ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ I ЃУРЃА ГЕОРГИЕВА: Нè нарекуваа евтина, социјална продавница ‒ денес сме синоним за вредност

    Време зa читање: 7 минути

    Во време кога македонската економија минуваше низ турбулентната транзиција од 90-тите години, малкумина имаа храброст да започнат бизнис од нула. Уште помалку жени, пак, застанаа на чело на компании што подоцна ќе станат дел од секојдневието на илјадници семејства.

    Ѓурѓа Георгиева, по професија наставничка по биологија и хемија, денес е сопственичка и двигател на малопродажниот ланец Стокомак ‒ бренд што од скромен почеток со три дисконти израсна во еден од најпрепознатливите трговски синџири во земјава, а во 2025 година го направи и првиот чекор надвор од границите со експанзија на српскиот пазар.

    Во интервјуто за Пари, разговаравме со Георгиева за лидерството во трговијата, предизвиците на ценовната конкурентност, одлуките што го одбележаа растот на компанијата и за тоа како се гради бренд што опстојува без агресивен маркетинг, туку со доверба стекнувана генерациски.

    По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, порталот Пари низ серија интервјуа ги претставува успешните и професионално реализирани жени, нивните кариерни патишта, предизвици и достигнувања со кои оставаат препознатлив, траен белег.

    ПАРИ: Како го доживеавте патот од Вашиот професионален почеток до преземањето на управувањето со малопродажната мрежа?

    ГЕОРГИЕВА: По професија сум наставничка по биологија и хемија, времето на транзиција беше такво што немаше можност сите да го работиме тоа што го сакаме и сме го учеле. Борејќи се за опстанок, бев приморана заедно со мојот сопруг да се преквалификувам и да започнам со работа најпрво кај нашите кумови во денешната компанија МИС ГЛОБУС, во делот на материјално книговодство, од каде што навистина стекнав големо искуство и ми се роди желба што до денешен ден е поврзана со ова со коешто ние денес се занимаваме. Во 1997 година заедно со мојот сопруг решивме да ја основаме компанијата Стокомак, која најпрво се занимаваше со малопродажба на месо и месни преработки, а потоа постепено ја проширивме со понуда најпрво на млечни производи, маслинки, печурки, масло, конзервирани производи, па постепено дојдовме до оваа широка понуда на производи којашто денес може да ја понуди Стокомак. Првиот дисконт беше лоциран во Кисела Вода, во близина на училиштето Дуња, вториот во Карпош на улица Бранислав Нушиќ, а третиот во Автокоманда.

    ПАРИ: Со какви предизвици се соочивте како жена на лидерска позиција во трговијата?

    ГЕОРГИЕВА: Потекнувам од традиционално земјоделско семејство коешто егзистирало главно од одгледување лозови насади, каде клучниот збор го имал мојот татко.

    Особено сум горда на тоа, а особено сум горда и на себе што како жена се изборив за рамноправност, најпрво во нашата семејна заедница, а потоа и во одлуките во однос на нашата компанија. Морам да кажам дека гледајќи од денешен аспект ние, жените, веќе сме докажани дека не само што сме рамноправни туку честопати и успешни подеднакво и, ќе потенцирам, поодговорни за многу работи. Кога ја имате оваа поддршка предизвиците веќе се надминуваат лесно.

    ПАРИ: Какви промени на пазарот и во потрошувачките навики забележавте низ годините? На колку од нив Стокомак беше предводник, а на кои требаше да се приспособи?

    ГЕОРГИЕВА: Пазарот е жива материја и постојано се менува, а со самото менување на пазарот ние мораме да се приспособиме на овие промени и да ги прифатиме. Во спротивно, нема да бидете дел од учесниците.

    Ќе ги земам како пример новите технолошки достигнувања коишто носат нови начини на комуникација (социјални медиуми) на кои ние мораме да бидеме присутни со цел да бидеме во постојана комуникација со нашите потрошувачи. Можам да кажам дека нашите потрошувачи се мудри и секогаш знаат да изберат висок квалитет по најдобри цени. Всушност, тоа го докажува и нашиот успех сите овие години. Ние се држиме до оваа формула, а таа ни обезбедува прогрес сите овие години започнувајќи од 1997 година па сѐ до ден денешен.

    Од денешен аспект со гордост можам да кажам дека сме горди и заслужни и, секако, влијаеме на конкурентноста на нашиот пазар којашто во крајна цел обезбедува висококвалитетни производи со навистина поволни цени.

