ПОВЕЌЕ

    Грковска: Институциите обврзани на транспарентност и отчетност пред граѓаните

    Време зa читање: 3 минути

    Граѓаните имаат право на пристап до информациите преку кои добиваат претстава за тоа како функционира системот и како властите располагаат со нивните парите кои се слеваат во буџетската каса. На тој начин имаат можност да ги детектираат слабостите, пропустите и да алармираат за сите недоследности, истакна Славица Грковска, вицепремиерка задолжена за политики за добро владеење, при презентацијата на Упатството за подобрување на транспарентноста на институциите во јавниот сектор. „Транспарентноста и отчетноста на институциите се, несомнено, најважните елементи во процесот на справување со корупцијата, но и во јакнење на интегритетот“, посочи таа.

    По иницијатива на Грковска, Владата ги задолжи институциите да го почитуваат Упатството и проактивно да ги објавуваат податоците. Инаку, Упатството беше подготвено во соработка со Агенцијата за заштита на слободен пристап до информации од јавен карактер и со Центарот за управување со промени. Претходно, пак, беше направена анализа, со која се утврди за кои податоци граѓаните, медиумите и невладиниот сектор најмногу се интересираат преку барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер.

    Оттаму, Упатството дава приказ на податоците кои институциите треба да ги објавуваат, но согласно Закон не се класифицирани како заштитени информации. На тој начин, преку посета на официјалната веб страница на било која од институциите ќе може да се дојде до потребните информации.

    Според вицепремиерката, со достапноста на информациите до јавноста се зголемува контролата врз работењето на институциите, се утврдуваат системските слабости и се врши значајна контрола врз начинот на кој се трошат парите на граѓаните. „Секако, на овој начин се зајакнува и контролата на квалитетот на услугите што институциите им ги даваат на граѓаните. За прв пат имаме систематизиран документ кој дава точни насоки за институциите во однос на транспарентноста, со што се избегнуваат сите нејаснотии и дилеми кои за некои институции беа аргумент за непостапување“, рече Грковска.

    Извршната директорка на Центарот за управување со промени, Неда Малеска- Сачмароска посочи – истражувањето покажало дека во изминатите три години најголемиот дел барања за пристап до информации од јавен карактер се однесувале на прашања поврзани со јавните набавки, финансиското работење на институциите – патни трошоци, дневни трошоци, користење службени возила, бројот на вработените во институциите од јавниот сектор… „Бидејќи работата на институциите се финансира од граѓаните, сите податоци кои не се лични, или класифицирани информации, им припаѓаат на граѓаните и треба да се објават“, нагласи Малеска- Сачмароска.

    Пламенка Бојчева, директорка на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, рече дека со активното и ажурно објавување на податоците, државата ги следи трендовите и тековите на современите демократии. „Тоа се тие современи трендови кон кои треба да се стремиме во борба против корупцијата и градењето на демократско општество во кое владее правото. Само преку отворено, отчетно, транспарентно и одговорно работење ќе ја вратиме довербата на граѓаните во институциите”, потенцираше Бојчева.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично