Нецели сто илјади евра е добивката на ГТЦ остварена во првото полугодие од годинава. Можеби се чини малку за стопанисување со таков објект, кој со децении е гордост на скопјани, но сепак, добро е по загубите кои претходно се книжеа и со оглед на конкуренцијата што ја има од новоизградените шопинг-молови.
Вообичаено, дали се позитивни или негативни, известувањата од „Градски трговски центар“ АД Скопје се куси и без поголеми појаснувања. Во последното е забележано дека во првото шестмесечие Друштвото остварило вкупни приходи од 122.939.000 денари, што е близу два милиони евра. Трошоците во овој период се во износ од 116.790.000 денари или речиси 1,9 милиони евра. Зголемувањето и во двете ставки е за еден процент во однос на претходната година.
Оттаму, се посочува, „остварен е позитивен финансиски резултат во бруто износ од 6.149 илјади денари“.
Исто така, и во ова образложение кон финансиските резултати објавено на Македонска берза, пишува:
„Целта на нашето работење е да оствариме позитивни резултати во наредниот период за тековната 2024 година со максимално ангажирање и целосно искористување на капацитетите со кои располага нашето Друштво“.
Како потсетување, лани по одработените први шест месец ГТЦ беше во позитива од над 88 илјади евра, но 2023 ја заврши со загуба од над 457 илјади евра. Тогаш од ГТЦ информираа дека нема начин за санирање на минусот и со одлука од акционерското собрание се потврди дека останува непокриен. Причините за лошиот исход беа лоцирани во неатрактивниот деловен простор, кој не поттикнува интерес за закуп, но и во превработеноста. Впрочем, ова претпријатие, во кое главен акционер со 97,58 проценти е АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост, со години наназад се смета дека служи за вдомување партиски кадри. Затоа и никој не понесе одговорност за скандалите што повремено го тресеа. Освен тоа, менаџментот управува со триесеттина проценти од деловниот простор. Иако добар дел од дуќаните се во приватна сопственост, тоа не е причина сопствениците да се вклучат во управувачката структура. Лошото менаџирање заедно со повеќето изградени шопинг-центри кои ги има во речиси сите скопски општини, ја намалија атрактивноста на ГТЦ. Во овој случај не е доволно само гушкањето од скопјани, ниту локацијата во најстрогиот центар на главниот град, за да се вратат славата и сјајот на овој единствен објект. Зашто, и досега видовме – ГТЦ може одвреме-навреме да влезе во плус и да оствари профит, но не може без помош да ги смени реалните состојби што го влечат надолу.