ПОВЕЌЕ

    И без текстил „Тетекс“ ткае добивка

    Време зa читање: 2 минути

    Различните дејности со кои се занимава, на тетовски „Тетекс“ му обезбедија зголемување на добивката. Според неревидираниот единечен биланс на успех, на крајот од септември остварувањето е 40.378 илјади денари или 656,5 илјади евра. За споредба, во истиот минатогодишен период износот бил 18.267 илјади денари, односно 297 илјади евра. А, пак, консолидираниот биланс на успех покажува дека Групацијата има добивка од 23.918 илјади денари (речиси 389 илјади евра), наспроти ланските 289 илјади евра.

    Значајно е што ова акционерско друштво е основач и најголем акционер на ТТК банка, што е солидна подлога за постигнување резултати. Во тој контекст и податокот дека за девет месеци Банката ја натфрли добивката за 89,1 процент.

    „Во консолидираниот биланс на успех на групација Тетекс АД Тетово за период 01.01-30.09.2023 е вклучена ТТК банка АД Скопје по метод на основна главница, каде учеството на Тетекс АД во капиталот изнесува 44,007%; како и поврзаното друштво Петролгас ДООЕЛ Тетово, кое е избришано од регистарот на правни лица по пат на ликвидација на 29.09.2023“, информираат од компанијата.

    Во трите тримесечја, од продажбата на готови производи и услуги „Тетекс“ забележал приходи од 114.752 илјади денари (речиси 1,9 милиони евра). Како што се наведува, приливите се обезбедени од редовното работење, во што се вклучени приходите од кирии, услуги и продажба на материјали, готови производи и стоки.

    Понатаму, финансиските приходи се сочинети од примени дивиденди во износ од 77.688 илјади денари (над 1,2 милиони евра). Лани во тој период се работело за 28.615 илјади денари (465 илјади евра).

    Раст има и кај трошоците. Од јануари до септември направени се расходи од 120.771 илјада денари/1,96 милиони евра, додека во споредбениот период изнесувале 48.714 илјади денари/792 илјади евра.

    Компанијата е растоварена од кредитни обврски, па вниманието е насочено кон менаџирање на постојните капацитети на недвижен и движен имот, на залихите на материјали, производи и стоки. Целта е повисоки приходи и поголема добивка.

    Познато е, „Тетекс“ е некогашен текстилен гигант од југословенско време. Од производството на текстил се откажа во 2020 година, по што се преориентира кон рентабилни активности.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично