
Далеку од татковината, во училници распослани низ неколку градови во францускиот дел од Швајцарија, македонскиот јазик продолжува да живее преку детските гласови што ја учат кирилицата, преку песните, приказните и спомените што ги носат од своите семејства. Таму, меѓу различни јазици и култури, се гради тивка, но значајна врска со корените.
Ирена Годева од Струмица, наставничка по македонски јазик со 15-годишно искуство, ја продолжува токму таа мисија. Таа предава на деца од македонската дијаспора во повеќе градови во францускиот регион на Швајцарија ‒ Женева, Белфо до Фрибург, Ешалан, Екублан, Ибердон, Шебра, Веве и Орбе ‒ во настава што ја организира Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија.
Во разговор за порталот Пари, Годева зборува за предизвиците да се зачува мајчиниот јазик во мултикултурна средина, за љубопитноста на децата од втора и трета генерација Македонци коишто го откриваат својот идентитет преку јазикот, но и за тоа зошто токму мајчиниот јазик останува најсилната врска со корените и културното наследство.
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, порталот Пари низ серија интервјуа ги претставува успешните и професионално реализирани жени, нивните кариерни патишта, предизвици и достигнувања со кои оставаат препознатлив, траен белег.
ПАРИ: Предавате македонски јазик на деца што растат во сосем поинаква културна и јазична средина. Колкав предизвик е денес да се зачува јазикот како дел од личниот и колективниот идентитет во дијаспората?
ГОДЕВА: Мојата работа да држам настава по македонски јазик на децата на нашите Македонци коишто живеат или се привремено на работа во францускиот дел од Швајцарија на прв поглед изгледа лесно и едноставно, но воопшто не е така. Тоа е еден посложен процес на настава од редовната настава во нашата земја од причина што овие деца живеат во една различна културна, јазична, па и образовна средина. И самата држава Швајцарија е уникатен културен и јазичен мозаик, со четири национални јазици: германски, француски, италијански и романски, па со нејзината лингвистичка разновидност поголем е предизвикот да се зачува мајчиниот јазик како дел од личниот и колективниот идентитет во дијаспората. Затоа и е потребна голема подготвеност, вештини и компетенции за успешно да може да се реализира целиот наставен процес и постигнување на целта преку јазикот да се пренесат националните особености и културни вредности на македонскиот народ што живее тука во Швајцарија, зашто токму во нашиот јазик со неговата форма, содржина и знаење е кодиран и идентитетот на секој Македонец.
ПАРИ: Во вашите паралелки има ученици и од втора и од трета генерација Македонци во Швајцарија. Како тие ја доживуваат врската со јазикот ‒ како наследство, како обврска или како мост кон сопствените корени?
ГОДЕВА: Учениците што ја посетуваат наставата најчесто се деца од втора и трета генерација Македонци во Швајцарија. Тие редовно и со голем интерес ја посетуваат наставата по македонски јазик. Низ различните активности што ги реализираме на часовите и од интеракцијата што ја имам со своите ученици можам да кажам дека децата многу сериозно настапуваат во учењето на мајчиниот јазик. Речиси сите деца се идентификуваат себеси како посебни, единствени во шаренилото од народи што живеат во Швајцарија, и токму јазикот им го овозможува тоа, тие да се поврзуваат со сопствените корени на постоење. Јазикот е темелот на нивниот културен и национален идентитет како Македонци и основа за зачувување на културното наследство. Со негувањето и почитувањето на македонскиот јазик тие ја имаат и обврската да го продолжат своето постоење како нација.

ПАРИ: На вашите часови не се учи само граматика, туку и историја, традиција, песни и ора. Дали токму таа поширока културна рамка е клучна за децата во дијаспората да го почувствуваат јазикот како дел од сопствениот идентитет?
ГОДЕВА: На часовите додека се запознаваме со македонската азбука, додека пишуваме, читаме и ја осознаваме и откриваме Македонија низ историски, културолошки димензии, ја гледам нивната возбуда и желба да бидат дел од сѐ тоа што претставува Македонија. Јазикот го доживуваат како важен дел од сложувалката на сопствениот идентитет. Затоа во наставата по македонски јазик е предвидено да се изучува и историјата на нашата татковина, сите нејзини географски особености, културата и традициите и, секако, македонскиот фолклор по кој најмногу нѐ препознаваат. Сето тоа како целина дава една целосна слика за нашата посебност и единственост како народ, па со нашиот мајчин јазик кај учениците се создава поширока перцепција за нашето големо културно богатство и духовно наследство.
ПАРИ: Работите и со ученици што доаѓаат од мешани семејства, каде што македонскиот јазик не се зборува дома. Колку е различен пристапот во такви ситуации и што значи за едно дете да го открива јазикот на едниот родител?
ГОДЕВА: Да, има ученици коишто доаѓаат од мешани семејства, каде што македонскиот јазик не е единствен мајчин јазик. Најважно е да знаеме кој јазик го употребуваат во комуникацијата во семејството на ученикот за да знаеме како да пристапиме кон учењето на македонскиот јазик. Во такви ситуации, нормално, имаме поразличен пристап за усвојување на македонскиот мајчин јазик. Совладувањето на македонскиот јазик кај овие ученици е посложено, секако, но затоа тука го користиме францускиот јазик, кој е официјален јазик во овој дел од Швајцарија. Со учениците што не го познаваат воопшто македонскиот јазик, комуникацијата во наставата ќе биде на француски јазик.
ПАРИ: Често се вели дека жените се столбот на образованието и културната трансмисија. Како ја доживувате улогата на жената, и како наставник, и како чувар на културното наследство?
ГОДЕВА: Да се биде наставник за мене е најблагородната и најубавата професија. Со голема љубов и посветеност сакам да ја остварам својата цел и мисија поврзана со образованието да ги поучувам и запознавам овие деца ‒ мои ученици, со културните вредности и јазик на своите родители и предци. Во оваа професија најголемиот дел од тие што работат се жени, можеби причина за тоа е што природата одредила жената да е таа што треба да се грижи за своето потомство од првите моменти на животот на секој човек. Жената е столбот на семејството, симболот на животот, неа секогаш ја наоѓаме таму каде што вниманието е насочено кон грижа, образование и поддршка на човекот. Затоа и мајчиниот јазик е јазикот што детето го учи од својата мајка и е темелот на неговиот идентитет. Чест и задоволство ми е што ја имам оваа задача како наставник, да ја продолжам оваа културна трансмисија преку наставата по македонски јазик и да успеам да го продолжам зачувувањето на колективната меморија во која се запишани искуствата на минатите генерации и новите стремежи на идните македонски генерации коишто живеат на овие простори во Швајцарија.
ПАРИ: Ако погледнете кон иднината, дали верувате дека македонскиот јазик ќе продолжи да живее меѓу новите генерации во дијаспората и што е клучно за тоа да се случи?
ГОДЕВА: Како земја од шаренило од народи, Швајцарија го почитува и признава постоењето и идентитетот на различните народни маси. Како држава ја почитува јазичната и културна различност на луѓето што живеат овде, а не се по потекло од Швајцарија, и тие даваат поддршка за нивно понатамошно опстојување. Тие и ја нагласуваат важноста за изучувањето на мајчиниот јазик, како јазик што е неопходен за полесно совладување на јазикот што се изучува во средината во која живеат, и за полесна интеграција на целото семејство. Македонската заедница што опстојува на овие простори со децении е таа што го има дадено темелот за изучувањето на македонскиот јазик во дијаспората, и таа продолжува да ги поддржува овие темели, активно вклучувајќи се во промовирањето и важноста на мајчиниот јазик. Македонската заедница во дијаспората отсекогаш била вклучена во вековната борба на македонскиот народ за зачувување на сопствениот културен и национален идентитет и е најважната алка за негување и живеење на македонскиот јазик како основа за поврзување, обединување и пренесување на македонските традиции, културата, и постоење на нашата нација во иднината на оваа туѓа земја. И за крај ќе го цитираме нашиот Крсте Петков Мисирков: „Милоста кон родниот јазик е нашиот долг и нашето право. Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зашто е наш, исто како што е наша татковината. Еден народ што го изгубил својот јазик личи на човек што го изгубил патот и не знае ни каде оди, ни кој е!“
Катерина Михајлова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








