Недостиг од квалификувана работна сила, ниско ниво на образование и обука, корупција и непредвидливо бизнис опкружување – се главни пречки за водење бизнис во земјава, сметаат холандските компании што работат во Македонија. Во последната анкета со 5,7, на скалата од еден до 10, ја оцениле бизнис климата. Тоа претставува извесен шестпроцентен напредок со споредба со претходното испитување на нивното мислење од 2022 година.
Меѓу поволностите, кои претставуваат клучни фактори во утврдуање на намерата за проширување на бизнисот, посочени се ниските оперативни трошоци, владината поддршка, растечката побарувачка за нивните производи, но и леснотијата на водењето бизнис. А, 75 отсто од испитаниците сметаат дека достапноста на дигитални јавни услуги е многу важна за нивното ефикасно работење и намалување на трошоците. Резултатите од анкетата спроведена годинава меѓу претставниците холандските компании, се презентирани од холандската амбасадорка Узлем Џанел.
Амбасадорката Џанел ја нагласила важноста на претприемачите како суштинска движечка сила за иновации, напредок и општествени промени. „Денеска“, рекла таа, „се слави претприемачкиот дух кој е многу повеќе од отворање еден бизнис“. Претприемништвото, според неа, подразбира и издржливост, визија и храброст кои водат кон нови можности и раст.
„Скоро сите холандски компании кои работат во земјава се активни на полето на корпоративно општествената одговорност, со главен фокус на заштита на животната средина, безбедност при работата и политики за добросостојба на вработените“, велат од Холандската амбасада.
Резултатите од анкетата се претставени на настанот со кој се одбележал Денот на холандскиот претприемач, а во присуство на претставници од владините институции, од економските комори, од холандскиот бизнис сектор и од бизнис асоцијациите.