Општина Илинден се позиционира како едно од најсилните индустриски јадра во Македонија. На просторот што опфаќа 11 села со центар во истоимената населба, свое место имаат потврдени домашни брендови и глобални компании. Тука се лоцирани одделни важни индустриско-стопански објекти, како и скопските технолошки индустриски развојни зони. Локацијата е стратешка: на крстосницата на коридорите 8 и 10, со директен излез на автопатот Е-75, во близина на Меѓународниот аеродром „Скопје“, и е атрактивна за инвеститорите.
Атрактивна е и за живеење. Барем така велат бројките, кои го ставаат Илинден во редот на малубројните општини, каде што помеѓу две пописни операции населението е зголемено.
Што се однесува до деловниот живот, за него говорат податоците од Бизнис Мрежа, искористени за оваа анализа на Пари. Опфатени се по десет компании со најдобри резултати прикажани во сегментите приход, добивка и број на вработени. Всушност, станува збор за 18 компании, од кои седум се во ТИРЗ.
СИЛНИ СЕ И КОГА ПРОМЕТОТ ПАЃА
Најголемите компании со адреса во оваа општина, со своите разновидни дејности оствариле приход од 3,47 милијарди евра. Износот, кој во споредба со 2023 година е понизок за 13,25 насто, се однесува на топ 10 компаниите со најголеми приливи. Намалувањето е рефлексија на падот забележан кај три од нив. Но, и покрај тоа, рангирани се на првите четири позиции.
Производителот на автобуси Ван Хоол, за една година загубил повеќе од половина од приходите (‒ 51,22 %), кои од близу 247 милиони во 2023 година, лани паднале до 120,4 милиони евра. Кај добавувачот на автомобилски делови ‒ Џонсон Мети, обртот се намалил за 500 милиони евра, но и покрај тоа е единствената компанија чиј приход е изразен во милијарди евра (1,9). Најмал минус (‒ 10,09 %) е забележан надвор од ТИРЗ, во Миладиновци кај Окта. Сепак, редоследот во горниот дел од табелата е: прв Џонсон Мети, втора Окта, четврт ВДЛ Ван Хоол.
Меѓу овие странски инвестиции, на третата позиција е домашниот КАМ, со приход од 301,7 милиони евра и со годишен раст од над 12 насто. Тоа е очекувано затоа што низ земјава има 85 КАМ маркети коишто често се првиот избор на потрошувачите.
Петторангиран, но без конкуренција со раст на приходот од речиси 2.450 насто е германскиот Кромберг & Шуберт. Прометот достигнал 114 милиони евра, иако претходната година бил на многу пониско ниво, 4,5 милиони евра.
Извор: Бизнис Мрежа
ПРИХОДОТ НЕ ЗНАЧИ СЕКОГАШ И ПРОФИТ
Високот приход не е единствениот пат до профитот. Тоа уште еднаш се потврдува и со примерите од Илинден. Седум од десетте најпрофитабилни не се застапени на претходната листа.
Но, најдобрите ги има. Џонсон Мети повторно е на првото место со 63,3 милиони евра. Падот од 17 насто не можел да фрли сенка, затоа што овој износ е многу пред останатите.
Со добивката од 6,9 милиони евра, следи КАМ, а Окта е на седмата позиција, со остварените 3,5 милиони евра.
Германскиот производител на медицинска пластика ‒ Гересхајмер е третопозициониран, со профит од 5,7 милиони евра. Значајно е што компанијата се извлекла од негативата (‒ 3,2 милиони евра) во која западнала во 2023 година. Таков успех бил постигнат и во АРЦ Аутомотив, каде што загубата од 1,9 милиони евра (2023 г.) лани се трансформирала во добивка од 4,7 милиони евра.
Аптив Сервисес Македонија во овој дел се истакнува со раст на добивката од 291 насто. Тоа овозможило профитот, кој преклани се броел во илјади евра, лани да биде изразен во милионски износ.
Вкупниот резултат на десетте најпрофитни е 103,3 милиони евра. Годишната разлика не е голема, односно станува збор за намалување од 1,24 насто.
Извор: Бизнис Мрежа
АРМИЈА ОД ВРАБОТЕНИ
Можеби најсилниот сигнал за развојот што се одвива во Општина Илинден доаѓа од бројките за човечкиот капитал. Минатата година, само кај десетте најголеми работодавачи биле вработени 9.634 лица. Обемот на активностите ја зголемил потребата од кадар за 6,18 насто.
Најголем работодавач останува Кромберг & Шуберт, каде што се пополнети 2.773 работни места. Повеќе од илјада вработени има во Ван Хоол (1.453) и во КАМ (1.400).
Намалување има само во тимот на Пекабеско (‒ 3,54 %), а во три компании нема промени ‒ ТАВ Македонија (808), Кемет Електроникс (485) и АРЦ Аутомотив (428).
Извор: Бизнис Мрежа
Со воспоставениот баланс меѓу глобалните гиганти и силните локални брендови, Илинден е своевиден патоказ за тоа како бизнис-средината може да обезбеди економска сила и социјална стабилност.
Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска