ПОВЕЌЕ

    ИНДУСТРИЈАТА НА ЖАБРИ, а дополнително ги губи и работниците

    Време зa читање: 3 минути

    Повторен пад е забележан во индустриското производство во ноември 2024 година, и во однос на ноември 2023 година е намалено за 3,5%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Падот на прометот во индустријата е многу негативен показател.

    Се намалува и бројот на работниците во индустријата во ноември 2024 година, во однос на ноември лани, е помал за четири отсто. Во периодот јануари – ноември 2024 година, пак, во споредба со истиот период од 2023, бележи раст од 0,1 процент, соопшти ДЗС.

    Бројот на работници, во секторот преработувачка индустрија е намален за  4,7 отсто. Најголемо намалување на бројот на работници има во тутунската индустрија од 16,4 отсто, како и во текстилната и кожарската индустрија, каде што бројот на работници во компаниите за производство на облека е намален за 15,2 отсто, во фирмите за производство на текстил за 8,5 отсто, а во кожарската индустрија бројот на вработени е намален за 11,7 отсто.

    Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, посочува дека состојбите во индустријата во Македонија треба да имаат централно место во анализите и политиките, бидејќи на овој степен на развој, на кој се наоѓаме, индустријата сѐ уште треба да биде главна движечка сила на извозот и економскиот раст.

    – На долг рок, падот на вработените во индустријата е резултат на големиот расчекор помеѓу понудата и побарувачката на работна сила. На пазарот на трудот се нудат образовни профили што не се потребни во стопанството, а индустријата бара работници што не може да ги најде на пазарот – објаснува Димитров.

    Според анализите на Димитров, во текстилниот сектор скоро за 15% е намален бројот на работници во текот на оваа година. Тој посочува дека во изминатите 15 години ова е најголемиот пад на вработени во овој сектор.

    -Причината за сегашниот голем пад во текстилната индустрија е што кризата во Германија се рефлектира врз работата на македонските текстилни компании, кои традиционално се поврзани со овој пазар и со нарачките од партнерите. Излезот од кризата тој го гледа во крајот на војната во Украина и враќање на оптимизмот на германската економија – вели Димитров.

    За генералниот долгорочен проблем на недостигот на стручна работна сила во индустријата, Димитров споменува дека тешко ќе може недостигот на работници да се компензира со подобра технолошка опременост на компаниите, особено во дејности каде и нема технологија која е напредната, односно нема новини во технологијата.

    – Неопходно е да се насочуваат младите да изучуваат стручни училишта, да се насочуваат кон дејностите каде има недостиг, кариерно насочување од најрана возраст. Не треба да се запишуваат на било какви студии, туку да се насочат кон области каде има потреба од специјализиран кадар, за да се стекнат со некакви предзнаења.

    К.М.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично