ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ I ДОРОТИ ПАЧКОВА: Ми велеа „сокриј се и ќути“, но јас проговорив и направив општествена промена

    Време зa читање: 7 минути

    Во време кога многу жени тивко ја носат тежината на самостојното родителство, Дороти Пачкова одлучи да не остане тивка. Од лична приказна за самохрана мајка, таа изгради движење што денес претставува симбол на достоинство, солидарност и системска промена. Со „Една може“ не само што ги отвори темите што со години беа табу, туку создаде конкретни модели на поддршка и методолошки решенија што направија вистински, опипливи поместувања во општеството.

    Во интервјуто за Пари разговаравме со Пачкова за женското лидерство, за цената и смислата на успехот, како и за системските промени што ги иницираше.

    Пачкова денес дејствува како основач и лидер на организацијата „Една може“, основач на мрежата „Јунајтедфем“ и иницијатор на социјално претприемнички и развојни модели насочени кон јакнење на жените и градење издржливи заедници. Нејзината работа ги поврзува личното искуство, академското знаење и практичниот активизам во системско застапување за родова еднаквост и подостоинствен живот на еднородителските семејства.

    По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, порталот Пари низ серија интервјуа ги претставува успешните и професионално реализирани жени, нивните кариерни патишта, предизвици и достигнувања со кои оставаат препознатлив, траен белег.

    ПАРИ: Во еден период од животот сте биле ставена во позиција да бирате дали ќе се повлечете во приватност или ќе ја претворите личната ранливост во јавна сила со градење на „Една може“. Кој беше моментот кога одлучивте дека Вашата приказна нема да биде само лична, туку колективна?

    ПАЧКОВА: Имаше момент кога сфатив дека мојата лична ранливост, предизвикот да бидам самохрана мајка, тогаш на едно, а сега на три деца, може да биде извор на сила и инспирација за други.

    Пред 13 години, кога ми велeа „сокриј се и ќути“, наместо да се повлечам во приватност, решив дека мојата приказна не треба да остане само моја. Напишав статија што ја откри реалноста на самохраноста и го поддржа моето ангажирање во „Цивил“, организација за човекови права и слободи, и тогаш го сруши порталот од посетеност.

    Со ова обелоденување, станав катализатор за колективна акција и ја формирав „Една може“. Денес, преку мрежата Јунајтедфем, и преку првото социјално претпријатие „Една прави“ со брендот Развојна академија за консалтинг, коучинг и развој на човекова извонредност, жените се поддржуваат и ги развиваат своите неограничени потенцијали, со свесно водство од моја страна.

    Женската солидарност ме водеше тогаш и ме води и денес, преку жив пример на заедница на жени со кои се поддржуваме во најтешки животни предизвици и славиме и најмали и најголеми победи. Битно ми е да се гради човеков капацитет што не жртвува приватност по цена на кариера или кариера по цена на приватност ‒ тоа е мојот фокус: развој на издржливи луѓе коишто свесно се развиваат на овие два клучни фронта: приватен и јавен.

    ПАРИ: Колку Вашата самохраност и животни предизвици како мајка влијаеле врз Вашето сфаќање за родова еднаквост, и како тие искуства денес ги користите во својата експертиза и застапништво?

    ПАЧКОВА: Јас сум магистер, социохуманистика ‒ родова експертка, и живите искуства како самохрана мајка ми дадоа длабоко разбирање за реалностите со кои се соочуваат многу жени, над теориите и академските рамки. Искусив лично и преку работа со над 10.000 жени, дека лидерството само за себе и не постои, туку се препородува со практикување, акции, дела и ресоздавање на себе и заедниците.

