ПОВЕЌЕ

    Групација Триглав: Околностите предизвикаа повеќе работа и помал профит

    Време зa читање: 5 минути

    Во првите три месеци од годинава, Групацијата Триглав ефикасно го зголеми обемот на работа – на 484,6 милиони евра и оствари 18,5 милиони евра профит пред оданочување. Резултатите беа под влијание на предизвикувачките деловни околности, дополнети од ефектите на инфлацијата, повисокиот интензитет на оштетени побарувања, понискиот резултат од здравственото осигурување и ефектите на методолошките одлуки во транзицијата кон сметководствените стандарди МСФИ 17 и МСФИ 9. Во соопштението од Групацијата се посочува дека останува финансиски силна, продолжува да ги спроведува стратешките развојни активности со изразен фокус на клиентите, дигитална трансформација и амбиции за одржливост.

    Деловната 2022 година беше успешна за компанијата, поради што, се наведува, Управниот и Надзорниот одбор на Заваровалница Триглав на Годишното собрание на акционери, закажано за шести јуни, ќе предложат исплата на дивиденда во бруто-износ од 2,50 евра по акција.

    Што се однесува до првото годинешно тримесечје, Групацијата Триглав оствари добивка пред оданочување од 18,5 милиони евра, што е за 37 отсто помалку од истиот период лани. Нето-добивката изнесува 16,1 милион евра, што е намалување од 39 проценти.

    Постигнатото го образложува Андреј Слапар, претседател на Управниот одбор на Заваровалница Триглав:

    „Во предизвикувачко деловно опкружување, во првиот квартал од оваа година ја задржавме нашата финансиска моќ, силната пазарна позиција и работевме добро согласно дадените околности. Нашиот стабилен деловен модел и диверзифицирана понуда на производи ни овозможија ефикасно зголемување на обемот на деловното работењето и постигнување на добар инвестициски резултат и поволна состојба на финансиските пазари. Истовремено, на резултатите на Групацијата влијаеја и зголемените трошоци како резултат на инфлацијата, зголемените оштетни побарувања во сегментите на неживотно и здравствено осигурување, понискиот резултат од здравственото осигурување како и последиците од избраните методолошки пристапи во транзицијата кон МСФИ 17“.

    Најголемиот дел од добивката пред оданочување (14,8 милиони евра) е остварен преку осигурителни активности, од кои 11 милиони евра од сегментот на неживотно и 4,2 милиони евра од животно осигурување. Резултатот од здравственото осигурување е негативен (-0,4 милиони евра) поради специфичностите на овој сегмент, зголемените оштетни побарувања и управувањето со дополнителните резерви за време на пандемијата. Добивката од активностите за преземање осигурителни ризици достигна 9,2 милиони евра, а намалувањето од 51 отсто е резултат на високиот раст на оштетни побарувања. Добивката од финансиските инвестиции се зголеми за осум насто – на 5,6 милиони евра во однос на претходната година. Добивката пред оданочување од неосигурувачки операции е 3,7 милиони евра. Нејзиниот пад за период од една година е резултат на зголемената добивка лани, поради продажбата на инвестициски имот во висина од 5,2 милиони евра.

    Другата сеопфатна добивка на Групацијата изнесува 8,1 милиони евра, додека во истиот период од 2022 била 13,2 милиони евра. Нејзината висина првенствено е под влијание на фактот дека зголемувањето на вредноста на портфолиото на обврзници поради намалувањето на каматните стапки било поголемо од промената на вредноста на обврзниците.

    Како и на крајот од првиот квартал, вкупниот биланс на состојба на Групацијата се зголемил за три насто во однос на крајот од 2022 година, на четири милијарди евра. Вкупниот биланс на состојба на матичната компанија изнесувал 2,8 милијарди евра. Вкупниот капитал е 923,9 милиони евра, а проценетата капитална адекватност изнесува 202 проценти.

    Вкупниот обем на работа на Групацијата изнесува 484,6 милиони евра, што е за девет насто повеќе во однос на споредбениот период.

    Приходите од издадени договори за осигурување изнесуваат вкупно 331,1 милион евра, а расходите 279,8 милиони евра. Притоа, приходите од неживотно осигурување изнесуваат 260 милиони евра, додека расходите се 211,9 милиони евра. Приходите од животно осигурување достигнаа 19,4 милиони евра, а расходите- 16,8 милиони евра. Во сегментот на здравственото осигурување приходот е 51,7 милиони евра, а расходите 51,1 милион евра.

    Износот на бруто ликвидирани штети на ниво на Групација изнесува 252,3 милиони евра, што е за 27 проценти зголемување во однос на истиот период претходната година. Во најголемиот сегмент, неживотното осигурување, бруто ликвидираните оштетни побарувања се зголемиле за 40 насто, на 141,8 милиони евра, во сегментот на здравствено осигурување за 26 проценти – на 53 милиони евра, а во сегментот на животно и пензиско осигурување биле повисоки за три насто или во износ од 57,5 милиони евра.

    Поддржан од поволниот тренд на финансиските пазари и спроведувањето на зацртаната инвестициска политика, резултатот од инвестициите изнесуваше 25,5 милиони евра, помалку од споредбениот период – 28,7 милиони евра.

    Бруто оперативните трошоци на Групацијата се зголемија за 13 насто – на 98,8 милиони евра. Трошоците од осигурителните активности изнесуваат 87,6 милиони евра, што е за 14 проценти повеќе, пред се поради зголемената инфлација. Оперативните трошоци на осигурителните операции пораснаа во сите осигурителни сегменти: за 25% кај здравствено осигурување, за 15% во неживотно осигурување и за 5% кај животното осигурување.

    Групацијата го поддржува укинувањето на постоечкиот систем на дополнително здравствено осигурување што е можно побрзо. Висината на загубата од дополнителното здравствено осигурување се зголемува со времетраењето на Регулативата. Во дијалог со Владата на Р. Словенија и Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Групацијата ги презема сите неопходни чекори за заштита на интересите на своите осигуреници,  акционерите во компанијата и другите заинтересирани страни.

    Воедно, од Групацијата потенцираат дека ја следат главната стратешка цел – извонредно и еднообразно корисничко искуство на клиентите во рамките на сите канали, процеси, производи и компании. Тоа е согласно стратегијата на Групацијата Триглав до 2025 година и нејзината ориентација за одржливост. Групацијата ги следи своите поставени амбиции за одржлив развој во еколошките, социјалните и управувачките области, систематски спроведувајќи ги во двете стратешки активности воспоствените процеси, во својот однос со општествената средина и во корпоративното управување. Исто така, се посочува дека Заваровалница Триглав и Триглав Склади станаа потписници на Принципите за одговорно инвестирање на Обединетите нации. Покрај тоа, во тек се подготовките за известување според Регулативата за обелоденување на одржливите финансии во управувањето со средства.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично