ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ I АНА СПАСОВСКА: Диригирањето не е само перформанс – тоа е одговорност кон секој член во оркестарот

    Време зa читање: 7 минути

    Ана Спасовска е најмладата активна македонска диригентка и една од ретките жени од регионот што уверено гради меѓународна кариера на светските сцени. Во моментов е на постдипломски студии на престижниот универзитет Рајс во САД, под менторство на маестро Мигел Харт-Бедоја, како прва жена диригентка примена од постоењето на Факултетот за музичка уметност на овој универзитет.

    Во досегашната кариера настапувала со врвни уметници како Иво Погорелич, Симон Трпчески, Ана и Игор Дурловски, Кирил Трусов, а дел е и од менторската програма на легендарната Марин Алсоп. Регуларен гостин асистент-диригент е на Симфонискиот оркестар на Радио Франција во Париз, на покана од Кристијан Мачелару, а на домашната сцена е препознатлива по концертите со оркестарот АЈГА, со кој диригира од неговото основање.

    Во интервјуто за Пари разговаравме со Спасовска за женското лидерство во класичната музика, за одговорноста да се застане пред оркестар од шеесетина музичари и за патот од виолината до диригентската палка.

    По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, порталот Пари низ серија интервјуа ги претставува успешните и професионално реализирани жени, нивните кариерни патишта, предизвици и достигнувања со кои оставаат препознатлив, траен белег.

    ПАРИ: По повод 8 Март, кога зборуваме за жени што ги менуваат границите, диригирањето е една од најретките професии што ја избираат жените. Дали некогаш сте почувствувале дека самото тоа што стоите пред оркестар е тивка форма на општествена промена?

    СПАСОВСКА: Би сакала да започнам со тоа дека граница не постои, сè додека самите не си ја поставиме.

    За жал, во минатото било речиси невозможно жена да застане зад диригентскиот пулт и последиците сè уште ги чувствуваме, со самиот факт дека во 2026 година, само 10 насто од музичките директори на најголемите оркестри во светот се жени.

    Кога ја одбрав професијата, не мислев на ова во ниту еден момент, бидејќи сакам да го правам тоа во коешто сметам дека можам да го извадам најдобро од себе, со надеж дека трудот на крајот ќе биде препознаен и награден, а на тој начин ќе се отвори патот на многу други генерации коишто ја негуваат истата љубов кон музиката.

    ПАРИ: Што значи за Вас да водите оркестар од над 60 музичари, дали диригирањето е исклучиво музичка интерпретација или и чин на лидерство што носи психолошка, емоционална и симболична одговорност?

    СПАСОВСКА: Многу често го слушам ова прашање од мои блиски и сакам да посочам дека диригирањето не е само физичкиот дел и перформансот на сцена што сите го гледаат.

    Всушност, тоа е најлесниот дел од професијата и делот во којшто ние, диригентите, уживаме.

    Сепак, дел од нашиот живот станува многу покомплициран во моментот кога сме одговорни за секој член во оркестарот.

    Од аспект на соодветно и најефикасно планирање проби, наоѓање соодветен нотен материјал (бележење и проверка на секој штим поединечно), наидување на различни карактери во оркестарот, различни култури, наоѓање заеднички јазик и, најважно од сè, градење на авторитетот во очите на оркестарот ‒ составен од значително повозрасни уметници, кои со години ја вршат истата функција и наидуваат на екстремно различни диригенти.

    ПАРИ: Вашиот музички пат започнува со виолината. Кој беше моментот кога почувствувавте дека сакате да го слушате целиот оркестар, а не само да бидете од позиција на инструменталист што е дел од музичката целина?

    СПАСОВСКА: Мојот музички пат започна со виолината, меѓутоа уште од моите почетоци бев заинтересирана многу подлабоко во струката. На 9 години почнав да се натпреварувам во сите теоретски категории, бев член на повеќе хорови, мандолински оркестар, а исто така, многу време посветував и на странски јазици. Во средно училиште почнав да свирам во симфониски и камерен оркестар, почнав редовно да посетувам проби на Македонската Филхармонија, и така сè полесно согледував дека, всушност, сакам да бидам диригент ‒ знаејќи за одговорноста на која треба да одговорам. Сепак, сакам да нагласам дека сè уште свирам виолина, и сметам дека тоа е еден од клучните фактори за мојот успех во диригирањето. Часовите поминати во чистење интонација, трпението што со години го градев додека вежбав технички тешки места..

    Способноста да се препознаат гласовите и погрешните работи во голем оркестар, музичкиот вкус и фразирање сметам дека можат да се стекнат само на тој начин, не постои скратен пат.

    Во моментов, факултетот на којшто студирам ми овозможува да изучувам кларинет и труба во текот на оваа година, како и ударни инструменти и соло пеење во текот на наредната, под менторство на извонредни професори.

    Исто така, би го напоменала и еден од моите омилени часови ‒ часот по Оркестарски делници со професорот Дејвид Чен – концерт-мајсторот на Метрополитен Опера.

    Многу сум благодарна за можноста да ги посетувам сите овие часови, знаејќи колку сето ова ми помага во мојата работа како диригент.

    ПАРИ: Присуството и учеството на светски сцени, во соработка со врвни оркестри и диригенти со меѓународен углед, носи специфична тежина. Како се гради внатрешната стабилност во такви средини?

    СПАСОВСКА: Една од работите што секогаш ги кажувам и убедена сум во ова, е дека независно дали ќе диригирам со мал аматерски ансамбл или со светски познат оркестар т.е. диригент, моето ниво на подготовка и познавање на материјалот што го диригирам е исто.

    Мотото што го следам е дека правам музика затоа што тоа ме прави среќна. Го ценам бескрајно секој момент кога сум на сцената, не се срамам да згрешам, не се трудам да избегам од реалноста, ги прифаќам своите недостатоци и работам на тоа секоја наредна појава да е подобра.

    Кога се споменуваат диригенти и оркестри со меѓународен углед, моето искуство е дека овие луѓе се прескромни и полни со разбирање, инспиративни и исклучително одговорни кон својата работа. Односот кон младите диригенти што се издвојуваат не им е надмен, туку имаат почит како кон колегите на нивна возраст.

    ПАРИ: Како ја позиционирате следната фаза од Вашата кариера ‒ кои меѓународни сцени, оркестри или менторства се во фокус, кои се проектите и соработките што во моментов најмногу Ве предизвикуваат и инспирираат?

    СПАСОВСКА: Во моментов сум пред крај на првата половина од моите магистерски студии во САД, на универзитетот Рајс, под менторство на мојот професор – Мигел Харт-Бедоја.

    Следуваат два концерти во март и април со Симфонискиот Оркестар на Shepherd School of Music, како и подготовка на операта Фалстаф од Џ. Верди.

    Надвор од студентските должности, на мое задоволство, поканета сум како асистент-диригент на Кристијан Мачелару во Париз, на концертите во март и април.

    Кон крајот на април гостувам во Мајами.

    Дел сум од четири одбрани стипендисти на New World Symphony, на мастеркласот на Маестро Стефан Денев.

    По завршување на сите концертни активности во САД, се враќам назад во Македонија, каде со нетрпение ја очекувам работата со мојот оркестар АЈГА, и извонредните солисти Ана и Игор Дурловски, овојпат во рамки на фестивалот Охридско Лето.

    Работам напорно и се трудам да го дадам тоа што најмногу се бара од мене во моментот. Инспирирана сум и со нетрпение ги чекам сите наредни концерти.

    Катерина Михајлова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично