ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ| Бислимоски: ЗА ПРВ ПАТ граѓаните што се луксузираат со струјата ќе плаќаат повисока цена, ќе се воведува скалеста тарифа

    Време зa читање: 10 минути

    ,,За прв пат во Македонија ќе се воведува скалесто плаќање на потрошената електрична енергија. Тоа ќе значи домаќинствата што трошат повеќе струја на пример, загреваат базени на струја, копаат биткоини, ќе плаќаат поскапа тарифа, оние што трошат малку струјата ќе ја платат по пониска цена. Регулаторната комисија за енергетика(РКЕ) веќе работи на анализа за воведување на блок тарифи, во опција ќе бидат две или три, но претходно ќе се спроведе широка јавна расправа во која ќе бидат вклучени експерти”, вели во интервју за порталот ,,Пари”, претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.

    Првиот човек на Регулаторна, посочува дека 1 процент од домаќинствата трошат дури 20 проценти од вкупната потрошувачка на електрична енергија од домашно производство. Воведувањето на блок тарифи е неопходно за да се добие фер цена за сите, вели тој.

    Во интервјуто Бислимоски зборува и за крајот на грејната сезона за БЕГ, поплаките од граѓаните за високите сметки за струја, не очекува ли ново поскапување на парното и струјата поради се повисоките берзански цени на енергијата.

    Пари: Имаме еден сериозно турбулентен период на енергетски план, цените не престануваат да одат нагоре на светските берзи и следствено кај нас. Може да ја опишете моменталната состојба на енергетскиот пазар во светот и кај нас, но и дали постои ризик да останеме без електрична енергија,  гас, горива?

    Бислимоски: Значи турбулентниот период за жал се уште трае и сите берзи се осетливи на настаните особено во Европа и во текот на денот се случуваат сериозни пореметување на цените на нафтените деривати, на електричната енергија и на природниот гас. Во однос на обезбедувањето на електрична енергија критичниот период помина, грејната сезона заврши,  немаше никакви рестрикции кај граѓаните како што имаше најави од одредени наводни експерти, и во тој дел државата има обезбедено електрична енергија, стабилност во снабдувањето со електрична енергија, но за жал се уште и на европските берзи и на регионалната берза која што е рефернтна за нас како купец се уште се високи и во овој момент изнесуваат околу 240 евра за мегават час како споредба во 2021-ва цената на електричната енергија беше негде помеѓу 50 и 60 евра за мегават час. Во однос на снабдувањето со природен гас ние сме земја која што 100 процентно е зависна од рускиот природен гас и доколку настанат било какви несакани активности дали ќе бидат тоа санкции од Европската Унија или пак Русија ќе ја прекине испораката ние како држава ќе бидеме соочени со сериозни проблеми бидејќи дел од компаниите кои што го користат природниот гас нема да може да употребат друго алтернативно гориво, а има и компании кои што природниот гас може да го заменат со мазут, но да веруваме дека нема да се случи вакво сценарија на рекин на испораката на природниот гас.

    Пари: На 15 април завршува грејната сезона власта го презеде управувањето над БЕГ за да ги покрие потребите за парно греење, што следува сега понатаму, дали ќе се врати управувањето сега на БЕГ и колку ја чинеше државата овој потег?

    Бислимоски: Имавме исклучително тешка грејна сезона пред се поради високите цени на природниот гас. Државата го превзема најголемиот дел од товарот и во месец јануари со цел да ја стабилизира ситуацијата преку ЕСМ даде позајмица од 6 милиони евра кои што понатаму треба да бидат вратени на ЕСМ од страна на компанијата БЕГ производство. Исто така, државата директно ќе ги субвенционира потрошувачите поради последното зголемување кон крајот на месец  јануари и за тоа државата негде ќе потроши до крајот на годината околу 3,5 милиони евра и тоа веќе се гледа на сметките на граѓаните јасно истакнат дел дека дел од сметката за електрична енергија е покриен од страна на Владата. Така да тие се тие средства кои се потрошени исклучиво кај потрошувачите и по завршувањето на грејната сезона која што може да заврши помеѓу 15 април и 30 април во зависност од временските услови ќе се направи уште еднаш тоа треба ЕСМ да го направи Владата да се види во каква е состојбата  БЕГ производство така да ќе се преземат понатаму соодветни мерки.

