Читајте квалитетна содржина на порталот ПАРИ – таму каде што информацијата вреди.
Повеќе зијан отколку ќар се купувачите кои минатата година ги бркаа цените на горивата, но затоа нафтените компании се во дебел ќар со зголемени приходи и профити. Додека Регулаторната комисија за енергетика ги менуваше цените нагоре надолу на секои 3-4 дена, купувачите залудно ги ловеа цените пред да пораснат. Од граѓаните и компаниите, 10 нафтени компании во минатата година „наточија“ вкупно 50,8 милијарди денари, а од бизнисот направија профит од вкупно 2 милијарди денари.
И така ја направија 2024 година за нафтениот сектор повеќе од успешна. Анализата на Pari.com.mk покажа дека сите овие компании освен една имаат раст на профитите и на приходите, притоа задржувајќи приближно ист број вработени.
Од вкупно остварените приходи од 50,8 милијарди денари, дури 31,1 милијарда денари припаѓаат на Макпетрол. Скопскиот нафтен гигант останува најголема нафтена компанија во земјата. Остварените приходи во 2024 година се за 2,24% поголеми во однос на 2023. Секој вработен од вкупно 2.011 во Макпетрол и донел приход на компанијата во износ од 15,5 милиони денари.
Другите девет нафтени компании имаат приходи помали од 10 милијарди евра. Зад Макпетрол е Лукоил Македонија со остварени приходи од 9,4 милијарди денари во 2024 година, кои се поголеми за 5,9% во однос на претходната година. Во Лукоил имало 545 вработени, со што компанијата оствари 17,3 милиони денари приход по вработен.
Кумановската Детоил има поголем раст на приходите од претходните две, но помал апсолутен износ на вкупни приходи. Детоил во 2024 ги зголеми приходите за 6,7% и тие достигнаа 3 милијарди денари. Оваа компанија може да се пофали и со далеку поголем ќар од своите 132 вработени – секој од нив и донел приход од 22,7 милиони денари.
Следува Дади компани од Виница со вкупни приходи од 2 милијарди денари, пто претставува раст од 4,5% во однос на 2023 година. Оваа компанија прави милијарди со 91 вработен, со што од секој вработен заработува 21,7 милиони денари. Дади компании во 2024 го зголемила бројот на вработени за 20%, со што е на прво место во конкуренцијата.
Хени компани од Липково е последната нафтена компанија во ова друштво со приходи поголеми од една милијарда. Во 2024 година, нејзините приходи изнесуваат 1,3 милијарди денари и се поголеми за 32% во однос на 2023, со што Хени компани се рангира меѓу најуспешните нафтени компании во земјава. А, на самиот врв е и според приходите по вработен, кои изнесуваат дури 35,3 милиони денари.
Поголем раст на приходите од Хени компани има само Бест веј инвестмент од Скопје. Приходите на оваа компанија во минатата година изнесуваат 866 милиони денари и се поголеми во однос на 2023 за дури 48,8%. Приходот по вработен во оваа компанија изнесува 26,2 милиони денари.
Виена петрол од Валандово е единствената нафтена компанија која има помали приходи за 13% во 2024 во споредба со 2023. Приходите во минатата година изнесуваа 893 милиони денари.
Следуваат Еуро петрол од Чешиново Облешево со приходи од 814 милиони денари (раст од 5,2% во однос на 2023), Бунар петрол од Гостивар со вкупни приходи од 734 миолиони денари, што претставува раст од 3% во однос на 2023, и Крон оил од Липково со приходи од 713 милиони денари, што е раст од 3,4% во однос на претходната година.
И профитите се мерат во милијарди и милиони
Кога ќе ти порасне профитот за 1.044,71%, е тоа значи дека навистина ти се погодила годината. Токму толку е зголемена добивката на кумановската нафтената компанија Детоил во 2024 година, во услови кога приходите и пораснале само за 6,69%. Во минатата година, Детоил оствари добивка од 226,8 милиони денари и е на 4-то место на листата на 10 најуспешни нафтени компании.
Лидер е Макпетрол со остварена добивка од 1,1 милијарда денари, што претставува раст од 38% во однос на 2023 година.
На високото второ место е Бест веј инвестмент со профит од 266 милиони денари. Бидејќи нема податоци за остварениот профит на оваа компанија во 2023 година, не може да се измери растот во 2024 година, а скоро неверојатно е дека може да има евентуален пад во остварената добивка.
И Лукоил Македонија бележи огромен раст на профитот од дури 65%, така што ја заврши 2024 година со вкупна добивка од 231 милион денари.
Добивките на другите 6 компании во ова друштво се далеку помали во апсолутен износ. Хени компани од Липково оствари добивка од 50 милиони денари и ја зголеми за 6,2% во однос на 2023. Крон оил од Липково е единствената со намалена добивка, за 0,09%, со што ја заврши годината со профит од 41 милион денари.
Затоа пак Дади компани ја зголеми за 70,6% и оствари добивка од скоро 36 милиони денари, додека Виена петрол од Валандово има фанатстичен раст на профитот од 489%. Оваа компанија во 2024 година имаше добивка од 28,7 милиони денари. На 10-то место според големината на профитот е Еко оил од Кочани. Оваа компанија има добивка од „скромни“ 27,6 милиони денари во однос на конкуренцијата, но може да биде задоволна што успеала да ја зголеми за 60% во однос на 2023.
Редакција Пари