Една жена е приведена на грчкиот остров Тинос поради прекршување на прописите за заземање јавен простор на плажите, при рации на надлежните органи претходниот ден, соопшти Министерството за финансии на Грција. За време на рациите спроведени од полицијата, обвинителството и надлежните инспекциски служби било откриено е дека 3.000 квадратни метри плажа и крајбрежје на овој остров биле незаконски окупирани од туристички претпријатија и приватни лица. Уапсената веќе претходно била казнета, но ја игнорирала забраната.
Инспекциите на популарните плажи на островот покажале дека 3.000 квадратни метри простор дополнително на дозволеното со дозволите биле окупирани од лежалки, чадори за плажа и полупостојани инсталации на плажа. Од плажата Агиа Киријаки се отстранети дивите предмети и инсталации, се вели во соопштението, а ќе следат и останатите плажи. За потрајните објекти кои ги надминуваат одредбите од дозволите, во одредени случаи се издадени протоколи за уривање и преземени потребните административни мерки.
Ова е само една од акциите кои грчките власти ги спроведуваат во туристичките места на грчкото крајбрежје откако во јавноста доби на гласност иницијативата на граѓански здруженија обединети под мотото „Да си ги вратиме плажите“, која ја почнаа жителите на островот Парос. Иницијативата набргу прерасна во таканаречена „пешкир-револуција“ во која незадоволните локални жители застанаа против алчните сопственици на барови на плажа кои не дозволуваат простор на камчињата и песокот на плажите во Грција со тоа што ги натрупуваат со лежалки. Со барање да профункционира правната држава, на ова движење набргу се приклучија и жителите и посетителите на другите острови, како што се Наксос и Крит, а протести против узурпации на плажите месецов имаше и на Халкидики.
Под притисок на оваа масовна кампања за непречен пристап на луѓето до плажите, инспекторите кои излегоа на терен констатираа исклучително голем број прекршоци од страна на деловните субјекти со чадори, лежалки и барови на плажа низ земјава, во период од четири дена меѓу 8 и 11 август, пишува грчкиот весник Катимерини.
За само три дена биле констатирани 413 прекршоци во 1.312 контроли на физички лица и деловни субјекти. Тие вклучуваат окупација на земјиште надвор од изнајмената површина и во некои случаи окупација на плажата без дури и закуп. Беа извршени проверки на плажите во 38 регионални области, со фокус на областите со голем туристички промет. Индикативно, проверки се извршени во 44 бизниси на Халкидики, 90 во Магнезија, 109 на Кикладите и Додеканезите, 138 на Крит и 191 на Пелопонез.
Според грчките закони, нема приватни плажи. Сепак, узурпацијата на плажите од страна на концесионерите со години била толерирана. Во мај годинава, Врховниот суд на Грција испратил меморандум до обвинителите во кој повтори дека останува нелегално да се блокира пристапот до јавните плажи и дека оние што ги прекршуваат правилата треба да бидат санкционирани.
Југослава Дуковска