ПОВЕЌЕ

    И корист за државата и посебен економски однос со Унгарија – Заемот од 500 милиони евра на брза лента  

    Време зa читање: 3 минути

    Со закон од шест члена и текст на десет страници, кои пратениците треба да го изгласаат во скратена постапка, власта ќе ја задолжи државата со 500 милиони евра кај Унгарската експорт-импорт банка, која е приватно друштво со ограничена одговорност.

    Условите под кои се доделува заемот се веќе познати. Парите ќе бидат по повлечени во една транша, каматната стапка е утврдена на фиксни 3,25 проценти. Државата има рок од 15 години да го врати кредитот, со вклучен тригодишен грејс период. Отплатата е поделена на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година.

    За неповлечените средства Македонија ќе и плаќа на банката дневна провизија од 0,5 проценти.

    „Провизијата за неповлечени средства ќе се пресметува на дневна основа на неповлечениот дел од заемот, пресметано од датумот на достапност на средствата и ќе се плати првиот работен ден по завршување на периодот на достапност“.

    Има и плус провизија.

    „Дополнително, Република Северна Македонија ќе ѝ плати провизија за извршени правни услуги на независна фирма избрана од страна на Унгарската експорт-импорт банка Приватно друштво со ограничена одговорност. Провизијата за извршени правни услуги ќе се плати пред повлекување на траншата“, пишува во предлог законот.

    Во образецот за проценка на „фискалните импликации на предлог прописите и општите акти доставени до Владата на РСМ за нивно усвјување“, кој е поместен на последните страници од предложеното законско решение, наведени се конкретни бројки. Кај делот за фискалните импликации (точка А) се запишани вкупните трошоци пресметани за четири години. За 2024 е предвиден трошок од 23.056.000 денари (околу 375 илјади евра). Во 2025 – 757.859.000 денари (12,3 милиони евра). Исти износи од 1.013.255.000 денари или по 16,5 милиони евра се како трошок наведени за 2026 и 2027 година.

    Придобивките што ќе произлезат од предложените решенија се, како прво наведено –  унапредување на постојната и воспоставување посебна економска соработка со Унгарија, што се посочува и како цел. И второ, кое воедно се посочува како основно начело – средствата од заемот ќе се користат за буџетско и за финансирање на општи цели.

    Предлагачот, односно Министерството за финансии, цени: „Република Северна Македонија има можност под исклучително поволни услови да обезбеди средства за буџетско финансирање и финансирање на општи цели во согласност со важечките закони, со воспоставување на посебна економска соработка со Унгарија“.

    Договорот за заемот ќе го потпише министерката за финансии, а потоа една половина од парите ќе се насочи кон реализација на општински проекти, а другиот дел, како што се најавува, ќе се пласира во поволни кредити за компаниите.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично