Граѓанската обврзница ќе биде издадена во јуни – на износ од најмалку десет илјади денари и со рок на доспевање од две години. Каматната стапка се уште не е утврдена. Овој инструмент, според предвидувањата, во државната каса годинава треба да донесе прилив од 50 милиони евра. Сепак, покрај државата, бенефит ќе има и за граѓаните и за економијата.
Веста беше пласирана неодамна, а сега ја потврди министерот за финансии Фатмир Бесими, кој вели дека целта на издавањето на граѓанската обврзница не е ликвидноста на Буџетот.
„Издавањето на оваа обврзница, заедно со развојната, зелената и проектната обврзница се предвидени уште со Планот за забрзан раст. Граѓанската обврзница е предвидена и во Буџетот за 2023, односно нејзиното издавање е дел од предвиденото задолжување во оваа година на домашниот пазар и таа нема да го зголеми дефицитот и јавниот долг“, посочи министерот.
За овој чекор подготовките се одвиваат веќе две години, а оценето е дека сега се поволни предусловите за нејзино издавање.
„Од издавањето на граѓанската обврзница ќе имаат придобивки и граѓаните и државата и економијата. Граѓаните ќе имаат можност да ги инвестираат своите пари и да ја заштитат нивната вредност. Државата на тој начин ќе обезбеди финансирање по пониски стапки од она што е на меѓународните пазари, а средствата ќе бидат искористени за развојни проекти, што ќе има позитивно влијание и врз економијата“, нагласи Бесими. Идејата, како што вели, е граѓаните да станат свесни за значењето на инвестирањето. Парите кои не се инвестираат, во услови на инфлација ја губат вредноста.
Планирано е годинава да се емитуваат граѓански обврзници во износ од 50 милиони евра, а каматната стапка ќе биде повисока од банкарските што се однесуваат на влоговите. Сепак, ќе е пониска од стапките по кои државата се задолжува на финансиските пазари.
Министерот смета дека овој потег нема негативно да се одрази врз граѓанските заштеди во банките и вели, граѓаните ќе имаат поголема корист ако ја инвестираат готовината во државни обврзници, а депозитите да ги остават во банките.
Емитувањето на граѓанската, заедно со развојните, зелените и проектните обврзници, има за цел обезбедување инвестиции за развојни проекти и повисоки стапки на економски раст.
Искуство со граѓанската обврзница веќе има Хрватска, по чиј пример, како што беше најавено, се подготвува и македонската. Тамошните искуства се позитивни – повеќе од 43.000 лица, или над еден процент од Хрватите вложиле свои пари во народната тој инструмент, во износ од 1,35 милијарди евра. И таму рочноста е на две години, со годишен каматен принос од над три проценти и со минимален влог од 500 евра.