    Пари: Дел од потрошувачите на електрична енергија се пожалија на премногу високи сметки за струја по поскапувањето, пристигнати ли се веќе претставки до РКЕ и дали имате донесено одлука по некоја?

    Бислимоски: До Регулаторната комисија за енергетика  пристигнати се помеѓу 70 и 80 претставки од граѓаните го следиме овој случај и тоа е пред се поради тоа што се вршело порамнување на потрошувачката на електрична енергија. Од тие причини уште еднаш апелираме до граѓаните да можат да си направат самоотчитување значи воведовме многу фер принцип секој граѓанин да ја прочита  состојбата на своето броило и веднаш таа состојба да ја достави до ЕВН. ЕВН е должен да ја корегира сметката со состојбата која што му ја дал граѓанинот. Така да ова  најдобар начин да се решат овие проблеми.

    Пари: Во годишните извештаи на РКЕ најголем дел од претставките се однесуваат на електричната енергија зошто е тоа така и на што се жалат најмногу граѓаните?

    Бислимоски: Најголем дел од претставките се однесуваат пред се на трошоците за приклучување кон дистрибутивната мрежа. И тоа во најголем дел е поради тоа што има општини во државата кои што немаат донесено Детални урбанистички планови и поради тоа овие потрошувачи, баратели за приклучување добиваат нестандарден приклучок кој што е далеку повисок отколку трошокот за приклучок на стандарден. Стандардниот приклучок изнесува 370 евра, до 2019 беше 500 евра сега е 370 евра, а нестандардниот во овие случаеви најчесто изнесува над 2.000 евра и поради тоа најголемиот дел од претставките и жалбите кои што се доставуваат до Регулаторната комисија за енергетика се  однесува на трошоците за приклучување. Исто така, имаме претставки кои се однесуваат на фактурираната електрична енергија односно за потрошената електрична енергија и поради тоа и од Електродистрибуција како компанија што го врши читањето сме побарале повеќе пати да имаат редовно отчитување, но и го воведовме механизмот на самотчитување со една единствена цел потрошувачите да можат да ја видат својата потрошувачка и веднаш да ја достават до Електродистрибуција и до ЕВН и ЕВН е должен врз основа на оваа отчитана состојба од граѓанинот веднаш да ја корегира  својата фактура.

     Пари: Иако постојано се потенцира поддршката за обновливите извори на енергија граѓаните се жалат дека инсталирање на фотонапонски панели со моќност до 4 кwh за сопствени потреби е премалку и бараат да се зголеми границата, кој е вашиот став и дали се работи на некои измени?

    Бислимоски: Ова прашање е прашање кое што се однесува на Владата односно Министерството за економија бидејќи овој Правилник за обновливи извори го носи Министерството за економија и апсолутно Регулаторната комисија за енергетика поддржува да се зголеми инсталираниот капацитет кај домаќинствата од 4 киловат часови на 6 киловати и дополнително да се овозможи порамнувањето не само со снабдувачите на слободниот пазар туку да се прави и со универзалниот снабдувач ЕВН Хоме.

    Пари: Изјавивте дека 1% од домаќинствата трошат 20% од електричната енергија што ја произведува ЕСМ кои се тие и се подготвуваат ли измени во тој дел со оглед на намалување на домашното производство на струја од година в година?

    Бислимоски: За жал ние во државата ја имаме таа ситуација од разно разни причини дали е тоа за греење дали е за други потреби греење на базени, копање на биткоини или слично, имаме 1% од домаќинствата кои користат 20 % од вкупната потрошувачка на домаќинствата. И во овој момент Регулаторната комисија за енергетика работи на воведување на блок тарифи на потрошувачка кај домаќинствата со што ќе им испратиме сигнал тие што имаат енормна потрошувачка апсолутно да плаќаат највисока цена. На тој начин тие ќе бидат принудени да инвестираат во поенергетски ефикасни начини на нивното греење. Притоа особено сакам да потенцирам дека при воведувањето на овие блокови ќе има широка јавна расправа, ќе вклучиме експерти од Електро техничкиот и од Машинскиот факултет и притоа ќе водиме сметка за домаќинствата кои што немаат други начини на греење освен со електрична енергија. И поради тоа со два блока може ќе има и три блока со цел и овие домаќинства да не бидат погодени од воведувањето на блоковската тарифа.

    Пари: До каде е решението за проблемот со диво приклучените на мрежа копачи на биткоини, имате ли сознанија каде ги има најмногу и како ќе се реши овој проблем?

    Бислимоски: Регулаторната комисија за енергетика го воочи овој проблем уште пред една година и затоа е во постојана комуникација со операторот на дистрибутивната мрежа Електродистрибуција и најдобро би било Електродистрибуција да дадат конкретна информација бидејќи Регулаторната комисија за енергетика ги нема на увид.

    Пари: Цените на електричната енергија и гасот си го направија своето. Наскоро и компаниите ќе достават свои пресметки. Дали сега би можеле да кажеме дека поскапување и на струјата и на парното ќе биде извесно?

    Бислимоски: Премногу е рано да кажеме бидејќи се уште ги немаме добиено конечните пресметки и во делот на електричната енергија треба да се знае дека ЕСМ обезбедуваше електрична енергија по цена од 41 евро за мегават час така да сите механизми кои што и стојат на располагње на Регулаторната комисија за енергетика вклучувајќи го воведувањето на блок тарифите ќе бидат во насока да немаме никакви ценовни шокови.

    Пари: Цената на нафтата не престанува да дивее, а со тоа и цените на горивата кај нас. Дел од бензинските ја искористија оваа ситуација, дали регулаторите добија некоја претставка од граѓани или поведовте постапка против трговците?

    Бислимоски: Регулаторната комисија за енергетика согласно Законот за енергетика за жал нема надлежност да поднесе директно постапка против некои трговци кои што неколку дена ја злоупотребија својата позиција туку затоа го извести Државниот пазарен инспекторат кој што тие неколку критични деноа презеде соодветни мерки по што апсолутно имаме стабилизирање на ситуацијата и нема по бензинските станици. Инаку во тој период имаше пред се шпекулации дека Македонија нема доволно нафтени деривати што апсолутно се покажа како неточно и во наредните денови сме немале никакви проблеми како држава во однос на обезбедувањето на нафтените деривати. И уште еднаш ја користам оваа прилика и бараме да се смени  Законот за енергетика соцел да ни се дадат надлежности не преку Државниот пазарен инспекторат туку директно да изрекуваме казни.

    Пари: Наскоро треба да го објавите годишниот извештај за 2021-ва година, кои се главните заклучоци за енергетската 2021-ва година?

    Бислимоски: Основен заклучок е дека имаме значително зголемување на цените на електричната енергија и на природниот гас на слободниот пазар што доведоа и да имаме зголемување на цените за пренос и за дистрибуција на електрична енергија. Доколку набавката на загубите на електрична енергија во првата половина на 2021 изнесувала околу 55 евра ма мегават час во преостанатиот дел на годината набавката е околу во некои месеци и по 270-280 евра за мегават час. Значи еден е заклучокот дека имаме драстично зголемување на цените на електричната енергија на слободниот пазар.

    Пари: Кога цените на електричната енергија растат се покажа дека трговците со струја не сакаат да водат неисплатлив бизнис. Каква е ситуацијата во моментов и што се случи со лиценцата на У Повер, компанијата чиј сопственик ве нападна?

    Бислимоски: По нашите јавни настапи во изминатиот период апсолутно ја стабилизиравме ситуацијата и сите трговци и снабдувачи со електрична енергија сфатија дека мора да работат согласно правилата за снабдување со електрична енергија. Инаку, според тие информација со кои што располагам јас од страна на операторот на пазарот на електрична енергија овој пазарен учесник (У Повер) е суспендиран од пазарот на електрична енергија.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично