Интелегент Нетворк Солушнс (ИНС) е локална македонска софтверска компанија, но тоа ни најмалку не и било проблем оваа ИТ компанија да ги освои пазарите ширум светот. Има 4 канцеларии матичната Скопје, Виена, Абу Даби и Сиднеј и над 350 клиенти и активни софтверски имплементации во светот. Најгорди се на проектот за градот Дубаи платформа за автоматска проверка на 3Д БИМ (Building Information Modeling) модели кои што Дубаи ги користи за верификација на квалитет на градба како и за предодобрување за издавање на дозволи на градба. За нивните проекти се заинтересирале и членови на кралското семејство на Емирати, а чувството да се обраќаш со ,,Ваше височество” било невообичаено. За плановите во фирмата разговаравме со сопственикот на ИНС, Газменд Ајруловски.
Пари: Кои се Интелегент Нетворк Солушнс (ИНС)?
Ајруловски: ИНС е локална македонска софтверска компанија основана во 2007-ма година од страна на Газменд Ајруловски (програмер) и Игор Пупалески (телеком инженер), двајца пријатели со комплементарни експертизи и заедничка визија за развој. Компанијата денес брои 75 вработени во 4 града (Скопје, Виена, Абу Даби и Сиднеј), над 350 клиенти и активни софтверски имплементации во многу држави (УСА, Гвајана, Холандија, Хрватска, Албанија, Косово, УАЕ, Кувајт, Бахреин, Тајланд, Лаос…)
Пари: Дигитализацијата се повеке зема замав, колку кај нас приватниот сектор и државните институции се дигитализирани?
Ајруловски:Колку и да звучи клише, една од нус-појавите на ковид пандемијата е дигиталната трансформација која што на сите ни се наметна како потреба и обид да продолжиме со колку-толку нормален тек на работа. Пред пандемијата, од гледна точка на ИТ сектор, дигиталната трансформација ја спроведовме најмногу во насока на овозможување на поголема мобилност (нпр. како да продолжиме со работа дури и ако не сме у иста канцеларија со тимот, имаме дисперзирани тимови итн) но кога наеднаш моравме сите да ја напуштиме канцеларијата и да работиме од дома, увидовме дека дури и со тој head-start се уште имавме ситни проблеми и превиди. Штом тоа била ситуацијата со ИТ компанија, можеме да замислиме како се имаат прилагодено други ентитети од приватниот сектор како адвокатски компании, сметководители итн. Сигурен сум дека не било лесно и тоа во главно се должи на фактот дека скоро никој и немал доволно цврсто разбирање на потребите и предностите на дигиталната трансформација и дигитализација. Од друга страна, државните институции имаат обиди и забележуваат пораст во таа насока (гледаме се повеќе он лајн сервиси како и планови и повици за развој на нови е-услуги), но има уште работа во таа насока, според мое скромно мислење, најмногу во делот на стандардизација и централизирање на услугите со цел постигнување поефикасна комуникација помеѓу различните државни ентитети. Состојбата е слична и во многу други држави во светот, сепак примери на држави како Естонија кажуваат дека со добар план и сериозен труд, многу нешта се возможни. Естонија е, според истражувањата на ОН, во топ 3 држави по однос на дигитализација заедно со Данска и Ј. Кореја.
Пари: Колку ИТ секторот е развиен кај нас, какви се условите за бизнис, се доаѓа ли лесно до квалитетни програмери?
Ајруловски: Ако земеме предвид дека македонскиот ИТ сектор е постар од 20+ години (нa пр. нашата компанија е 14 години стара), тоа е прв индикатор дека македонските инженери работеле на развој на софтвер уште во време на почетната експанзија на ИТ индустрија. Успешните приказни за компании кои што почнале во Македонија а се воспоставиле на светскиот пазар, исто така покажуваат дека постојат услови за бизнис, нивното задржување на локалните и странските пазари покажува дека постои и квалитет. Тоа што сметам дека се уште има простор за подобрување е имплементација на поквалитетни процеси за водење на проекти па во некои случаи и нивото на професионализмот на компаниите. За да не бидам погрешно разбран: се имам соочено со ситуации кај што компании имале и квалитетен кадар и одличен капитал на располагање, одлични клиенти за соработка но пропаднале поради недостаток на процеси, ad-hoc/стихијно водење на проекти без конкретен (или доволно добар) план или тоа што подразбирам кога ќе речам непрофесионално работење – половично завршени имплементации.Големите клиенти во светот го препознаваат тоа дури и во фаза на преговори и со такви недостатоци е тешко да се задржи клиент. А квалитетни програмери се наоѓаат, можам да кажам дека имаме среќа да најдеме и јуниори кои што се фантастични првин како колеги и луѓе, а потоа и како програмери, но коментирање на целиот процес на регрутација и наоѓање кадар би го оставил на колегите од HR 😊
Пари: Како пандемијата делуваше на ИТсекторот?
