Пазарна капитализација од 231.354.679.050 денари или 3,76 милијарди евра, промет од 4.617.690.497 денари (75 милиони евра), 11.978 реализирани трансакции и МБИ10 со вредност 6.116 е билансот од функционирањето на Македонска берза во текот на минатата година. Во која има и подеми и падови, нотирани во годишната берзанска статистика.
Минуси, во споредба со 2022 година, се забележани кај прометот за 37,97 и кај бројот на трансакциите – за 30,66 отсто. Пазарната капитализација е во пораст со 7,97, а МБИ10 со 8,21 процент.
Во 2022 основниот берзански индекс изнесувал 5.652,33. Лани, пак, минималната забележана вредност била 5.606,15, додека максималната е веќе посочената – 6.116,23.
Тргувањето во изминатите 12 месеци е под остварувањата во годината пред тоа. Класичното тргување е заокружено со пад кај прометот од 37,61 отсто и со износ од 2.890.397.724 денари (речиси 47 милиони евра). За споредба, во 2022 се забележани 4.632.839.043 денари (75,3 милиони евра).
За 30,46 проценти е намален и број на трансакции во класично тргување. Од 17.107 во 2022 на 11.896 лани.
Во структурата на прометот со 61,38 проценти доминантни се остварувањата на официјалниот пазар (2.834.204.473 денари/46.040.594 евра преку 11.731 трансакција). Уделот на блок трансакциите е 37,41 отсто (1.727.292.773 денари/28.066.355 евра и 82 трансакции), додека редовниот пазар партиципира со 1,22 проценти (56.193.251 денар/912.966 евра и 165 трансакции). Оттаму и вкупниот износ од 4.617.690.497 денари/75.019.915 евра постигнат низ 11.978 трансакции.
Април бил најдобриот месец на Берзата, со прометно салдо од близу 15,9 милиони евра, кое во годишната структура придонесува со 21,16 проценти. За успешен може да се смета и септември – со промет од речиси 9,4 милиони евра.
Убедливо најслаби се резултатите во август, кога прометот бил 3,17 милиони евра, кои во структурата учествуваат со ниски 4,22 отсто. Слична е состојбата забележана и во јануари и во јули.
Причините за ваквите движења, воопшто во целата 2023 година, секако дека не се во разликата од два работни дена (лани се тргувало во текот на 244, а преклани на 246 денови), туку се многу посуштински и се лоцираат во повеќе домашни и надворешни влијанија и состојби – војна, инфлаторни движења, каматни стапки, реални закани за рецесија, нема нови учесници на пазарот, странските инвеститори се малубројни…
М.А.