    ПАРИ: Во малопродажбата маржите се мали, конкуренцијата е голема, а потрошувачот е чувствителен на цената. Како се балансира одржливоста на компанијата со потребата да се остане ценовно конкурентен на долг рок?

    ГЕОРГИЕВА: Да се биде ценовно конкурентен можеби не е тешко, но да ја испорачате најдобрата понуда во смисла да постигнете сооднос на квалитет и цена е, навистина, нешто што бара детално анализирање, искуство, познавање на пазарот итн.

    Горди сме што можеме да се пофалиме дека кај нас потрошувачите не добиваат само ниски цени, туку висококвалитетни и проверени производи. Нашите потрошувачи се навистина мудри и веќе се навикнати да добиваат најдобар квалитет за своите парични средства.

    ПАРИ: Во 2025 година Стокомак започна со експанзија на српскиот пазар. Како го оценувате тој пазар и што се покажа како клучен фактор за функционирање таму? Планирате ли дополнително проширување на други странски пазари?

    ГЕОРГИЕВА: Животниот циклус на секоја компанија е: или растете и се развивате или, за жал, одите во надолна линија. Стагнацијата како фаза, за жал, кратко трае. Се одлучивме за овој чекор од проста причина што мораме да обезбедиме простор за раст и развој на компанијата Стокомак.

    Пазарот во Србија го оценуваме како навистина огромен предизвик за целиот тим на Стокомак и како едно големо и сериозно искуство за сите нас. Го анализиравме подолго време пред да се одлучиме на овој чекор и сме сигурни во едно ‒ имаме и знаеме како да им понудиме подобар квалитет за навистина пониски цени на потенцијалните потрошувачи во Србија како и во Македонија.

    Околу развојот на компанијата морам да потенцирам дека наредниве 3 години ќе бидеме фокусирани најпрво во Србија во делот на проширување на нашата малопродажна мрежа, односно ќе се потрудиме Стокомак да го позиционираме што поблиску и до што повеќе купувачи на овој пазар, и секако дека план ни е да продолжиме да се шириме и развиваме и на други локални пазари.

    Во моментов веќе имаме наши колеги коишто ги анализираат пазарите во Косово, Албанија и Црна Гора. Се надеваме дека една од овие три дестинации ќе биде нашиот нов предизвик, најдоцна до 2029 година.

    ПАРИ: Од вашето основање во 1997 година до денес, кои беа клучните моменти или пресврти во развојот на Стокомак и дали постои одлука што се покажа како пресудна за долгорочниот успех на компанијата?

    ГЕОРГИЕВА: Секојдневно носиме голем број одлуки, секако дека дел од нив се успешни, а дел од нив не. Не е возможно сите одлуки да бидат правилни, нема човек што не греши. Не греши само оној што не работи.

    Гледано од денешна перспектива сметам дека клучна одлука беше делегирањето на голем дел од надлежностите и обврските на тимот, кој денес е најзаслужен за успехот на Стокомак.

    Од моја перспектива, најважна одлука е ставањето силен фокус на тимот, бидејќи силниот кадар е основа за стабилен и одржлив раст. Tоа мора да го направи секој еден прeтприемач и сопственик, особено кога веќе компанијата прераснува од мала во голема како што беше случајот со нашата компанија. Стокомак е успешен благодарение на тимот на луѓе коишто работат во него.

    ПАРИ: Од оваа перспектива со дистанца од речиси три децении, какви се Вашите согледувања ‒ како се гради бренд што не е само трговски синџир, туку дел од секојдневието на луѓето, чијашто доверба се одржува генерациски?

    ГЕОРГИЕВА: Да бидам искрена, нашите темели се базираа на тоа дека ние како компанија ќе се развиваме без никакви вложувања во маркетинг. Дури и нашите први малопродажни објекти беа без никакви брендирања или ознаки за нашата компанија.

    Се фокусиравме само на едно ‒ да обезбедиме ниски оперативни трошоци преку кои би можеле да формираме најниски малопродажни цени на полиците. Од денешен аспект, тоа е веќе невозможно во ова време, сигурно многу мал дел од купувачите би се осудиле да влезат во таква продавница и би гледале со доза на недоверба.

    Нашите први маркети дури немаа светлечки реклами, а законските регулативи што треба да ги имаме (име на фирма, адреса, телефонски број, број на подружница итн.) ни беа отпечатени на бел лист хартија.

    Нѐ нарекуваа евтина продавница, социјална продавница, пензионерска продавница итн. Денес имаме тим што се грижи брендот да биде препознатлив, без да се потпира на скапи реклами и кампањи.

    Катерина Михајлова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично