ПОВЕЌЕ

    ГРЦИЈА ПОД ЛЕДЕН БРАН: Втор ден снег, мраз и силни ветрови ја парализираат земјата

    Време зa читање: 3 минути

    Од вчера, понеделник, Грција влезе во вистинска зимска офанзива, каква што ретко се памети последниве години. Денес земјата се разбуди под длабок мраз, со температури под нулата, силни северни ветрови и снежни врнежи што ја покрија и северна и централна Грција, а на места се спуштија и до ниските надморски височини. Студениот бран, кој започна од северните делови, брзо се прошири и го стави државниот механизам во состојба на зголемена готовност.

    Според Грчката Национална метеоролошка служба (EMY), наглото опаѓање на температурите започна вчера попладне и ќе продолжи најмалку до утре наутро, со пад од дури 10 до 12 степени Целзиусови во однос на претходните денови. Мразот е најизразен во утринските и ноќните часови, особено во северните региони, каде што е издадено и портокалово предупредување за локално силен мраз. Во исто време, силните ветрови достигнуваат интензитет од 7 до 8 бофори, создавајќи дополнителни проблеми во сообраќајот и по крајбрежјето.

    Снегот од вчера навечер ги зафати планинските и полупланинските области на копнена Грција, како и делови од Халкидики и пошироката област на Солун. Белило осамна и на островите во северниот Егеј, меѓу кои Лимнос, Лезбос и Хиос, додека снежна покривка се формираше и на планините околу Атина, особено на Парнита и Пентели. Иако во атинскиот басен врнежите главно се слаби, студот е остар, а северните предградија утринава измерија температури под нулата.

    Северна Грција веќе втор ден е целосно обвиткана во бело. Лерин, Загорохоријата и пошироката област околу Касторија се соочуваат со обилни снежни врнежи и замрзнати патишта, додека во Епир, особено околу Мецово, машините за чистење снег работат без прекин уште од раните утрински часови. Снег е регистриран и во Етолија-Акарнанија и околината на Калаврита, каде што условите за движење се отежнати.

    На островите, ситуацијата е подеднакво сложена. Во Евиа снегот се спушти и во пониските предели, додека на Крит врнежите се задржаа главно во планинските и полупланинските региони, каде што се очекува да продолжат и до утре. Во некои делови од островот имаше и прекини во сообраќајот поради силен град и лизгави коловози.

    Поради опасните услови, Генералниот секретаријат за цивилна заштита ги повика граѓаните да ги ограничат движењата, да патуваат само доколку е неопходно и исклучиво со зимска опрема. Посебен апел беше упатен до возачите да користат синџири за снег, да имаат полни резервоари и да ги информираат блиските за рутата по која се движат. Службите за цивилна заштита се во постојан контакт со општините, а екипите за итни интервенции се распоредени на критичните точки.

    Тешките зимски услови веќе го променија секојдневието. Голем број училишта низ земјата остануваат затворени или работат со одложен почеток, поради мразот и небезбедните патишта. Во некои општини наставата се одвива онлајн, додека градинките и центрите за дневна грижа продолжуваат со работа таму каде што условите го дозволуваат тоа. Одлуките, како што соопштија локалните власти, се носат од ден на ден, во зависност од развојот на времето.

    И покрај сериозноста на ситуацијата, има и такви што го дочекаа студениот бран со ентузијазам. Љубителите на зимските спортови ги искористија свежите снежни наноси во планинските предели, додека белата глетка донесе и редок зимски пејзаж во делови од земјата каде снегот е ретка појава. Сепак, метеоролозите предупредуваат дека најлошото сè уште не е зад нив и дека силниот студ, мразот и снежните врнежи ќе продолжат и во текот на денешниот ден, држејќи ја Грција во состојба на висока подготвеност.

    (Фото: Unsplash)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично