ПОВЕЌЕ

    ГРЧКИТЕ ПРОТЕСТИ ЈА ЗАТВОРИЈА ЈУЖНАТА ВРАТА: Македонија директно погодена од блокадите

    Време зa читање: 4 минути

    Грција влезе во дводневен сообраќаен мрак, а првите последици директно ќе ги почувствуваат патниците и транспортерите од Македонија. По повеќенеделните протести, грчките земјоделци решија да ја радикализираат својата борба и во следните 48 часа практично да ја парализираат националната патна мрежа и граничните премини, создавајќи сериозен ризик од целосен колапс на сообраќајот во поширокиот регион.

    Според најавите, од денеска започна целосна блокада на главните премини кон Македонија. Најфреквентниот граничен премин Евзони од грчка страна, односно Богородица од македонска, ќе биде затворен за сите видови возила од 17 часот по македонско, односно 18 часот по грчко време. Иако претходно се споменуваше затворање уште напладне, последните информации говорат дека тракторите ќе ја спуштат рампата во попладневните часови, а блокадата ќе трае најмалку 48 часа, без исклучоци за камиони, автомобили или автобуси.

    Уште поранo е прекинат сообраќајот на преминот НикиМеџитлија, кој е затворен од утринските часови. Според грчката новинска агенција АНА-МПА, забраната формално важи за сите возила, иако земјоделците најавуваат дека повремено ќе пропуштаат колони, што во пракса значи долги чекања и неизвесност за сите што ќе се обидат да минат.

    Единствено олеснување засега претставува граничниот премин Дојран, каде што сообраќајот се одвива непречено и без поставени блокади, поради што надлежните апелираат токму овој правец да се користи како алтернатива, иако се очекува зголемен притисок и таму.

    Блокадите не се ограничуваат само на границата со Македонија. Затворени ќе бидат и премините кон Бугарија, како и Какавија кон Албанија, а во внатрешноста на земјата состојбата ќе биде уште покритична. Патувањето меѓу Солун и Атина ќе биде практично невозможно, бидејќи земјоделците најавија блокади не само на автопатот што ги поврзува двата најголеми града, туку и на споредните патишта. Истата слика се очекува и на автопатот Егнатија, на патиштата на Пелопонез и во западниот дел на Грција, со што земјата ќе биде пресечена на два дела.

    Одлуката за ваква масовна и координирана 48-часовна акција беше донесена на состанокот на земјоделците одржан во неделата во Малгара, непосредно по празникот Водици, кој во Грција се одбележува на 6 јануари. Оттаму беше испратена јасна порака дека протестите влегуваат во порадикална фаза, по повеќе од 40 дена незадоволство и блокади што започнаа на 30 ноември.

    Во меѓувреме, грчката Влада се обиде да ја смири ситуацијата, објавувајќи пакет мерки за поддршка на земјоделците. Вицепремиерот Костис Хаџидакис истакна дека од вкупно 27 барања, 16 веќе се исполнети или се третираат позитивно, четири се во фаза на разгледување, а седум се надвор од буџетската или европската рамка. Мерките вклучуваат намалување на цената на струјата на 8,5 центи за киловат-час до 2028 година, поврат на посебниот данок за нафта, целосно покриено обесштетување при елементарни непогоди и воведување специјален баркод за потеклото на земјоделските производи. Сепак, земјоделците оценија дека станува збор за веќе познати решенија и останаа на ставот дека блокадите продолжуваат.

    Паралелно со протестите, реагираше и правосудството. Обвинителот на Врховниот суд на Грција, Константинос Ѕавелас, испрати нова наредба до обвинителите низ целата земја, со која потсетува дека попречувањето на сообраќајот и блокирањето на патиштата претставуваат кривични дела што се гонат по службена должност, особено кога се загрозува безбедноста во сообраќајот. Во неа се нагласува дека непреченото функционирање на транспортната инфраструктура е општествено добро што мора да се заштити.

    Според грчките медиуми и информациите на МИА, доколку блокадите не престанат, Владата е подготвена да го активира таканаречениот „План Б“, кој предвидува административни казни за сите што ќе продолжат со затворање на патиштата. До тогаш, и Македонија и регионот ќе мора да се подготват за два дена со сериозни застои, неизвесност и апели за максимална претпазливост при секое патување кон или низ Грција.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично