пари: Планирате ли интернационализација на платформата – воведување содржини на други јазици или излегување на други пазари?
Каралиева – Петреска: Ние напорно работиме кон воведување на содржини на други јазици и лансирање на платформата во целиот Адриа-регион. Моментално имаме книги на македонски, албански, српски, англиски и шведски јазик. Секојдневно ги повикуваме сите издавачи од регионот да се вклучат и да ги постават своите наслови на платформата.
Во моментов добиваме огромен интерес за вклучување на албански издавачи и ги приклучуваме кон „Бокси“ платформата.
Исто така, има голем интерес за изработка на српски аудио книги со нашиот модел базиран на вештачка интелигенција и се надеваме дека во блиска иднина ќе можеме да ги презентираме пред пошироката јавност.
Пари: Според вашето искуство досега, што би им порачале на младите претприемачи кои сакаат да започнат свој старт–ап во Македонија, особено во областа на културата и технологијата?
Каралиева – Петреска: Имаме голема привилегија да бидеме опкружени со храбри млади луѓе кои се претприемачки настроени и создаваат големи иновации со светски потенцијал. Од досегашното искуство би сакала да им препорачам да се впуштат кон што побрзо претставување (лансирање) на своите решенија пред својот таргет и да го лоцираат својот “product/service market fit”. Откако ќе го решат тоа, потенцијалот за раст понатаму е неограничен.
Катерина Михајлова