ПОВЕЌЕ

    ХРВАТСКА ВРАТИ МАКЕДОНСКИ ПИПЕРКИ АЈВАРКИ ПРЕПОЛНИ СО НЕДОЗВОЛЕНИ ПЕСТИЦИДИ: Овошје и зеленчук од Македонија „зачинето“ со отрови не поминува во ЕУ, го јадеме ли ние?

    Време зa читање: 3 минути

    Хрватските фитосанитарни власти повторно алармираа за небезбедност на земјоделски производ од Северна Македонија, откако пред неколку дена на границата беше запленет и уништен контигент црвени пиперки-ајварки во кои било откриено присуство на опасниот инсектицид метомил, во количество што ги надминува дозволените граници. Според податоците објавени од хрватските портали анализите покажале дека овие пиперки претставуваат ризик по здравјето на потрошувачите, поради што целата пратка била повлечена и уништена.

    Европски систем за безбедност на храната (RASFF) соопшти дека кај пиперките увезени во Хрватска од Северна Македонија, по официјалната контрола на пазарот, споменатата штетна супстанца е откриена во количина од 0,049 милиграми метомил на килограм.

    Дозволеното ниво е 0,01 милиграм на килограм, што значи дека пронајдената количина е пет пати поголема од дозволената количина. Затоа е наредено итно повлекување на производот од пазарот на Европската Унија.

    Инспекцијата била извршена на 23 септември, а официјалното предупредување е издадено на 3 октомври. „Хрватска спроведува редовна контрола на сите пратки овошје и зеленчук што влегуваат во земјата. Кога лабораториските анализи укажуваат на присуство на недозволени супстанции, постапката е јасна — производите се повлекуваат и уништуваат,“ изјави претставник на Државниот инспекторат на Република Хрватска, објаснувајќи дека метомилот е пестицид чие користење е строго ограничено во Европската Унија поради неговата токсичност.

    Овој инцидент е најнов во серијата случаи во кои Хрватска во последните години враќа или уништува македонски земјоделски производи поради прекумерни количини на пестициди. Во 2022 година беа повлечени пратки со јаболка и зелка од Македонија, а сличен случај се случи и во 2021 година со домати кои содржеле остатоци од тиаметоксам.

    Домашната Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) заедно со Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ), врши засилени контроли, се вели во соопштението доставено до медиумите. Инспекторатот наведува дека нема информација за тоа како е постапено со пиперките, но на веб страницата на Европскиот систем за безбедност на храната е објавено дека тие се повлечени од пазарот.

    АХВ во неколку наврати изјави дека се преземаат мерки за подобрување на контролите и следливоста на производите. „Континуирано работиме на едукација на производителите за правилна употреба на заштитни средства и го засилуваме мониторингот на пестициди во земјоделските култури,“ изјавија од АХВ, додавајќи дека во најголем дел македонските производи ги исполнуваат европските стандарди.

    По утврдено присуство на пестицидот метомил во пратката од 15 тони пиперки домашните инспекциски служби веќе вршат контроли кај извозникот, откупувачите и индивидуалните земјоделски производители.

    Извозникот не е производител, пиперот го купил од други правни субјекти кои вршат откуп од индивидуалните производители – информираше Инспекторатот за земјоделство.

    Во 2020 година, по слична реакција на хрватските санитарни власти за пратка со тикви, тогашниот директор на Агенцијата, Зоран Атанасов, истакна дека „еднаш откриен случај не смее да фрли сенка врз целокупното производство“ и дека Македонија има систем за брза реакција и контрола.

    Хрватските медиуми, пак, забележуваат дека Македонија не е единствената земја од регионот со вакви случаи, но оти повторувањето на инцидентите покажува дека дел од земјоделците и натаму користат средства кои не се во согласност со европските регулативи. Оваа пракса, велат домашните експерти, сериозно влијае на довербата на купувачите и на имиџот на македонското земјоделство на европскиот пазар.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично