Од супермаркетите во Лондон до пазарите во Сеул и Акра – потрошувачите се соочуваат со растечки цени на основните прехранбени производи. Додека многумина вината ја бараат во геополитиката или пазарната спекулација, сè повеќе научни докази укажуваат на еден подлабок, системски фактор: климатските промени.
Нова сеопфатна студија, објавена во рецензираното списание Environmental Research Letters, ја потврдува оваа поврзаност. Истражувачки тим предводен од Центарот за суперкомпјутери во Барселона и Европската централна банка, анализираше 16 драматични случаи на поскапувања на храна по екстремни временски услови во периодот 2022–2024 година. Во секој од случаите, временските непогоди – од суши до поплави и рекордни топлотни бранови – предизвикале намалување на приносите и нарушување на синџирите на снабдување, со што директно влијаеле врз цените.
Во Калифорнија и Аризона, трите најсушни години во историјата предизвикаа зголемување на цените на зеленчукот за над 80% во 2022 година. Во Австралија, поплавите ја зголемија цената на зелената салата за 300%, додека KFC дури почна да ја заменува со зелка. Во Европа, долготрајната суша во Шпанија и Италија – двете најголеми производителки на маслиново масло – придонесе за скок на цените од 50% низ целата ЕУ.
Еден од најзагрижувачките примери доаѓа од Западна Африка, каде какаото – од кое зависат милиони фармери – забележа глобален пораст на цената од 300% поради сушата и рекордните температури до 50°C во Гана и Брегот на Слоновата Коска.
Овие скокови на цените имаат пошироки импликации. Според истражувачите, климатските шокови ја поттикнуваат инфлацијата, ја отежнуваат монетарната политика и ги зголемуваат социјалните тензии. Во Велика Британија, екстремно топлата пролет придонесе за неочекувано висока инфлација, која ги намали изгледите за намалување на каматните стапки.
Истражувањето покажува и врска меѓу зголемувањето на цените на храната и политичките случувања – како протестите во Мозамбик во 2010 година или изборните резултати во САД.
„Цената на храната е меѓу најнепосредните климатски последици што луѓето ги чувствуваат“, изјавува д-р Максимилијан Коц, водечкиот автор на студијата. „Дури и ако не сте погодени од поплава или суша, ќе го почувствувате влијанието преку вашиот паричник.“
Студијата користи климатски податоци од Copernicus ERA5 (1940–2024) и индекс за суша заснован на врнежи и испарување (1901–2023), за да процени колку се необични настаните што довеле до скокови на цените. Резултатите се загрижувачки: многу од временските екстреми „целосно ги надминале сите историски преседани пред 2020 година“, велат авторите.
На пример, топлотниот бран во Азија во 2024 година влијаел врз цел регион – Индија, Кина, Јужна Кореја, Јапонија – предизвикувајќи скок на цените на сè, од кромид и ориз до зелка.
Културите што се произведуваат во ограничени региони – како кафето од Бразил и Виетнам, или какаото од Гана – се особено ранливи на климатски шокови. Ваквата концентрација создава глобална нестабилност: ако временските услови се влошат во тие региони, последиците ги чувствуваат потрошувачите ширум светот.
Студијата јасно посочува дека климатските промени веќе го нарушуваат глобалниот прехранбен систем. Намалување на емисиите, инвестиции во климатски-отпорно земјоделство и мерки за социјална заштита се неопходни за да се спречат понатамошни шокови.
„Ценовната нестабилност на храната не е само економски предизвик – тоа е прашање на здравје, еднаквост и безбедност“, заклучуваат истражувачите.