    Денес, овие искуства ги користам во три клучни области преку мојата мрежа Јунајтедфем и компанијата Развојна академија:

    1. Јакнење на поединки: подучување и советување за поддршка на жените да го реализираат својот неограничен потенцијал и да се зајакнат како поединки. Овој сегмент е фокусиран на директна работа со клиенти подготвени да се развиваат лично и професионално.
    2. Општествен придонес: застапување за родова еднаквост и унапредување на родовите јавни политики преку критичка академска леќа и директно учество во институционални процеси за интеграција на земјата во ЕУ. Овој сегмент ја отсликува мојата улога како експертка во создавање влијание на системско ниво, со акцент на унапредување на општеството.
    3. Глобална афирмација: претставување и промоција на најдобрите сегменти на нашата култура низ светот преку мојата културолошка мисија и соработка со колеги. Овој сегмент ја истакнува мојата улога како културна амбасадорка и жена што создава глобална видливост за нашата култура и гради мостови кон меѓународни партнери, притоа афирмирајќи солидарно и свесно граѓанско општество.

    Свесното човечко водство каде што луѓето се неприкосновен приоритет е клучно – над профитот и техничките структури.

    ПАРИ: „Една може“ денес е препознатлива како организација што направи големи промени во начинот на кој се гледаат проблемите на еднородителските семејства. Можете ли да го опишете овој процес на системски поместувања и што мислите дека беше најважниот фактор за тие промени навистина да станат опипливи?

    ПАЧКОВА: Создавањето на „Една може“ бараше постојан дијалог со заедницата, институциите и меѓународните организации. Најважниот фактор беше слушањето и градењето доверба ‒ системските промени стануваат опипливи кога се вклучуваат сите засегнати страни.

    Денес, визијата прерасна во мрежа на ГО „Јунајтедфем“, каде што организациите коишто работат за човекови права можат да се приклучат. Клучни се издржливоста, постојаниот развој и учењето од грешките, и да не заборавиме да ги сакаме луѓето и покрај гневот, болката или неправдата што општеството ја произведува.

     

    ПАРИ: Дали сметате дека жените лидери мораат да работат „двојно повеќе“ за да бидат сериозно сфатени? Дали и Вие сте го почувствувале тоа во сопствениот професионален пат?

    ПАЧКОВА: Секогаш постои чувство дека мораш да покажеш повеќе, подобро и посилно за да бидеш сфатена сериозно. Но, со текот на времето научив дека вистинската сила е во посветеноста, автентичноста и свесното лидерство ‒ да водиш со интегритет во комплексен и постојано променлив контекст.

    Моето искуство покажува дека кога жените се поддржуваат една со друга, можат да создадат промени без „двојно повеќе“ напор, туку како кога камче ќе фрлиш во вирче: механички, камчето создава концентрични бранови што се шират рамномерно од точката на контакт, влијаејќи врз сите коишто се во околината ‒ спонтано ширејќи доброст и корисно влијание, а секој има лична одговорност какви камчиња и во кои вирчиња ќе шири низ постоењето.

    ПАРИ: Која беше најтешката одлука што сте ја донеле како лидер, и што научивте од неа?

    ПАЧКОВА: Најтешката одлука беше да го трансформирам личното искуство на предизвик и ранливост во јавна мисија и да станам жив пример за трансформација, интелигенција, срцево водство и развој.

    Од тоа научив дека храброста, вистината, ранливоста и океанската љубов кон животот се клучни за вистински лидерски потези – со тоа не само што се менува животот на самата лидерка, туку и на многумина околу неа, ресоздавајќи го општественото милје.

    Кариерно, најтешката лидерска одлука беше да кажам „не“ на сè што не ми служи ‒ соработници, партнерства, краткотрајни проекти, позиции што не носат општествен придонес ‒ за да можам да „играм на големо“ и во приватниот и во професионалниот живот.

    Оваа реална човечка болка отвори врати за нови, подготвени личности што се подготвени за општествен придонес и развој на себе и заедниците.

    Денес се опкружувам со личности и институции, подготвени по патот на општествен придонес и развој на себе, на заедниците, на живеењето, а со тоа и на овој суров свет, за со заеднички сили и трансформација да го очовекуваме.

    Катерина Михајлова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично