Лондон веројатно ќе се придружи на растечкиот список на градови во светот кои се сметаат за туристички атракции, а кои планираат наметнување туристички данок на посетителите кои ноќеваат, по сигналите од градоначалникот Садик Кан и растечката поддршка од локалните совети. Овој потег, кој би можел да собере до 240 милиони фунти годишно, се смета за клучен чекор во делегирањето на повеќе фискални овластувања на главниот град, а воедно да се справи со единствената инфраструктура и економските потреби на градот.
Прекумерниот туризам стана еден од најголемите предизвици на урбаната политика во Европа. Без разлика дали преку повисоки хотелски давачки, влезници или сложени регионални даночни системи, градовите бараат алатки што ќе ги ублажат локалните притисоци и ќе ги зачуваат економските придобивки од глобалното патување. Најпосетуваните градови како Барселона, Венеција, Амстердам или островите како Канарските, Ибица, Санторини – низ целиот континент експериментираат со даноци, влезници и давачки наменети за ограничување на толпите и финансирање на растечките трошоци за туризам. Сепак, како што дебатата се шири, сликата што се појавува е далеку од униформна. Некои влади продолжуваат со нови давачки, други се борат да ги спроведат, а неколку се соочуваат со растечки критики за тоа дали овие мерки навистина функционираат.
ЌЕ ВОВЕДЕ ЛИ ЛОНДОН ДОПОЛНИТЕЛНА ТУРИСТИЧКА ТАКСА?
Како чекор во таа насока, се очекува централната власт да им даде на Лондон и на другите големи англиски градови овластување да воведуваат вакви даноци преку англискиот Закон за децентрализација и овластување на заедницата, кој моментално се разгледува во Парламентот. Според Би-Би-Си, градоначалникот на Лондон, Сер Садик Кан долго време се залага за овие овластувања, тврдејќи дека Лондон имал 89 милиони туристички ноќевања само во 2024 година и дека ваквата такса ќе има значителна корист од дополнителни приливи на приходи наменети за подобрување на туристичката инфраструктура на градот и целокупната деловна средина.
Моментално, Англија останува единствената земја од Г7 каде што националната влада ги блокира локалните власти од воведување туристички даноци. Но, за разлика од Лондон, Шкотска и Велс веќе направија исчекор во таа насока: шкотските градови како Единбург и Глазгов воведуваат процентни давачки, додека велшките општини ќе собираат 1,30 фунти по ноќ од 2026 година.
Во Европа, Париз и Милано имаат стапки базирани на локацијата и сместувањето, додека Њујорк и Торонто се одлучуваат за процентни давачки. Њујорк, на пример, собира 645 милиони долари годишно од просечна такса за ноќевање од 20 долари по посетител, според тинк-тенкот „Центар за градови“.
Најголемиот притисок за справување со прекумерниот туризам со воведување такси за посета или престој е највидлив во Јужна Европа, каде што е и најголемиот притисок на туристичките гужви врз кревките урбани центри Карактеристичен пример е таксата за влез од 5 евра за еднодневни излетници во Венеција, која е предмет на глобално внимание откако беше воведена, е можеби најкарактеристичниот пример.
Иако беше воведена такса од 5 евра за еднодневни излети во Венеција, постојат значителни критики за нејзината ефикасност. Според извештаите, таксата „немала никакво влијание“ врз намалувањето на бројот на посетители – во некои случаи, нивото на посетители останало високо дури и во деновите на оданочување.
Некои критичари тврдат дека таксата е повеќе симболична отколку вистинско решение, особено без силно спроведување или комплементарни политики. Нивоата на посетители останаа тврдоглаво високи дури и во деновите кога таксата беше на сила, поставувајќи прашања дали симболичното оданочување е доволно за да се заштитат местата чиј капацитет е одамна надминат.
ТУРИСТИЧКИТЕ ТАКСИ – КОНТРОВЕРЗНО РЕШЕНИЕ
Ниту во Барселона, која има еден од највисоките даноци за сместување во Европа, воведувањето дополнителни давачки за туристите не оди мазно. Големо зголемување на регионалниот туристички данок на Каталонија првично беше најавено за 2025 година, но оттогаш е одложено. Наместо да го наметне преку владин декрет, регионалната администрација одлучи да ја проследи мерката низ парламентот, забавувајќи го процесот. Дебатата сега се потпира на пошироки социјални прашања, особено на врската помеѓу туризмот и притисокот врз домувањето во централните области на Барселона.
На други места во Шпанија, како Канарските и Балеарските Острови продолжуваат да се истражуваат построги туристички даноци. Последниве години домашното население протестираше укажувајќи на преоптоварената инфраструктура, организирајќи антитуристички протести, иако сè уште не е имплементиран нов сеопфатен систем. И градовите како Малага и Валенсија, исто така, размислуваат за слични чекори.
Познат е и примерот на холандската туристичка Мека – Амстердам во кој група жители го тужат градот – со барање да го ограничат туризмот. Според тужбата, масовниот туризам го еродира локалниот карактер, ги дислоцира локалните бизниси и ги трансформира населбите. Сепак, постои перцепција дека бараното зголемување на данокот за сместување (на ~12,5%) е многу високо, што некои критичари тврдат дека би можело да им наштети на патниците со ограничен буџет или да ја промени туристичката динамика на Амстердам.
Во Норвешка, каде е воведен туристички данок, тој е опционален за општините, а некои критичари тврдат дека тој е насочен само кон посетителите кои престојуваат преку ноќ – не кон еднодневните излетници, туристите на крстарења или туристите со камп-комбиња, кои во некои жаришта можат да предизвикаат ист (или поголем) притисок. Првично предложените 5% беа намалени на 3% по ноќ.
Некои во норвешката туристичка индустрија велат дека тоа може да му наштети на домашниот туризам или неправедно да ги казни одредени видови туристи.
Аналитика