Ајруловски: Кога се зборува за ИТ вo пандемија, скоро сите имаат ист коментар: “лесно ви е на вас, можете непречено да си работите и од дома, извозот ви е електронски итн итн”. Тоа е точно, со обзир на тоа дека продуктите на софтверските компании се испорачуваат он лајн, состаноците и договорите се склопуваат и преку видео конференциски алатки, ИТ е меѓу поретките бранши која што непречено (со мали промени) продолжи да функционира во целост. Но, there’s no such thing as free lunch, сметам дека последиците од пандемијата допрва доаѓаат за ИТ индустрија и тоа не во насока на производство туку во насока на регрутација и задржување на персоналот. Work-from-home методот не бил никогаш оволку прифатен и распространет, па со тоа многу компании согледаа дека може да се работи и од дома (плаќање кирија за канцеларии може и да не е ставка која што е апсолутно потребна) и дека можат да се вработуваат и колеги кои што живеат во странство (бидејќи веке се губи идејата од тимови кои што работат од канцеларија). Ова значи дека пазарот на трудот веќе не е регионален (фирми од МКД да вработуваат програмери од МКД) туку е глобален, па така и регрутација не е веќе групирана околу географски региони туку станува хоризонтална. Странски компании кои што работат со повисоки буџети ќе имаат можност локалниот кадар да го сменат со странски кадар кој што најверојатно (иако не мора да значи) би бил поевтин (на пр. фирма од Германија плаќа програмер во Босна, не мора да плаќа придонеси, сместувања, итн, туку едноставно исплаќа бруто плата која што е доста помала од бруто плата на програмер во Германија). Ова би имало најголем импакт кај компаниите кои што не располагаат со доволно големи буџети за плати и кои што немаат веќе развиено стратегии за развој и задржување на кадар. Сметам дека е крајно време македонските ИТ компании да се активираат во оваа насока, ако веќе не го направиле тоа до сега.
Пари: Присутни сте на повеќе пазари од кој пазар сте најзадоволни, со какви клиенти соработувате?
Ајруловски: Присутни сме и на доста други пазари (Албанија, Косово, Кувајт, Бахреин, Германија, Холандија и други), но во Виена, Сиднеј и Абу Даби имаме канцеларии. Од трите канцеларии, Абу Даби е најразвиен и тековните операции ни се одвиваат како комбинација на тимот во Скопје и локалниот тим ситуиран на блиски исток (имаме вработени од Египет, Судан, Јордан). Најголемите клиенти ни се ADNOC (Abu Dhabi National Oil Company) и градот Дубаи, иако секако не се за занемарување и TRA Bahrein (телеком регулаторот во Бахреин), универзитетот во Кувајт итн.
Пари: Со кои компании имате соработувано, на кој проект сте најмногу горди?
Ајруловски: Пробивање на странски пазари во голем дел зависи од наоѓање стабилни, спремни локални партнери и нашата позиција на Блискиот исток не е исклучок. Соработуваме со Perkins Eastman, Mott McDonald, iTech, IDC и други интернационални компании и конзорциуми, секако секој во својот дел од експертизата. А колку за проектите, иако сите проекти ми се подеднакво драги, сепак најголемиот проект е проектот за град Дубаи, платформа за автоматска проверка на 3Д БИМ (Building Information Modeling) модели кои што Дубаи ги користи за верификација на квалитет на градба како и за предодобрување за издавање на дозволи на градба. Со нашиот софтвер, Дубаи ќе заштеди месеци (дури и години) труд и работа, а со тоа секако и добар дел од трошоците за персоналот.Постајат неколку решенија во светот кои што се занимаваат со оваа проблематика на ниво на град (градови во Естонија и Холандија имаат демо верзии, Сингапур има решение кое што го пуштија во продукција, но не им заживеа), но нашето решение е прво кое што во целост го решава проблемот и е составено од неколку иновации во делот на анализи на податоци кога станува збор за БИМ системи.На проектот конкуриравме/работевме заедно со iTechи Mott MacDonald, компанијата што го има дизајнирано JFK аеродромот во Њујорк, а го добивме во конкуренција на компании како IBM, Autodesk и ESRI.
Пари: Колку македонските компании се конкурентни на светскиот пазар, може да кажете некоја интересна ситуација во која сте се нашле како ИТ компанија?
