Ивана Гиновска пред неколку месеци дојде на чело на Државниот Инспекторат за животна средина и веќе на почетокот на својот мандат се соочи со сериозен случај на еколошки инцидент, хаварија, во која отпадни води на рудникот за олово и цинк Тораница крај Крива Паланка се излејаа во Крива Река, а ги вкрсти копјата и со градоначалникот на Крива Паланка, чиишто тврдења дека водите се загадени со стотици пати зголемени количества на цијанид и неколку десетици пати повисоки од дозволените концентрации на тешки метали, ги демантираше на прес конференција.
Казната за рударската компанија Булмак која стопанисува со Тораница, во меѓувреме, е дојдена пред комисијата за спогодување при Министерството за животна средина, јавноста воопшто не е убедена дека државата се справила со овој сериозен еколошки инцидент онака како што се очекува, а еколошки здруженија најавуваат протести со цел да не дојде до заташкување на случајот.
Порталот Пари деновиве зборуваше со директорката Гиновска, инаку магистер по економски науки, за тоа дали овој и слични случаи се заташкуваат, за тоа како работи Инспекторатот за животна средина и колку и на каков начин се заштитуваат животната средина и природата.
Пари: На прес конференцијата најавивте дека проценката на еколошката штета ќе ја прават надворешни стручни лица. Што утврдиле тие, какво било влијанието врз почвата, водата и живиот свет? Најавивте и дека ќе ја информирате јавноста за следните чекори на ДИЖС во врска со случајот.
Гиновска: Компанијата Булмак е задолжена со решение од наш инспектор да ангажира надворешно стручно лице, кое ќе направи вештачење, со кое ќе се утврди какво било влијанието врз животната средина по инцидентот што се случи на 14 март годинава во реката Тораница, а потоа долж течението на Крива Река. Тие имаат рок од 15 дена да го направат тоа, но добивме барање од вештото лице кое е ангажирано од нивна страна за продолжување на рокот за уште 15 дена за да се направат сите процедури и сеопфатна анализа и кога ќе го добиеме вештачењето секако дека ќе ја известиме јавноста и дека ќе ги превземеме сите правни дејства кои ни се на располагање.
Пари: Ветивте дека нема да го оставите овој случај на половина пат. Потврдивте дека инспекторите што излегле на терен дента на инцидентот не земале мостри, туку тие биле земени утредента, и тоа го објаснивте со самостојноста на инспекторите да одлучуваат. Објаснете ѝ ја, Ве молам, на јавноста, логичноста на постапката на вработените во Инспекторатот, кои одат на лице место каде се случил еко инцидент со излевање на материја во река, а притоа не се земаат мостри.
Гиновска: Инспекторите не земале мостри бидејќи виделе дека има еко-инцидент, кога стигнале на местото на настанот, тој бил веќе саниран, немало сомнеж од каде потекнувало загадувањето, знаеле дека е од пукната цевка Ф-350 од рудникот Тораница и за истото биле известени од лицето кое било овластено од компанијата Булмак, по таа логика инспекторите, кои, како што реков се самостојни во своето постапување, утврдиле дека нема потреба да земат мостри бидејќи знаат што содржат јамските води согласно А интегрираната дозвола, во која има точно пропишано што содржат јамските води и тие точно знаеле што се излеало во реката.
Пари: Тоа звучи нелогично бидејќи никој не може да знае што точно излегува од утробата на земјата и во колкава концентрација се наоѓаат поедините загадувачки елементи, може да има проценка…
Гиновска: Параметрите се утврдуваат со мерење но содржината на јамската вода се знае и е согласно со пропишаната А интегрирана еколошка дозвола.
Пари: А што ако не е така како што стои во дозволата? Сведоци сме дека многу големи загадувачи имаат добиено А интегрирани дозволи, во кои неретко и лимитите на емисиите се многу повисоки…
Гиновска: Да, така е, има такви дозволи, но нив не ги издаваме ние, ги издава друг орган во Министерството за животна средина, ние сме надлежни само да ги контролираме компаниите дали работат во склад со издадената дозвола. Значи тука се веќе некои други проблеми, какви се дозволите, како се издадени, со какви параметри се, но тоа е веќе друга проблематика.
Пари: Како се докажува екоцид? Зошто сметате дека анализите кои биле направени од страна на Општината не се релевантни, ако тие биле направени во овластена лабораторија?
Гиновска: Дали имало или немало екоцид не можеме да докажеме со едно шише вода. Мострите кои ги зел градоначалникот се од едно место, и треба да се земат три исти примерока, од кои едниот е за анализа, вториот е за повторување на анализата, а третиот е за супервештачење. Освен тоа, тие зеле мостра од Крива река, која поминува низ Крива Паланка, но не и од реката Тораница, но проблемот најмногу е во тоа што тој не ги прочитал добро резултатите и се крена паника во јавноста дека е стотици пати зголемено присуство на цијанид во реката, што не беше точно. Потоа ги добивме и ние резултатите и видовме дека не е зголемено присуството на цијанидот стотици пати над дозволеното, па затоа морав да дадам демант.
Пари: Сакате да кажете дека се работи за погрешно прочитани резултати?
Гиновска: Да, е, сега, намерно или ненамерно, не знам, но во самиот извештај не пишува така.
Пари: Побаравте од Државната Комисија за спречување на корупција да го испита случајот во кој двајцата ваши инспектори кои излегле на терен во врска со овој случај имале лична поврзаност со компанијата Булмак. Дали сметате дека овој факт може да фрли сенка врз објективноста на улогата на ДИЖС во целиот случај?
Гиновска: Да, така е. Прво да објаснам дека инспекторот Зоран Стојнев, кој е од Паланка работел до 2022 година во рудникот Тораница и откако излегол таму, тој бил вработен во Инспекторатот. Мојот претходник не го изземал од тоа да врши инспекциски надзори во Тораница. Истото важи и за Благоја Игновски, чијашто сопруга работела во рудникот кој е во Злетово, кој е на истата фирма, но истата не работи од 2018 и истиот од моите претходници не бил изземен да постапува таму. Откако е колегата Благоја кај нас имало смена на неколку директори, но тие не увиделе дека има можен конфликт на интереси. Какви насоки сега ќе добиеме од Антикорупциска, така ќе постапиме за нив и за тоа ќе ја известиме јавноста.
Пари: Ваквите локални поврзаности на инспекторите со нивната средина веројатно не се реткост во една така мала држава каква што е нашата, а вие ионака мака мачите со кадровската екипираност…
Гиновска: Да, ние мака мачиме со тоа. Ако Комисијата утврди некаков проблем, тие инспектори секако нема повеќе да одат таму додека сум јас на чело на Инспекторатот. Во тој случај, таму во иднина ќе одат други инспектори од други градови. Затоа инспекторите се мобилни. Но ние имаме сериозен проблем со бројот на инспектори во целина, од вкупно 15 за целата држава, нормално се случува еден да е на одмор, друг да е на боледување, тоа е навистина многу мал број за да се покрие целата држава со инспекциски надзор. После она што ни се случи во Кочани, па и ова сега со Тораница, мора да се размисли да се зголеми бројката на вработени во сите инспекциски служби. Сите инспекторати имаат проблем со премногу мал број на вработени.
Пари: Кога се нафативте да дојдете на чело на овој Инспекторат, Вие бевте свесна дека така стојат работите.
Гиновска: Да, ние дојдовме да смениме некои работи. Јас барам да се зголеми бројот, сега сме во преговори со вицепремиерот и со министерот за животна средина, со кои имаме одлична соработка, поднесовме до него барање, кое беше одобрено, да бидат ставени во планот за вработување нови инспектори. Направив и стратегија како да се повлечат инспектори од локално на централно ниво и му ја доставив на првиот вицепремиер, таа треба сега да се проследи до владата и Владата да одлучи да се направи едно централно инспекциско тело, да нема веќе поделба на локално и на државно ниво. Со тоа јас ќе добијам повеќе инспектори и тоа веќе обучени кадри. Тоа ќе значи многу и за нашата работа но и за животната средина, нешто што не засега сите нас како луѓе, како родители.
Пари: Има ли шанса тој процес да се заокружи во текот на годинава?
Гиновска: Јас ја презентирав стратегијата пред Влада, сега се прават некои регионални инспекциски тела, можно е комуналните и градежните инспекции подобро да функционираат на регионално ниво, но сметам дека нашиот Инспекторат би требало да функционира на државно ниво.
Пари: Ја спомнавте и незадоволителната кадровска екипираност, која е проблем на ДИЖС со години. Ќе го поврзам тоа со протестите на Битолчани против новата депонија во Новаци и тврдењата на Министерството за екологија дека државата ќе биде гарант дека таа ќе функционира според највисоки стандарди. Како ќе се обезбеди тоа кога сега во целиот југозападен регион има еден државен инспектор, а и тој, ако е точно, заминал во пензија?
Гиновска: Нашите инспектори се мобилни и не е проблем некој од нашите инспектори од Кавадарци или од Гевгелија да речеме да појде во инспекција на тој објект. Денес свечено го испративме колегата од тој регион во пензија, тој беше одличен професионалец и даде голем придонес во нашата работа. Но, како што веќе кажав, работам на кадровско екипирање на Инспекторатот.
Пари: Како ДИЖС ја контролира РЕК Битола, дали до сега утврдил загадување кое доаѓа од овој, според многу меѓународни документи еден од најголемите загадувачи во регионот?
Гиновска: Од наша страна редовно се котролира РЕК Битола, која има дозвола со оперативен план за усогласување која е со важност до 31.12.2026, датум до кој РЕК Битола е обврзана да си ги заврши обврските во однос на доведување на емисиите во дозволени граници. Сега имавме контрола таму, ја изведе колегата од Охрид бидејќи инспекторот од Битола замина во пензија. Сите сме свесни дека тој објект е еден од најголемите загадувачи, но е и капитален енергетски објект. Државата мора да најде сили да го реши тој проблем. Мора да се размислува за тоа кои енергенси се користат, ако не го смениме начинот на кој ја произведуваме енергијата, на кој ги загреваме домовите, не сме направиле ништо и секоја година ќе го правиме истиот муабет, ќе зборуваме за загадување на воздухот. РЕК Битола мора да ги обезбеди неопходните услови за да се стекне со А Интегрирана еколошка дозвола, така што ќе превземе мерки за да го намали загадувањето. Апсолутно е дојдено времето за тоа, па и преговорите за влез во Европската Унија нема да можат да се помрднат од мртва точка без да се реши тој проблем.
Пари: Јавноста е сведок дека на самиот брег на Охридското Езеро никнува огромен хотелски комплекс и покрај заклучоците на Комисијата на УНЕСКО дека треба да се поништат урбанистичките документи кои ја овозможуваат оваа градба и покрај декларираните заложби на македонските влади дека ќе ги почитува барањата на УНЕСКО. Каде е во овој случај улогата на ДИЖС?
Гиновска: Дозволата за градба била издадена уште во 2012 година, значи пред 13 години, се смениле многу власти, и локални и државни, и многу директори на инспекторати. Кога дојдов на местото директор на ДИЖС добив една преставка, пуштив контрола, инспектор за природа и за животна средина. Комплексот се наоѓа надвор од природно заштитено подрачје на националниот парк Галичица, надвор од Студенчишко блато, надвор од брегот на Охридското езеро, на некакво тромеѓе и не влегува во ниедна заштитена зона. Имаше извршено надзор и во Општина Охрид, за да утврдиме како се почитуваат документите од областа на заштита на природата. Тие имаат елаборат за влијание врз животна средина, направен 2012. Е, сега, кој ќе го поништи одобрението за градба, тоа секако треба да го направи тој што го дал. Кој ја издава дозволата, тој ја одзема. Излегоа некои информации во јавноста дека се штити сопственикот, видов од сликите дека се работи за едно огромно здание. Тоа е работа на Општина Охрид и нивниот градежен инспектор… Мораат сите алки во општеството да функционираат за да имаме позитивен резултат. Свесни сме дека сме уништени како општество, треба да имаме искрена намера да ги решиме проблемите, за да има резултати.
Југослава Дуковска