Ајруловски: Како што веќе спомнав, дел од македонските компании треба (а и мора) да поработат на делот на организација, воведување на процеси и стандарди како и на зголемување на ниво на професионалност. Но, тоа не значи дека нашите компании не се конкурентни на светскиот пазар, напротив, постојат продукти кои што се или во потполност македонски производи или се странски продукти на кои што работат македонски тимови. А колку за интересна ситуација… па, можеме да кажеме дека во минатите 14 години имавме и повеќе од една интересна ситуација, така да е тешко да се издвои некоја специфична анегдота… можеби ете можам да издвојам презентација пред 4 години во Шаржа (еден од емиратите во Обединети Арапски Емирати) кај што 5 минути пред презентација ми посочија дека ќе презентирам пред и директно за член на кралската фамилија во Емирати и дека по протокол морам да му се обраќам со “your royal highness” или “your highness”. Чувството за мене беше апсолутно невообичаено, посебно ако се земе предвид дека така наеднаш морав да внимавам на протокол од тој формат измешан со потреба да се испрезентираме во најдобро можно светло. За среќа се помина како што треба, на крај дури и станаа и не испратија, што би се рекло кај нас, до врата, и тогаш отворивме канали за соработка низ кои што и до ден денес имаме активни преговори за развој.
Пари: Деновиве имаше вест дека Емирати нудат визи за 100.000 програмери вие сте присутни во Абу Даби што поточно се случува во тој дел од светот, зошто одбравте да се проширите на тој пазар?
Ајруловски: Потегот со 100 000 програмери (или како што ги викаат они, 100 000 златни визи) е само поинаква форма на стратешкиот развој на Eмиратите, нешто што они го практикуваат со години наназад: зајакнување на квалитетниот кадар во сите вертикали вклучувајќи и ИТ. Веќе неколку години наназад отворено се збори за фактот дека нафтените резерви нема да траат вечно и дека моментот кога ќе се продаде и последната капка нафта, Емиратите мора да бидат конкурентни (поточно кажано лидери) на пазарот кој што ќе им овозможи безбедност и профит, а со тоа и начин на живот кој што им го овозможува нафтата. Браншите кои што ги таргетираат се најмногу туризам, обновливи извори на енергија и ИТ. Пазарот во Емирати е огромен, се развива со невидена динамика, пример со кој што тоа најдобро може да се илустрира е фактот дека кога ја отваравме канцеларијата, ни посочија дека во Дубаи на дневно ниво се отвораат по 2000 нови фирми. Можете да замислите што значи тоа во насока на конкуренција за нас, или во насока на развој за нив. Лично, поприлично сум задоволен, ни требаше време да ја научиме културата и начините на тоа како се води бизнис во Емирати, ама денес сме веќе доволно добро етаблирани кај што имаме и референци и пристап кон локалниот пазар со доволно големо искуство да можеме да планираме следни чекори во насока на развој.
Пари: Кои се идните планови на вашата компанија, каде е потенцијалот за да се прошири бизнисот?
Ајруловски: Следната година планираме да се прошируваме во три главни насоки. Првата е регионална експанзија, т.е. веќе имаме воспоставено механизми за развој на продажба и продукти во соседната Албанија. Втората насока е зајакнување на нашата присутност во Емирати кај што веќе имаме активни преговори за обновување на тековни договори како и нови апгрејди на постоечките продукти и планираме нова офанзива низ состаноци и презетнации на есен, во насока на придобивање на нови клиенти. Трета насока е нашата најмлада канцеларија во Австралија, апсолутно неистражена терирорија за нас, кај што заедно со нашите локални партнери таму веќе бараме плодна почва за поставување на нашите флегшип продукти.
Пари: Во која насока се движи ИТсекторот, новите технологии, каде ја гледате иднината?
Ајруловски: Ова е прашање кај што скоро секој има свое гледиште, така да не постои еден точен одговор, но тоа што можеме да заклучиме е дека во псоледни неколку години главни buzzwords во ИТ се вештачка интелигенција, blockchain технологија како основа за еднозначна определба на автентичност на дигитален податок како и Virtual Reality/Augmented Reality. ИНС како компанија има посебна експертиза во последниот дел кај што работиме на VR/AR решенија во последни 8 години и сме во припрема на бета верзија на VR платформа која што ја нудиме на сите пазари кај што сме присутни во моментов, како и развој на помали делови на користење на VR/AR во тековни проекти (на пр., во проектот за град Дубаи имаме модул со кој што со користење на VR инспекторите за проверка на валидност на предлог проектите можат да се “прошетаат” низ зградата пред да дадат одобрување за градба, или со употреба на AR можат да видат како ке изгледа зградата на некоја локација во градот пред да се изгради).